X
 20.02.2016 Образование

Во 2015, ЕУ во Македонија доделила над 4.200.000 евра во грантови за млади и образование

Еразмус +“ е програма за образование, тренинг, млади и спорт на Европската унија. Буџетот за „Еразмус +“ од 2014 до 2020 година изнесува 14.7 милијарди евра во грантови, односно можности за над 4 милиони луѓе, кои се проценува дека ќе бидат дел од програмата во овој период. Оваа програма става фокус на поправање на шансите за работа на младите во борбата со невработеноста и поддршка на луѓето со помалку можности. Во рамките на програмата има акции за студентите, учениците, наставниците и професорите, волонтерите и младинските работници итн. 



Грантовите за проекти се доделуваат преку Националната агенција, за кои конкурс се објавува двапати годишно. Резултатите за грантовите се објавуваат јавно, на официјалната интернет-страница на Националната агенција. Од овие резултати пресметавме колку финансиски средства биле доделени преку програмата на македонски институции , здруженија и организации во текот на 2015 година. Вкупниот износот гласи: 4.272.790 евра.


Овие средства ги поделиле 66 различни тела, од кои 15 добиле грантови во двата рока на аплицирање, во април и октомври: Младиинфо Интернационал, Здружение на млади волонтери пожарникари СФЕРА, ГЕТ Иновација, Младински совет Прилеп, Универзитет „Апостол Павле“, Американ Колеџ, Универзитет на Југоисточна Европа, Евро Колеџ, СОУ „Јовче Тесличков“, СУГС „Гимназија Орце Николов“, Коалиција на младински организции СЕГА, Висока школа за новинарство и односи со јавноста, Универзитет „Гоце Делчев“, СОУ „Таки Даскало“ - Битола, ООУ „Гоце Делчев“ - Кавадарци.

Од резултатите дознаваме дека меѓу добитниците на грантови се наоѓаат организации, здруженија, фирми, државни и приватни училишта и државни и приватни универзитети. Впрочем, во првите 5 кандидати кои добиле најмногу грантови за една или повеќе намени во текот на изминатата година се наоѓаат четири универзитети и една висока школа:

- Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (221.250 евра) за Клучна акција 103, односно за мобилност на студенти и персонал во високо образование;

- Универзитет „Апостол Павле“ (243.755 евра) за Клучна акција 103, Клучна акција 107, односно за мобилност со партнерски земји и Клучна акција 203, односно за стратешки партнерства во високо образование;

- Високата школа за новинарство и односи со јавноста (270.520 евра) за Клучна акција 107, Клучна акција 203;

- Универзитетот на Југоисточна Европа (309.956 евра) за Клучна акција 103, Клучна акција 107, Клучна акција 201, односно Стратешки партнерства за образование и Клучна акција 107;

- Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип (349.343 евра) за Клучна акција 201 и Клучна акција 202, односно за стратешки партнерства за стручни обуки и тренинзи.


Што се однесува до типот на акциите, најмногу средства биле доделени за Клучната акција 103, односно за мобилност на студенти и персонал во високото образование, и тоа 913.850 евра.

Потоа, значаен процент бил издвоен за Клучните акции 204 за стратешки партнерства за образование на возрасни и 201 за стратешки партнерства за образование, и тоа 589.718 и 581.647 евра, соодветно.


Едни од најпопуларните акции во земјава се оние во рамки не Клучната акција 105, особено младинските размени и европскиот волонтерски сервис. Волонтерскиот центар во Скопје е една од организациите кои им помагаат на младите во земјава да станат дел од програмата преку остварување соработки со надворешни организации, организирање проекти и нудење можност на младите да учествуваат во тие проекти. Овие проекти вклучуваат можности за патување и интеракција со луѓе од слични сфери надвор.

- Пред се, проектите во земјите членки на ЕУ и другите европски држави, во рамките на Еразмус Плус Програмата, се наменети за младите да стекнуваат знаења и вештини од областа на неформалното образование и да го збогатат своето меѓукултурно искуство и познавање. Патувањата, кои се дел од овие проекти според нас се од второ-степено значење и не би требало да бидат прв приоритет и главна мотивација при учество на ваков вид проекти. Во таа насока, ние можеме да потврдиме дека младите многу често ги користат можностите за учество на најразличен вид на обуки, во други земји. - известуваат од Волонтерски центар - Скопје.

Од организацијата додаваат дека „контактите остварени за време на проектите и стекнатото искуство и знаење се од непроценлива вредност, за секој млад граѓанин на Македонија“, што го потврдуваат и студентите.

- Одлична можност за запознавање нови луѓе и култури, учење и добивање вредни вештини. Моето учество во Младинската размена во Романија изминатата година ќе го помнам како искуство кое ми го смени животот - вели студентка која била дел од еден проект.

- Мислам дека секој треба да оди на волонтирање пред да влезе во „вистинскиот свет“ бидејќи со тоа учите како да живеете сами на буџет, но имате и шанса да направите нешто добро за светот преку волонтирањето. Шетањето и дружењето се само дополнителни поволности - вели студент кој бил дел од акцијата во рамките на Европски волонтерски сервис во Полска.


Освен организациите, грантови има и за училишта и високообразовни институции. Во клучната акција 103 за мобилност на студенти и персонал во високо образование најголеми грантови во Македонија земал УКИМ - 221.250 евра. Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има добиено поголем севкупен износ во текот на целата година за повеќе акции, како и Универзитетот на Југоисточна Европа, Високата школа за новинарство и односи со јавноста и Универзитетот „Апостол Павле“.

И овие можности за мобилност се драгоцени и се препорачуваат од страна на професорите на факултети при УКИМ кои биле дел од нив, како што изјавија за „Факултети“ неодамна.


Во рамки на Клучните акции 219 и 101, за стратешки партнерства во училишно образование и за мобилност на ученици и персонал во училиштата најмногу средства во текот на 2015 година има добиено СОУ „Таки Даскало“ од Битола, 91.375 евра. Во табелата со резултати за добитниците на грантови ова училиште го имаше три пати со три различни износи, како што е претставено во графикот во продолжение.


Средни и основни училишта добиле и грантови во рамки на Клучната акција 102 за стручно образование и наука, за мобилност на ученици или наставен кадар. Во оваа акција, најголем грант во износ од 76.497 евра има добиено ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ - Охрид за мобилност на ученици.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование