X
 29.02.2016 Образование

Доктори по економија за извоз, а по математика нема за лек



Докторите на науки на возраст под 30 години некогаш можеле да се избројат на прсти. За нив се пишувало во весници и се правеле телевизиски прилози бидејќи тоа било невообичаен подвиг. Тие неретко станувале дел од политичкиот живот на земјата. Ваков е примерот со поранешниот политичар, а сега актуелен претседател на Македонскиот олимписки комитет Васил Тупурковски. Тој станал доктор по меѓународно право на свои 25 години со што практично бил најмлад доктор на науки во тогашна Југославија. Три години по него на иста возраст од само 25 години доктор на правни науки станал и контроверзниот политичар Воислав Шешељ. Двајцата своевремено важеле за најмлади доктори во СФРЈ. Во тоа време ретко доктори на науки станувале жени помлади од 30 години.

Доктор на науки се почесто се станува на 26 години

Денес е поинаку и се почесто под 30 години може да се добие титулата доктор на науки иако, рака на срце, не во секоја област. Интересно е што најголем дел од најмладите се жени.

Во 2014 година, за кога има последни статистички податоци, во Македонија дури седумнаесетмина помлади од 29 станале доктори на науки. Ова можеби не е изненадување за многумина, но сепак бројката е голема ако се спореди со 2010 година кога само шестмина биле на возраст под 29 години. Тоа значи дека во период од пет години имали дури 200 отсто зголемување во бројот на најмлади доктори на науки. Интересен е податокот што дури 14 од нив се доктори на општествени науки како што впрочем се и Тупурковски и Шешељ.

Статистиката покажува дека во 2014 година во Македонија докторирале 206 кандидати од кои повеќето се жени односно 106. Од седумнаесетмината помлади од 29 години девет биле од женски пол. На возраст меѓу 30 и 34 години докторирале вкупно 54, а меѓу 34 и 39 години докторирале 41 кандидат.

Над 40 години има најголем број на доктори на науки и тоа 94. Интересно е што во првите две категории помногубројни се жените, а во вторите категории каде кандидатите се повозрасни доминираат мажите. Најголем дел од најмладите на возраст од 29 докторирале економија и тоа шестмина, а потоа на безбедност-4. Ниту еден од најмладите не докторирал на ПМФ или Медицина.

Севкупно најголем дел од докторите на науки во 2014 година биле по економски науки и тоа 48 од сите 206 доктори на науки. Најмалку има на катердите по математика, информатика, енергетика, металургија, стоматологија, археологија каде има само по еден доктор на науки.

Анализата на статистичките податоци може да доведе до заклучок дека расте бројот на доктори по науки, доминираат жените и тоа во категориите до 34 години, а над таа возраст доминирраат мажите. Може и да се заклучи дека доктори по економија има за извоз, а доктори по математика, информатика и дузина други науки нема ниту за лек.
Подготвил: Ф.М.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование