X
 08.03.2016 Живот

Под љубопитното око на јавноста или колку имаме право да знаеме сe за секого

Со измените на Законот за заштита на личните податоци од 2010 година, Дирекцијата за заштита на личните податоци предвиде додавање на нова одредба со што го вклучи јавниот интерес како одредница при ценењето на повредата на правото на заштита на личните податоци. Во член 4-а се вели: „Одредбите од овој закон нема да се применуваат врз обработката на личните податоци што се врши за професионалното новинарство, само во случај ако јавниот интерес преовладува над приватниот интерес на субјектот на лични податоци“.




Во обид да ги запознае медиумите и да воспостави практика на фер и правично објавување на личните податоци во медиумите, Дирекцијата за заштита на личните податоци донесе препораки во кои се содржани основните начела за заштита на личните податоци при нивно медиумско објавување.

•    Правична обработка на личните податоци, односно обработка во согласност со закон или по претходно добиена согласност на субјектот на лични податоци;
•    Проценка на битноста на информацијата во однос на обемот на објавувањето на личните податоци и поставување на баланс помеѓу слободата на информирање и правото на приватност;
•    Анонимизирање на ликови, регистарски таблички и други лични податоци на граѓаните;
•    Задолжително анонимизирање на ликови и други лични податоци на малолетни лица;
•    Објавување на иницијали наместо име и презиме на лицата кои се жртви на несреќи или лица против кои се води судска или управна постапка.

Кога станува збор за објавувањето на лични податоци на јавни личности, новинарите треба да прават разлика помеѓу јавните личности “par excellence”, односно јавни личности кои извршуваат политичка функција и јавните личности кои се популарни, а не извршуваат јавна политичка функција. Доколку личните податоци кои се однесуваат на јавни личности кои не се јавни “par excellence”, не се релевантни за да се пренесе одредена вест и не се од јавен интерес, тогаш истите не треба да бидат објавени. Љубопитноста на јавноста не може да биде сфатена како јавен интерес. Заштитата на личните податоци на “обичниот граѓанин” и јавните личности е различна. Условот за почитување на приватноста е автоматски редуциран за онолку колку што самото лице е навлезено во јавниот живот или има контакт со други заштитени интереси. Во принцип, податоците на јавните личности можат да бидат објавени без согласност на истите.

Правната практика прави разлика помеѓу апсолутните и релативните лица на јавниот живот. Првата група вклучува лица кои се постојано под окото на јавноста заради нивната функција и улога во општеството. Релативни лица во јавниот живот се оние кои се интересни за јавноста повремено, заради нивната поврзаност со конкретен настан (победници на одреден настан, добитници на лото, наградна игра, криминалци). Податоците на релативните јавни личности може да бидат објавени само кога постои оправдан јавен интерес поврзан со одреден настан. Ова, исто така важи за објавување на информации поврзани со сторители на кривични дела за кои постапката е веќе завршена или пак за факти кои се случиле одамна, бидејќи во такви случаи не постои правен интерес. Сензационализмот со објавувањето на некорисни информации е дозволено било за апсолутни или релативни јавни личности, но не со цел да се повредува нивното право на приватност, а особено да не се попречува нивниот приватен живот.

Пишува: м-р Лилјана Пецова –Илиеска, портпарол на Дирекцијата за заштита на личните податоци
Доколку имате прашања, контактирајте нè на liljana.pecova@privacy.mk  или на info@privacy.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот