X
 09.03.2016 Образование

Дамјан Николовски: Дислексијата е дарба на една индивидуа и треба да се искористи талентот кој произлегува од неа

Здружението „Ајнштајн“ не постои многу долго, но во својот краток период на постоење, тоа успеа да им покаже на илјадници што е дислексија и да им помогне на родителите и наставниците со соочувањето со оваа состојба кај децата. Истото здружение стои зад мало истражување спроведено на скопски средни училишта, во кое било пресметано дека околу 17% од скопските средношколци имаат дислексија. Што треба да знаат родителите, наставниците и сите граѓани за оваа состојба? Разговаравме со Дамјан Николовски од здружението „Ајнштајн“.


Факултети: Колку време постои здружението „Ајнштајн“?

Дамјан Николовски: Здружението постои од Декември 2013 година, но најголем дел од активностите почнаа да се спроведуваат при крајот на 2014 година, што иако е прилично краток период можам со задоволство да кажам дека постигнавме навистина многу. Главна цел на здружението е подигнувањето на јавната свест за дислексијата, потоа правилен третман на лицата со дислексија и измена на законската регулатива со што дислексијата би влегла во законот како посебна состојба.

Факултети: Кажете ни дел за вашите активности во кои може да се вклучат заинтересираните.

Дамјан Николовски: Како што напоменав, здружението активно работи за подигнувањето на јавната свест за оваа појава во Р.М., а тоа најчесто го правиме преку најразлични кампањи. Моментално е активна кампањата „ЈАС ЗНАМ ШТО Е ДИСЛЕКСИЈА” . Во самата кампања досега свое учество земаа пејачката Симона Попоска, дизајнерката Ирина Тошева, пливачката Наташа Мешковска, Кајакарот Атанас Николовски, пејачката Сара Мејс, водителот Димитар Атанасовски и многу други. Целта е преку познатите личности од Р.М. да се допре до поголем број на граѓани да дознаат што претставува дислексијата.

Нашето здружение досега организираше 5 семинари „Дислексија-пристап, форми и методи” кои беа наменети за сите заинтересирани граѓани. Паралелно со сите активности во нашето здружение организираме отворени денови каде што сите кои имаат желба можат да присуствуваат. На овие средби се споделуваат искуства, знаења и најразлични совети од стручни лица за дислексија. Досега како дел од нашите активности се направени неколку истражувања за запознаеноста на одделенските наставници со дислексијата и колку ученици имаат проблеми со читањето.

Оваа година за прв пат во Р.М. организиравме конференција на тема дислексија на која што гостин беше Г-ѓа Мери О Доуд, експерт за дислексија од Р. Ирска. Ова се само дел од нашите активности. Апелирам до сите граѓани на Р.М. кои сакаат да направат нешто повеќе за илјадниците деца кои се соочуваат со дислексијата да се обратат во нашето здружение бидејќи секоја помош за нас и за остварувањето на нашата цел е добредојдена.






Факултети: Што треба да знаат родителите за дислексијата?

Дамјан Николовски: Дислексијата не е ништо страшно, а токму и тоа е нашето мото. Дислексијата треба да се разбере како дарба на една индивидуа и токму затоа раното препознавање на иста е многу важно со цел да се да се надминат тешкотиите и при тоа да се искористи талентот кој произлегува од дислексијата. Многу е важно да се знае дека со децата кои што имаат дислексија треба да се постапува внимателно односно да се избегнуваат сите погрдни зборови кои најчесто се употребуваат за децата кои имаат проблеми со учењето. МОТИВАЦИЈАТА и ПОДДРШКАТА од родителите и наставниците е многу важна со цел градење на личности без фрустрации.





Факултети: Дали се планираат новости во блиска иднина?

Дамјан: Секако набрзо започнуваме до едукативни работилници наменети за наставниот кадар на територијата на цела Република Македонија. Во завршна фаза е формирањето за координативното тело за дислексија кое заеднички ќе ги решава сите предизвици кои ги носи дислексијата на национално ниво. Република Македонија го доби и првиот стручен тренер за дислексија по методот на Рон Дејвис и наскоро ќе биде отворен и првиот центар за дислексија каде што ќе се работи со сите лица кои се соочуваат со оваа состојба.


Факултети: Како може родителите, наставниците и сите заинтересирани да ве контактираат доколку сакаат повеќе информации за здружението?

Дамјан Николовски: Сите заинтересирани можат да не најдат на „FACEBOOK”-https://www.facebook.com/zdruzenie.einstein или едноставно да напишат на Google „здружение за дислексија“. Нашите телефонски броеви се достапни во било кое време - 070/688-885 и 02/5115-586 . Нашите простории се наоѓаат во „Кисела вода“ кај последна 24ка.

Ги охрабрувам сите родители и наставници да се обратат во нашето здружение бидејќи за дислексијата има решение и само преку отвореност и искрен разговор можеме да ги совладаме сите предизвици кои ги носи дислексијата и истовремено да ја потенцираме дарбата или моќта на истата.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование