X
 14.03.2016 Образование

Современа училница е многу повеќе од само простор каде се држи настава

Како треба да изгледа современа училница, какви емоции да разбуди кај децата, како средината на учење може да влијае на наставниот процес се само дел од прашањата на кои наставници добиле одговор во рамки на обуката „Нашата училница - нашиот свет“, како дел од проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“. Истата ја спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“.



Сузана Киранџиска, извршна директорка и раководител на Проектот вели дека кога ќе се слушне терминот „средина за учење“, првите асоцијации се физичките аспекти на средината за учење, како што се сигурноста, распореденоста на мебелот и катчињата и материјалот за работа.

- Секако дека физичкото опкружување и просторните услови играат важна улога, но она за што Фондацијата „Чекор по чекор“ се залага е едно пошироко разбирање на поимот стимулативна средина. Тоа треба да биде средина каде секој ученик ќе се чувствува пријатно, место каде неговите чувства и идеи ќе бидат почитувани и место каде тој ќе може слободно да се изразува - вели Киранџиска.

Според неа современите светски трендови во образованието ја наметнаа потребата од соодветни промени во организациската поставеност на училницата, како основна средина на организираното учење.

- Училницата треба да нуди пријатна и топла атмосфера и да подготвува ученици кои ќе можат да одговорат на сите предизвици што со себе ги носи новото време.



На децата треба да им се обезбеди средина за учење што нуди најразлични доживувања, со што ќе им помогне да се развијат социјално, интелектуално, физички и емоционално, соодветно на нивната возраст и степен на развој - вели таа.

Бранка Џајковска –координатор за професионален развој при Проектот, објаснува дека стимулативната средина на учениците треба да биде и практична. - Како дел од оваа обука учесниците преуредуваат една училница со евтини, лесно достапни материјали. Особено ни беше задоволство што во преуредувањето освен наставниците се вклучија и родителите и се надеваме дека оваа обука покажа дека со здружени сили може да се направат големи промени.

Истата во моментов се спроведува во 62 училишта од сите региони на Република Македонија, а до крајот на Проектот оваа обука ќе биде достапна и за по тројца претставници од сите останати основни училишта во земјата - вели Џајковска. Еден од обучувачите е и Елизабета Томевска-Илиевска, доцент од Институтот за педагогија од Филозофскиот факултет од Скопје. Таа вели дека секогаш и од секого може и треба да се учи. Еве што, според неа треба да има стимулативна средина за учење:



- Распоредување на учениците во мали работни групи, популарно наречени центри или катчиња за учење, на кои ќе им се овозможи самостојна работа, но и меѓусебна соработка и комуникација. Наставните материјали треба да бидат распоредени на начин за да може секој ученик лесно и самостојно да пристапи кон нив. Ѕидовите од училниците треба да се пополнети со шаренолики материјали – изработки од учениците. Тие треба да се менуваат со одредена временска динамика и да кореспондираат со актуелните цели на учење. Во училницата треба да постојат правила за однесување за кои претходно се договара целата група и наставникот. На овој начин се постигнува мотивираност кај учениците. Учениците покажуваат поголема заинтересираност кон наставните содржини, со желба одат на училиште, постигнуваат подобри резултати, и едноставно посреќни се. Бидејќи учениците активно се вклучени во наставата, активно учествуваат на различни начини, имаат позитивно доживување за атмосферата во нивната училница - вели Томевска-Илиевска.

Едно од училиштата чии училници се преуредени како дел од програмата е „Блаже Конески“ од Велес.

- Учениците во училиштето престојуваат повеќе од осум часа и затоа голем приоритет пред почетокот на учебната година ни е уредување на училниците. За таа цел се организираат работилници каде наставниците генерациски и индивидуално се подготвуваат. Се пренесуваат и позитивните искуства од поискусните наставници - вели Елизабета Маџарова, педагог во ова училиште.

Наставничката Снежана Котева предава на првооделенци во основното училиште „Гоце Делчев“ во Прилеп и со радост сподели со нас дека токму нејзината училница била одбрана за преуредување во рамки на оваа обука.

- На забавен начин ја претворивме училницата во стимулативна и богата средина за учење, со топол и инспиративен амбиент, во кој првачињата ќе имаат можност да уживаат и да учат. Бидејќи промената на училницата беше направена во периодот на зимскиот распуст, реакцијата на учениците во второто полугодие беше бесценета. Со широко отворени очи, извикуваа „Преубаво е, наставничке„. Па следуваа прашањата од типот:„Зошто ова е таму?“, или „Што е ова “ Тие ја истражуваа нивната „нова училница“ – раскажува Котева.
Подготвил: Ф.М.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование