На интервју за работа дојдете навреме и добро информирани за компанијата, советуваат лицата задолжени за регрутирање во Сеавус.
Моменталните отворени работни позиции ги објавуваме на www.career.seavus.com, како и на социјалните мрежи. Останати канали што ги користиме се: интерни препораки од колеги преку програма за наградување за успешно вработен кандидат по препорака, програмата за таленти, конференции или саеми за вработување на кои присуствуваме, соработка со факултети и други компании, социјални мрежи, вмрежување, истражувања на нови пазари на труд итн., вели Ивановска
ИТ индустријата е една од најбрзорастечките во земјава во последните неколку години, а според статистиката е и сектор во кој вработените се некаде на врвот според висината на просечната плата. Тоа е и една од главните причини поради која што овој сектор е најатрактивен за вработување. Но, дали и колку е лесно да се дојде до работа во некоја од домашните ИТ компании?
Во компанијата за развој на софтвер и консалтинг услуги „Сеавус“ работат над 650 ИТ специјалисти ширум светот, од кои најголемиот дел се во Македонија. Останатите работат во канцелариите и претставништвата во Србија, Белорусија, Шведска, Швајцарија и Америка. Во портфолиото на „Сеавус“ се вбројуваат над 3.500 клиенти, меѓу кои светски телеком оператори и производители на мобилни и електронски уреди, организации од банкарскиот и финансискиот сектор, технологија, образование, здравство, итн. За начиниот на кој оваа компанија ги избира своите вработени и за можностите што им ги нуди, разговаравме со Марија Ивановска Трајковска, лидер на тимот за регрутација (Recruitment Lead) во „Сеавус“.
Ф: Кој е основниот профил на вработените во „Сеавус“?
- Земајќи го предвид полето на работа на „Сеавус“, најголем дел од нашите вработени се програмери и софтверски инженери кои покриваат различни области и технологии. Горди сме што имаме млад и проактивен тим, желен за учење и пренесување на знаењето и искуството, со висока техничка специјализација во многу области и голема посветеност кон извонреден квалитет зад кој стои „Сеавус“.
Ф: Најчесто првиот впечаток за кандидатите кои бараат работа се добива од нивното CV. Колку се потпирате на личните биографии и мотивациските писма при изборот на кандидатите за следните фази на селекција и дали тие даваат реална слика за способностите на кандидатите?
- Не секогаш и не стопроцентно. Некои кандидати не вложуваат многу напор при изготвување на личната биографија, или пак, пишуваат опширно што исто така не дава реална слика за експертизата на кандидатот. Во текот на процесот на селекција, кој вклучува интервјуирање и тестирање, се добива детална слика за сите аспекти од областа на техничкото знаење и искуство, личните и социјалните вештини, како и потенцијалот за понатамошен развој во рамките на компанијата.
Ф: Која работа прво ја забележува искусен регрутер кај кандидатите кои доаѓаат на интервју? Што остава позитивен прв впечаток, а што негативен?
- Навремено пристигнување во договорениот термин и секако позитивниот став се првото нешто што се забележува. Исто така, многу важно за добар впечаток е и информирноста на кандидатот за компанијата во која доаѓа на интервју. Многу информации за „Сеавус“ се достапни на интернет, вклучувајќи ги нашите веб страни и профили на социјални мрежи, па кандидатите можат да истражат пред да дојдат на интервју.
Ф: Во повеќето огласи за работа во земјава како клучно се наведува поседувањето одредено работно искуство во истата област (најчесто 2 или 3 години), што од старт ги демотивира луѓето кои штотуку дипломирале. Како овие млади лица да стекнат работно искуство? Дали компанијата вработува и лица без никакво искуство?
- „Сеавус“ низ годините на најразлични начини инвестира во зголемување на знаењето на потенцијалните кандидати без искуство. Тоа што го правиме поразлично и се покажало како успешен пристап во изминатите години е Програмата за таленти која опафаќа специјализирани обуки за Java, .Net, Embedded и Telecom системи. Обуките се организираат еднаш годишно, а предавачи се експерти од „Сеавус“ кои го пренесуваат своето знаење и искуство. Програмата за таленти претставува дополнителна едукација за студентите кои се на последна студиска година или оние кои се веќе дипломирани и кои штотуку го почнуваат својот кариерен пат преку практично искуство во ИТ индустријата. Учесниците кои имаат најдобри резултати во совладувањето на предизвиците, а воедно ќе покажат желба и амбиција да се развиваат во насоката која ќе ја изберат, добиваат можност да станат дел од нашиот тим. Па така, тие започнуваат своја кариера во „Сеавус“, учејќи и работејќи со експерти кои повеќе години ја градат и развиваат компанијата.
Ф: Соработувате ли со техничките факултети на овој план?
- Апсолутно, одржуваме тесна соработка со техничките факултети и преку заеднички програми им помагаме на студентите. Еден таков пример е Програмата за менторство со „Факултет за информатички и комуникациски технологии” – Битола, каде тимови на студенти работат на проекти под водство на нивните професори, а се технолошки менторирани од наши експерти. Воедно, им доделуваме и стипендии на најдбрите студенти.
Ф: Искуството на повеќето работодавци во земјава зборува дека македонските студенти по дипломирањето се теоретски добро потковани, но им недостасуваат практични знаења. Се согласувате ли со ова?
- Ако направиме паралела со програмите кои ги нудеа факултетите во минатото и сега, можам да кажам дека е постигнат голем напредок, но секако сѐ уште има простор за подобрување. Сепак за пофалба е што факултетите се многу поотворени за соработка со бизнис заедницата и ние со задоволство ја прифаќаме. Многу често нашите експерти се гости-предавачи на факултетите и со задоволство прифаќаме работа на заеднички проекти. Ние сметаме дека можеме многу да помогнеме во пренесување на практично знаење и искуство, па затоа многу вложуваме во доедукација на идните програмери и инженери преку нашата Програма за таленти. Воедно, „Сеавус Едукативниот и развоен центар“ нуди специјализирани програми преку академиите за 3Д анимација и постпродукција, веб и графички дизајн, програмирање и мрежи кои дефинитивно придонесуваат во развојот на практичните знаења и вештини кај младите.
Ф: На кој начин се вработуваат нови луѓе во „Сивус“? Дали распишувате јавни огласи за работа, барате луѓе директно во контакт со колеги или пак преку мрежите на факултетите?
- Искусниот тим за регрутација во „Сеавус“ ги следи светските трендови во поглед на вработување и таргетирање на најдобрите кандидати на пазарот на труд. Користиме најразлични канали за регрутација зависно од локацијата, позицијата и технологијата што се бара. Моменталните отворени позиции ги објавуваме на www.career.seavus.com, како и на социјалните мрежи. Останати канали што ги користиме се: интерни препораки од колеги преку програма за наградување за успешно вработен кандидат по препорака, програмата за таленти, конференции или саеми за вработување на кои присуствуваме, соработка со факултети и други компании, социјални мрежи, вмрежување, истражувања на нови пазари на труд итн.
Ф: Може ли Македонија да се пофали со квалитетен ИТ-кадар? Имаме ли потреба од „увоз“ на експерти од други поразвиени земји?
- Во зависност од технологиите, некои се достапни и имаме добри експерти, а за останатите што се поретко користени или поспецифични, секако нудиме можност и на кандидати од други земји во светот кои најчесто ги ангажираме да ги обучат нашите вработени.
Ф: Какви можности за учење и напредок во кариерата им се овозможени на вработените во „Сеавус“?
- „Сеавус“ обезбедува постојан напредок за своите вработени. Оваа посветеност подразбира различни можности за личен и професионален развој, постојано пренесување на знаење и унапредување на вештини. За таа цел, нашите вработени присуствуваат на конференции, обуки (интерни и екстерни), работилници и сертификации. Сеавус ја базира својата програма за обуки согласно на потребите на вработените и стратешкото планирање за понатамошен развој. Преку шест-месечни евалуации на вработените ги утврдуваме карактеристиките кои треба да се подобрат и активно работиме на тоа, се со цел да се постигне личен развој и задоволство, како и да се осигура успешна испорака на проектите, во согласност со квалитет кој е карактеристичен за „Сеавус“. Земајќи ги предвид овие критериуми, „Сеавус“ одржува повеќе програми меѓу кои и: Воведна тренинг програма, сет на обуки за развој на лични и социјални вештини, обуки за развој на лидерски вештини, како и најразлични технички обуки.
Ф: Каков совет би им дале на лицата кои бараат работа во овој сектор?
- Присуство на социјалните мрежи со свои профили, на пример LinkedIn и Facebook, кои овозможуваат членство и активно учество во најразлични групи зависно од интересот на кандидатот, како и следење на компаниите од интерес во поглед на слободни работни места, програми за таленти или обуки, настани и слично. Понатаму, важни се посетите на ИТ настани, формални и неформални. Кај нас се одржуваат Seavus CodeTalks на секои 3-4 месеци и се покриваат различни теми преку предавања, презентации и дискусии. И секако тука е формалната и неформалната доедукација и сертифкација за подетална специјализација во областа која што е поле на интерес.