X
 26.03.2016 Наука

Научниците создале нов организам, но се` уште не знаат што е

Дали научниците може да се ослободат од надворешните слоеви за да ја откријат основата на животот? Тоа се обиделе да го направат Крег Вентер и неговите соработници во своето ново истражување објавено неделава во „Science“.


Тимот на Вентер го „изделкал“ геномот на Mycoplasma mycoides, бактерија која живее во добитокот, со цел да се откријат основите на животот. На крајот, тие добиле мал организам именуван syn3.0 кој има само 473 гени (за споредба, E. coli има околу 4.000-5.000 гени, а луѓето околу 20.000, пишува „Quanta magazine“).

Сепак, научниците не знаат за што служи околу третина од овие гени. Наместо конечно откривање на основните компоненти на животот, новиот организам покажува дека сè уште треба да учиме многу за да ги знаеме основите на биологијата.

Џек Сцостак, биохемичар на универзитетот „Харвард“, кој не бил вклучен во истражувањето, вели дека за него, „најинтересната работа е она што ни кажува што не знаеме. Толку многу гени на кои не им се знае функцијата се чини дека се основи“.

Главниот истражувач, Вентер, изјавил дека научниците биле шокирани и изненадени од резултатите. Имено, тие очекувале број на непознати гени, но можеби вкупно 5-10% од геномот. Вентер и неговите соработници тргнале со цел да создадат геном составен од основните гени врз основа на знаењето досега. Пред да го создадат геномот во пракса, тие го планирале на компјутер.

Во 2008 година, Вентер и Хамилтон Смит го создале првиот синтетички бактериски геном со создавање модифицирана верзија на ДНК-та на M. genitalium. Во 2010, тие го создале првиот синтетички организам способен за самостојно множење, кој го замениле во различен вид на Mycoplasma. Синтетичкиот геном ја презел клетката и го разменил природниот систем. Синтетичкиот геном бил речиси идентичен како и природната верзија. Конечно, истражувачите создале повеќе генетски скици за нивната минимална клетка и се обиделе да ги изградат.

Но, ниту еден дизајн не функционирал, по што се одлучиле за поинаков пристап. Тие ги раскинале гените на M. mycoides, оставајќи ги само оние кои се основни за бактеријата да преживее. Резултатот е syn3.0, кој е најмал геном на Земјата.

Повеќето од гените имаат една од три функции: производство на РНК и протеини, зачувување на генетските информации или создавање на клеточна мембрана.

Но, не се знае која е функцијата на останатите 149 гени. 70 од нив би можеле да се класифицираат според структурата, иако не им се знае улогата, но 70 гени претставуваат целосна мистерија за научниците.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука