X
 03.04.2016 Култура

Затвореник осуден на смрт го опиша денот кој требало да му биде последен

„Требаше да бидам убиен една минута по полноќ на 10 февруари во 2004 година. Во пресрет на тој ден, се преселив во ќелија во која чуварите ме проверуваа на секој час за да проверат дека сум во ред. Беше јасно дека сакале да бидат сигурни дека нема да направам самоубиство“, ја започнува својата приказна за „Vice“ затвореникот Кевин Купер.


Тоа траело неколку дена, продолжува тој, а потоа работите започнале да бидат поинтензивни.

„Се разбудив среде ноќ, со лисици на рацете, изведен сум од ќелијата и поставен покрај ѕид. Еден од чуварите започна да ме фотографира и рече дека тоа се моите последни фотографии кои ќе ги види светот.

Еден ден, бев одведен во канцеларијата кадешто ме чекал доктор. Потполковникот ми рече да ги подвлечам ракавите за да ги видат моите вени. На почетокот не дозволував, но потполковникот отиде и се врати со марама со која ја врза мојата рака за да се видат вените. Потоа, таа и докторот тргнаа во својата задача на наоѓање добри вени на мојата десна рака. Истото го направија и на левата рака.

Една недела подоцна, бев одведен на друг доктор на преглед. Тој ми го провери крвниот притисок. Беше висок. Моите пријатели доаѓаа и поминуваа време со мене, како и адвокатите. Моите адвокати доаѓаа кај мене и ми кажуваа што направиле за да го спасат мојот живот, но јас искрено не им верував дека можеле да ја спречат државата да ме усмрти.

Престанав да гледам ТВ и да слушам радио. Наместо тоа, ја прочитав својата омилена книга, можеби и за последен пат: „Национална историја на САД“ од Хауард Зин.“

Купер пишува дека со оглед на тоа што бил отсечен од медиумите, воопшто не знаел дека се појавил нов сведок чии тврдења потенцијално можеле да ја сменат пресудата во неговиот случај.

„Тогаш дојде 9 февруари. Мојот последен ден. Имав доста посетители, вклучувајќи ги и семејството и пријателите. Околу 11 часот, Џени Р. Стернберг, тогаш адвокатка од Хабеас Корпус центарот од Сан Франциско, дојде во посета и објаснуваше како и зошто. Ми кажа дека државата може да се жали на одлуката на Врховниот суд.

Во шест часот, ни беше кажано дека посетата е завршена. Ме однесоа во задниот дел од собата за посети, ме ставија во кафез и ми рекоа да ја соблечам сета облека. Ме проверија и ми дадоа уште еден сет облека и обувки, па ми ставија ланци околу половината. Чуварите формираа две линии, јас бев во средина и марширавме од собата за посета до вратата на собата за егзекуција. Тогаш сфатив дека покрај оваа врата поминував двапати дневно и не знаев дека тоа е влез во смртната комора.

Кога вратата се отвори, влеговме внатре и ми кажаа дека моето место е покрај ѕидот. Чуварите ја напуштија собата. Сега беше малку по 18:30 и погледнав на големиот часовник на ѕидот, знаејќи дека со секоја минута мојот живот отчукува.

Егзекуторите влегоа во собата, едниот дојде до мене, застана на 15 центиметри од моето лице и ме праша дали ќе има проблеми кога ќе ми ги извадат лисиците. Тивко реков: не, нема проблем со мене.

Ми кажаа полека да ја соблечам облеката и да застанам во средината на просторијата. Беше ладно, па почнав да се тресам. Оттогаш почна да го прегледува моето тело, ми стави светло во устата. Ја прегледа мојата коса, ми рече да го кренам пенисот и сè прегледуваше. Ми кажаа како да ги кренам нозете од подот и да се движам со прстите, прво на левата, потоа на десната нога. Ми кажа и да се наведнам и ми ја ставија светилката во ректумот.

Конечно, а се чинеше како цела вечност, претрагата беше готова. Добив нова облека. Уште еднаш погледнав на часовникот, беше неколку минути после седум. Сместен сум во кафезот да чекам извршување. Мојата адвокатка ме побарала на затворскиот телефон и кажала дека државата се жалела и дека ќе ме побара штом ја слушне одлуката на Врховниот суд. Додека чекав, на мојот свештеник му беше дозволено да биде во кафез до мојот.

Околу осум часот и 17 минути, од никаде, заѕвони телефонот. Чуварот кој е задолжен за телефонот ми го даде, а на другата страна од линијата беше мојата адвокатка која ми кажа дека Врховниот суд едногласно одлучил да ја суспендира егзекуцијата. Му го дадов телефонот назад на чуварот и му реков на егзекуторот дека нема да ја работи својата работа оваа ноќ.“

Кевин Купер е 58-годишен затвореник во државниот затвор во Сан Квентин во Калифорнија. Бил осуден за четирикратно убиство во Калифорнија во 1983. Тврдел дека е невин и оттогаш бара помилување. Според неговата адвокатка Норман Хиле, сите жалби на Купер биле одбиени и единствениот начин за барање помилување е преку гувернерот.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура