X
 15.04.2016 Технологија

Првпат досега, создадена техника со која парализиран човек може да ја движи раката

Пред четири години, сега 24-годишниот Ијан Буркхарт преживеал несреќа која го оставила парализиран под рамениците. Поголемиот дел од луѓето кои доживуваат вакви повреди едноставно учат како да живеат со ограничените можности за движење. Но, благодарејќи на тим од државниот универзитет во Охајо, ова не е случајот со Ијан.



Имено, научниците создале имплант кој му овозможил на мозокот на Ијан да ги испрати вистинските сигнали за тој да ги движи прстите, рацете и зглобовите, без некакво оштетување.

Техниката била опишана во истражување објавено оваа недела во „Nature“ и би можела да им помогне на луѓето низ целиот свет да го вратат движењето кога станува збор за рацете.

Имплантот кој бил искористен во техниката бил составен од електроди, кои биле ставени во делот од мозокот одговорен за движење. Потоа, Ијан вежбал трипати неделно за неговиот мозок да се навикне на имплантот. Алгоритам ги одредувал мозочните бранови кои одговарале на движењата кои сакал да ги направи Ијан.

Кога мозокот на Ијан ги испраќал соодветните сигнали, имплантот ги испраќал тие сигнали преку жици до флексибилен ракав со електроди околу неговиот зглоб за да стимулира мускулот. Движењата на Ијан биле точни во 90% од случаите.

По тестовите, Ијан можел да стави вода од шише во сад, а потоа и да ја помеша. Тој дури можел да игра видео игра.

Истражувачите посочуваат дека техниката не би се препорачувала за пациенти кои имаат послабо здравје или послаб имунолошки систем, поради што полесно би добиле инфекција.

За неколку години, истражувачите се надеваат дека ќе создадат безжичен систем со кој движењата на пациентите би биле олеснати.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија