X
 19.04.2016 Технологија

Интервју со Александра Дудиќ: Практичните ИТ знаења на македонските студенти зависат од индивидуалните амбиции

Сите оние млади ИТ таленти кои би сакале да се едуцираат или градат кариера во оваа сфера, пред се да ги утврдат своите мотиви, да покажат проактивност, постојано да се надградуваат во однос на постоечките и нови технологии, да се ангажираат низ учество или посета на настани од ИТ областа како опција за учење, изработка на реални проекти или едноставно споделување на знаења, вели Александра Дудиќ, ПР и ХР менаџер во компанијата „Ведел ИТ“



Данската софтверска компанија „Ведел ИТ“ е основана во 2006 година и со успешната работа во изминатите десет години достигна бројка од повеќе од 200 вработени во канцелариите во Скопје и Куала Лумпур. Основана е со цел да обезбеди високо ниво на квалитет во однос на offshore и nearshore сервиси при развој на софтверски решенија за меѓународни ИТ компании , финансиски институции и меѓународни организации. „Ведел ИТ“ е специјализирана во создавање тимови на квалификувани програмери кои работат како виртуелна екстензија на софтверските тимови на клиентите.

- Имаме двојна мисија, од една страна обезбедување на одлично професионално искуство за нашите вработени, а од друга, супериорна вредност за нашите клиенти со привлекување и задржување на врвните ИТ таленти како во Македонија, така и на интернационално ниво. Согласно индустријата во која дејствува „Ведел ИТ“, како и движечкото мото на компанијата –It’s all about talent, во фокусот на вработување секако се ИТ професионалците, ИТ талентите и ентузијастите од областа на различните технологии во оваа сфера – вели Александра Дудиќ, менаџер за односи со јавност и за човечки ресурси во „Ведел ИТ“.

Најчесто првиот впечаток за вработените се добива од испратената лична и професионална биографија (CV). Колку CV-јата даваат реална слика за квалификациите и способностите на кандидатите? Колку се потпирате на нив при изборот на кандидатите?

- CV -то е релевантна референца во процесот на регрутација за одредена позиција, но секако тоа не ја дава целосната слика за потенциалните кандидати. Во „Ведел ИТ“ процесот на селекција и евaлуација се сведува на неколку фази, во зависност од позицијата, меѓу кои онлајн тест, длабинско- техничко и интервју со секторот на човечки ресурси. Професионалната биографија на кандидатот се зема предвид, но само како мал дел во прилог на овој процес.

Која работа прво ја забележува искусен регрутер кај кандидатите кои доаѓаат на интервју? Што остава позитивен прв впечаток, а што негативен?

- Најверојатно нивото на професионалниот пристап на потенцијалниот кандидат, од аспект на информираност во однос на компанијата и спецификите на работната позиција, комуникациските вештини и степенот на проактивност во дискусијата.

Постои ли некоја работа која што лицето кое аплицира за работа никако не смее да ја направи? (пример, да задоцни на интервјуто, да го „разубави“ CV- то и сл.)

- Потенцијалните кандидати не би ги ограничиле со категорија смее и не смее. Но секако сите несоодветни постапки како доцнење на интервју, билдање на резимето со невистините податоци или пак несоодветно однесување во текот на интервјуто се нешто што го гради профилот на тој кандидат, кој за нас е основа за потенцијална соработка или одбивање.



Во повеќето огласи за работа во земјава како клучно се наведува поседувањето одредено работно искуство во истата област (најчесто 2 или 3 години), што од старт ги демотивира луѓето кои штотуку дипломирале. Како овие млади лица да се стекнат со работно искуство? Постои ли практикантска работа во „Ведел“ и дали компанијата вработува и лица без никакво искуство?

- Во Ведел ИТ отворените позиции се резултат на потребите на нашите клиенти. Секако под мотото „It’s all about talent“ и скандинавскиот модел на работа кој се темели на доверба, вообичаено ги мотивираме клиентите да ги земат предвид младите ИТ таленти при процесот на вработување бидејќи токму овие луѓе се високо мотивирани и отворени за учење на нови технологии и прифаќање на специфична корпоративна култура. Во однос на практикантската работа, проектите на кои се работи во Ведел ИТ се проекти со високо ниво на доверливост и вклучувањето на трети лица во овој процес е висок ризик за нашите клиенти. Опцијата за практиканти е модел на кој работиме и опција за во иднина.

Дали македонските студенти се подготвени веднаш да се вклучат во процесот на работа по дипломирањето или им се неопходни дополнителни обуки?

- Подготвеноста на нашите студенти веднаш да се вклучат во процесот на работа пред сѐ зависи од спецификите на самата позиција, но и од мотивацијата на самите студенти. Во пракса се случува студентите кои штотуку дипломирале на некој од нашите ИТ Универзитети да прикажат зад себе низа практични проекти изработени паралелно со студиите. Но, за жал, се случува и воопшто да не поседуваат практични, ниту теоретски познавања од областа. Така што најверојатно во овој случај релевантна е, пред сѐ, индивидуалната амбиција и идеата за професионалната насока која еден студент би сакал да ја следи.

На кој начин се вработуваат нови луѓе во „Ведел“? Дали распишувате јавни огласи за работа, барате луѓе директно во контакт со колеги или пак преку мрежите на факултетите?

- Политиката на нашата компанија е да ги таргетира ИТ ентузијастите и професионалците со вистинската експертиза, соодветните години на искуство како и лични карактеристики, а тоа секако се постигнува преку различни канали за регрутација, во согласност со интернационалните политики на тимот на Ведел ИТ. Во нашата компанија веќе 10 години повеќе од 15 регрутери работат и детектираат ИТ таленти од 20 националности на различни локации, приотоа дефинирајќи и споделувајќи ги овие т.н.политики на регрутација низ искуството и согласно локалните околности и светските трендови. Покрај референците за ИТ професионалците и препораките од стручниот кадар од високото образование во однос на најдобрите студенти користиме бројни алатки и канали кои нѐ водат до главната цел – „вистинскиот човек за работата“.

Во нашата јавност постои мислење дека Македонија располага со многу стручен ИТ-кадар. Се согласувате ли со ова? Колку нашиот кадар од оваа област може да се носи со тој од развиените земји во светот?

- Самиот факт дека се поголем број интернационални компании етаблираат сопствени тимови од ИТ професионалци во земјава и притоа демонстрираат висок степен на задоволство од постигнатиот успех и професионалноста на овие тимови го потврдува јавното мислење дека всушност - Македонија располага со високо квалитетен ИТ кадар.

Има ли странци кои аплицираат за работа во канцеларијата на „Ведел“ во Скопје?

- Да, земајќи предвид декa Ведел ИТ е компанија со интернационален опфат логични се апликациите за одредени позиции на кандидати надвор од рамките на Македонија.

Какви можности за учење и напредок во кариерата им се овозможени на вработените во Ведел?

- Ведел ИТ во соработка со клиентите, при евалуација и детекција на потребите на вработените овозможува различни програми за професионален развој меѓу кои: активности за споделување на знаење, обуки за воведување во проектите, интеркултурни работилници, обуки во техничките области, посета на интернационални настани и слично.

Каков совет би им дале на лицата кои сакаат да работат во овој сектор?

- Сите оние млади ИТ таленти кои би сакале да се едуцираат или градат кариера во оваа сфера, пред се да ги утврдат своите мотиви, да покажат проактивност, постојано да се надградуваат во однос на постоечките и нови технологии, да се ангажираат низ учество или посета на настани од ИТ областа како опција за учење, изработка на реални проекти или едноставно споделување на знаења.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија