Алберт Ајнштајн и Ричард Фајнман биле големи физичари, современици, соработници, Нобеловци... Заедничко им било тоа што нивните размислувања за сложените концепти биле легендарно едноставни и разбирливи.
Заедничко им било и тоа што од студентите барале парафраза на она што го слушнале на предавањата или го прочитале, односно истото да го преведат на свој обичен и разбирлив јазик. Поточно, тие барале од студентот накратко да ги објаснат концептите користејќи сопствени зборови. Тие сметале дека студентот кој може да ги повтори зборовите на учителот или зборовите од книгата знае, но само оној кој тоа може да го објасни и со свои зборови знае и разбира.
Начинот на кој Фајнман ги учел студентите да учат подоцна станал познат како Фајнманова техника. Се работи за едноставна и ефективна техника која помага за брзо учење и подобро разбирање.
Техниката се состои од четири чекори.
Одбери концепт кој не го разбираш
Запиши го на врв на празна хартија (на пр. експонент, график на функција, прекршување на светлина...).
Објасни со свои зборови
Наученото треба да го објасниш со свои зборови како да го објаснуваш тоа на петгодишно дете. Користи едноставни зборови и обиди се да го објасниш тоа со една реченица.
Ако не можеш тоа, значи дека не разбираш
Доколку не можеш да го објасниш едноставно, значи дека не разбираш доволно. Врати се на книгите и читај. Не подвлекувај, туку преведувај го прочитаното за да разбереш.
Копај подлабоко
Дури кога ќе бидеш во состојба да објасниш со една реченица, копај подлабоко, запомни ја стручната терминологија. Запомни го она што го разбираш.