X
 13.05.2016 Образование

Некои матуранти за полагањето се подготвуваат цела година, некои мислат како ќе се дотераат

Матурантите во Кина за полагањето на матурските предмети се подготвуват во текот на целото образование. На денот на полагањето во училните дури примаат и инфузија додека го работат тестот за упис на факултет, само за да се чувствуваат свежо и да постигнат подобар успех. За среќа нашите матуранти не се под таков стрес, а секој од нив се подготвува на најразличен начин и користи различни техники за да го запомни и научи материјалот. Некои поинтезивно учат откако ќе се распуштат во мај, некои последните неколку месеци или година, а оние што навреме планираат да се запишат на добар Универзитет учат континуирано во сите четири години од своето образование. Има и такви на кои поважно им е како ќе испаднат на матурското табло, што ќе облечат и дали да изнајмат лимузина која ќе ги вози низ град на матурската прослава.

- За полагањето, матурантите треба да учат и да се подготвуваат во текот на целата година, но ретки се тие што го прават тоа. Повеќето учат неколку месеци или еден месец пред матурата. Во моментов искрено, повеќето најмногу зборуваат за тоа што ќе облечат, како ќе се нашминкаат, со каков автомобил ќе ги земат партнерките - вели професор од скопска гимназија.



Матурантите Марија Ѓурковиќ и Симон Николовски се од онаа група матуранти кои полагањето го сфаќаат сериозно и како виза за упис на добар факултет, па затоа за истoто се подготвувале континуирано.

- Екстерни предмети кои ќе ги полагам како матурски испити се македонски јазик, англиски јазик и математика. Во текот на целото школување размислував за полагањето, но посебно внимание посветив на предметите кои ќе ги полагам во текот на целата четврта година. Добрата организација, распределувањето на целосниот материјал и постепеното учење многу помагаат за постигнување одличен резултат, а интезивното учење за краток период не е најдобриот избор.

Од голема помош се нашите професори кои ни посветуваат внимание, не насочуваат и со предавањата и вежбите ни помагаат полесно да го научиме материјалот. Концептот на целата матура е добро осмислен, посебно за учениците кои ги одбираат предметите за кои се заинтересирани и блиски до предметите кои ќе ги изучуваат на факултет. Јас планирам да студирам на Aрхитектонскиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Како предмет за проектна задача го одбрав предметот ликовна уметност и изработив модел според позната и сложена куќа- бисер во современата архитектура (Куќа над водопадот- Френк Лојд Рајт) - вели Ѓурковиќ.

Матурантот Николовски пак вели дека сака да се запише на Природно математичкиот факултет во Скопје, на Институтот по математика.

- Избрав да полагам математика и македонски јазик од изборните предмети. Математика не може никој да научи за месец или два, без оглед дали се подготвува сам или со помош на професор. Го сакам овој предмет, воопшто немам стрес бидејќи сум учел постојано. Сега секојдневно вежбам задачи, ги слушам упатствата на професорот по математика и нема да има проблем. По македонски јазик ми се прочитани сите дела, сега се потсетувам само на некои детали и го преповторувам материјалот. Искрено, тешко на оние што сè треба да научат за месец два, ама има и такви - вели Николовски.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование