X
 22.05.2016 Образование

Студентите од ЕМСА-Македонија ја организираат седмата по ред Летна Школа по медицина

Европската Медицинска Студентска Асоцијација (ЕМСА) е невладина и непрофитна организација која има за цел едукација и интеграција на студентите на медицина ширум Европа. ЕМСА-Македонија е рамноправна членка на ЕМСА-Европа и веќе 15 години успешно функционира во рамките на Медицинскиот факултет во Скопје.



Членовите на организацијата велат дека тоа е организација од студентите за студентите, која секоја година станува се по неопходен дел од студирањето на Медицинскиот факултет, имајќи во предвид дека сите проекти кои тие ги организираат позитивно влијаат врз процесот на студирањето како од едукативен, така и од аспект на мотивација на студентите за време на напорните медицински студии. Оваа година тие ќе ја организираат седмата по ред Летна школа по ургентна медицина која ја сметаат за свој најголем и најважен проект, а која традиционално ќе се одржи во Хотел „Климетица“ во Охрид во периодот од 06.07.16 до 10.07.16.



„Ургентната медицина односно клиничките вештини со кои треба да се постапи во дадени ургентни ситуации со цел да се овозможи спасување на животот е неизбежна обврска на секој лекар и студент на медицина. Голема е честа да се биде дел од Организациониот комитет на седмата по ред Летна школа по ургентна медицина знаејќи дека влијаеме врз сигурноста и самодовербата на студените кога треба да се справат со ургентните состојби.”, велат членовите на Организациониот комитет.
 
Концептот на Летната школа е базиран на предавања и работилници од областа на ургентната медицина опфаќајќи повеќе различни гранки на медицината од кардиологија па се до гинекологија и ургентните состојби кои тие ги носат со себе. Учесниците на Летната школа ќе имаат шанса да научат како брзо и ефикасно, во согласност со стекнатите знаења и искуства да донесат правилни животоспасувачки одлуки кога тоа ќе биде најпотребно. Особен акцент ќе се стави на вежбањето најразлични ургентни вештини како што се: срцево белодробно оживување, крикотиротомија, сутурирање, имобилизација итн.
 
„Иако студентите на медицина од секогаш важеле за неуморни и амбициозни студенти, ветуваме дека нема да заборавиме да се забавуваме. Впрочем, покрај богатата едукативна програма, вклучивме и доста шаренолика социјална програма во која ќе бидат вклучени: гала отворање на Летната школа, игри на плажа, тематски забави, гала затворање и уште многу, многу изненадувања за учесниците.“, додаваат таканаречените ЕМСАи, членови на Организациониот комитет.

И кога на се ова ќе го додадете интернационалниот карактер на Летната школа, а тоа значи пријавени учесници од ширум Европа, а тоа значи нови пријателства и уште повеќе дружба, едноставно посакувате да се запишете на Медицинскиот факултет и пријавите за оваа нивна Летна школа.

Во име на ЕМСА-Македонија би сакале да ги повикаме сите студенти на медицина од Македонија што побрзо да си го обезбедат своето место на овој корисен, а сепак толку забавен настан бидејќи бројот на учесници е ограничен со цел ефективно остварување на сите нивни цели. Сите заинтересирани ќе можат да се пријават на следниов линк: http://emss.emsa.org.mk/. Летната школа чини 100€, а вклучува: повратен автобуски билет од Скопје до Охрид, сместување во хотел „Климетица“ со полн пансион за време од 4 ноќи и 5 дена, регистрациона папка, кафе паузи, игри на плажа, забави во хотелот и се разбира, предавања и работилници од областа на ургентната медицина.

ЕМСАи, ви посакуваме успешна седма Летна школа по ургентна медицина!

Facebook: EMSA-Macedonia ReBorn
Facebook: EMSA-Macedonia Summer School
Instagram: emsa.macedonia

#EmergencyMedicineSummerSchool #EMSS07 #ILoveEMSA

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование