X
 27.05.2016 Живот

Борјан Колемишевски, маркетинг менаџер во Скопје Сити Мол: Во бизнис сферата денес има само брзи и спори

Борјан Колемишевски е маркетинг менаџер во Скопје Сити Мол. Борјан беше еден од гостите на последното „Бизнис кафе“ во Скопје. Во Сити Мол тој работи година и пол. Како што ни откри на настанот, тој има завршено средно образование во САД, а високото образование го завршил во Солун.


Од својата работа вели дека е презадоволен, иако неговото образование не е поврзано со неговата работа бидејќи завршил меѓународни односи. Соодветно на тоа, тој смета дека факултетот не е најважен, туку искуството е тоа што го прави човекот.

Кога станува збор за маркетинг секторот, Борјан вели: „Секој мора да знае што прави. Тоа е најбитно. Кога ќе се почне нешто, еден проект, мора да се знае која е главната цел и без разлика на се`, таа цел треба да биде постигната“.

Така, тој додава дека во Македонија може да се постигне резултат бргу доколку се знае што се прави. Освен тоа, битно е и кога се работи во маркетингот, да се извади максимумот за потрошените пари, особено со оглед на тоа што многу компании не го разбираат значењето на овој сектор целосно.


За неговата работа во трговски центар тој вели дека е интересна бидејќи секогаш има различни целни групи на кои се фокусира. Меѓутоа, тој посочува дека „нашиот народ најмногу го интересира кога има попусти“. Токму затоа, овие кампањи се најуспешни.

Конечно, од досегашната работа Борјан научил дека треба многу да се работи и дека секоја работа си носи своја тежина, а најбитно според него е да се биде брз.

„Во бизнис сферата денес има брзи и спори. Ако си спор, било кој и да си, полека ќе отпаднеш од трка, ако си доволно брз, ако реагираш навреме, растот ти е гарантиран“, вели тој.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот