X
 02.06.2016 Интервјуа

Интервју со Александар Димитров, кандидат за ректор на УКИМ: Универзитет на кој ќе нема привилегирани и запоставени

Универзитетските професори Атанас Кочов, Ненад Новковски, Александар Димитров, Никола Јанкуловски, Коле Василевски, Елена Думова Јованоска се кандидатите за изборот на нов Ректор на УКИМ. Нов ректор законски треба да се избере до 15 јули. Факултети.мк ќе објави интервјуа со кандидатите, а сите ќе одговараат на исти прашања. Ќе имате можност да ги прочитате и нивните програми за работа со кои се кандидираат за оваа функција.



Професорот Александар Димитров е редовен професор на Технолошко металуршкиот факултет на Институтот за Екстрактивна Металургија, а беше и декан на овој факултет до минатата година. Автор е на многу научни трудови, како и на патент.

Факултети.мк:. Кои ќе бидат приоритетите ако станете ректор на УКИМ?

Современ Универзитет е препознатлив по својата сеопфатност како Институција за образование и научно истражување, со продорна посветеност кон унапредување на процесот на учење, образование и научно-истражувачкаработа во служба на добробит за општеството и за светот. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” го изградил своето место на надмоќ, високо издвојувајќи се меѓу останатите Универзитети во Република Македонија како современа интегрирана високообразовна Институција, истовремено почитувајќи ја сопствената историја и традиција. Ако ректорската управа и Сенатот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј ме изберат за Ректор, во наредниот мандатен период, 2016-2020 година, моите главни активности ќе бидат насочени кон реализирање на следните приоритети:

ЛИНК до програмата на проф. Александар Димитров

Развој на универзитет како општествено одговорна институција која ќе обезбеди еднакви образовни можности за секој човек, без оглед на раса, пол, етничка или национална припадност, социјално потекло, имот, јазик, религија, политичко убедување, раѓање или постоење хендикеп или било која друга дискриминација;

Развој на интегриран универзитет на кој сите негови членки ќе бидат третирани на рамноправна основа, универзитет на кој ќе нема привилегирани и запоставени, универзитет со порамномерно вреднување на вложениот труд, универзитет на кој менаџментот ќе биде во функција на вработените и универзитет на кој сите вработени ќе имаат повисок стандард и ќе бидат задоволни и среќни.

Вработување на млади и талентирани кадри за развој и самоодржување на постоечките научно образовни дејности на УКИМ и отворање на нови во согласност со новите технолошки достигнувања во светот; Активно вклучување на студентите во сите форми на раководење на универзитетот. Студентите треба бидат составен дел од раководењето на универзитетот и нивниот глас мора да биде слушнат. Ако бидам избран за ректор ќе организирам редовни средби и дебати со студентите со цел да го искористиме целиот студентски потенцијал на универзитетот; Зајакнување на фокусот кон одржување и поттикнување еколошка, економска и општествена одговорност преку развој и зајакнување на човечка димензија која негува силно чувство за заедницата, повикува на високо ниво на поврзаност и ја поттикнува интерперсоналната комуникација; Развој на Универзитетот со широк спектар на истражувачки и студиски програми во согласност со економските можности и потреби на општеството; Промовирање и финансиско стимулирање на квалитетни научни и уметнички истражувања за негова поголема препознатливост во Југоисточна Европа и заземање повисоко место на Шангајската листа на универзитети; Подобрување на меѓународната препознатливост и воведување нови форми на истражување, мобилност и студиски програми препознатливи за студенти од други земји;

Воспоставување посилна врска помеѓу наставата, учењето и истражувањето на сите нивоа на студии со цел поттикнување на институциите, наставниците и студентите да воведат активности кои ќе ја развиваат креативноста, иновативноста и претприемништвото кај студентите; Охрабрување и поддржување на високообразовните институции и вработените во нив за воведување педагошки иновации во следењето на наставата и учењето и целосно искористување на потенцијалните придобивки од дигиталната технологија за учење и настава;

Активно вклучување на бизнис заедницата во процесот на креирање на програмата на универзитетот и неговото раководење и развојни планови. Во сите високо развиени општества постои нераскинлива врска на комуникација и соработка помеѓу бизнис заедницата и универзитетот, која е создадена да продуцира научно истражувачка дејност на универзитетот, која подоцна му помага на бизнисот да биде конкурентен и во чекор со најновите светски трендови. Од друга страна бизнис заедницата најдобро знае какви кадри и се потребни од универзитетот и затоа активно треба да биде вклучена во креирањето на додипломските, последипломските и докторските програми на универзитетот.

Факултети.мк: Високото образование во последните петнаесетина години доживеа многу промени, некои позитивни, некои негативни, кои се според Вас најголемите грешки кои државата, но и Универзитетите ги направија во високото образование?

- Поголеми грешки што се направени во последните 15 години, според мене, се:

1) нарушување на автономијата на Универзитетите;
2) Нецелосно воведување на болоњскиот процес на студирање;
3) отворање на факултети без претходно да се обезбеди соодветен кадар за нив;
4) несоодветна дисперзираност од страна на некои универзитети и
5) несоодветно финансирање на универзитетите.

За решавање и надминување на последиците произлезени од овие грешки, неопходна е подеднаква заложба на Министерството за образование и наука и менаџментите, пред се, на државните универзитети во Република Македонија. Универзитетската автономија подразбира академска слобода, која ги опфаќа слободата на изразување, негување и поттикнување критичка мисла, определување на академските профили, воведување и укинување на академски програми, дефинирање на содржината на програмите врз чија основа се стекнуваат академски степени, определување на улогата и одговорноста во поглед на обезбедување квалитет на програмите и академските степени, како и финансиска и организациска автономија. За целосно имплементирање на автономијата на Универзитетот и неговите единици, односно градење на систем на финансирање кој ќе ги задоволи во целост потребите на факултетите и Институтите и ќе одговори на новото време, неопходно е реформирање на процесот на финансирање на високото образование во Република Македонија. Со оваа реформа, првично што треба да се направи е: активирање на Советот за финансирање и формирање на годишни буџети за секој Универзитет посебно. Со ова универзитетите ќе можат автономно да располагаат со сопствените средства, да формираат буџети за секоја единица и институт посебно, врз основа на претходна анализа за нивните потреби (според дејностите што ги негуваат и специфичностите што ги поседуваат) и буџет за развој на интегративните функции на универзитетите. Овие измени ќе овозможат факултетите и Институтите самостојно да располагаат со финансиите, долгорочно да го планираат сопствениот развој со можност за воведување порамномерно вреднување на трудот на вработените на УКИМ.

Факултети мк: Еден од најголемите предизвици на нашето високо образование беше воведување на Болоња. Што ни донесе овој систем?

- Една од главните цели на Болоњскиот процес е да се овозможи и поттикне мобилноста на студентите и персоналот во рамките на Европската област на високото образование. Најголемиот дел од мерките воведени од Болоњскиот процес, како што е ЕКТС, новата структура на студиите, додаток на дипломата итн, имаат за цел да се овозможи полесна и побезбедна мобилност на студентите, наставниот кадар и истражувачите во рамките на Европската област на високото образование.

Овој систем ни овозможи, пред се:

1) поголема меѓууниверзитетска мобилност на студентите, наставниците и истражувачите во земјата и во странство, без оглед дали тоа е само еден дел од студиите (семестар, академска година), или продолжување на студиите на друг Универзитет;

2) создавање, негување и развивање поблиска соработка со други универзитети во земјата и во странство, како и со меѓународни организации кои се занимаваат со работите на високото образование;

3) пристап до меѓународните фондови за финансирање научно-истражувачки и образовни проекти;

4) соработка на ниво на Универзитети, која вклучува размена, усогласување и соочување со идеи, интереси и воспоставување заедничка студии и истражувачки програми;

5) соработка на ниво на индивидуални истражувачки и студиски групи и членови на академската заедница;

6) членство во меѓународните универзитетски мрежи и асоцијации; и

7) соработка и членство во меѓународни студентски здруженија и активно учество во меѓународни спортски и академски натпревари.

Сепак, Болоњскиот процес е сè уште нецелосно имплементиран во високото образование на Република Македонија. Државата треба да го поттикне овој процес и финансиски и кадровски да ги помогне универзитетите да воведат интегриран процес на образование на додипломски и последипломски студии, односно изведување на настава во континуитет од 5 години. Со овие мерки ќе се создадат услови за повисок квалитет на студирање, со зголемени компетенции и соодветен пристап на факултетите и професорите кон наставата и научно истражувачката работа. Исто така, ќе се исполнат сите предуслови за профилирање на академски граѓани кои ќе бидат компатибилни и конкурентни, пред се на македонскиот, а потоа и на светскиот и европскиот пазар. Но, овој систем ни донесе и некои негативни влијанија. Според мене, најголема грешка на Болоњскиот процес е воведувањето на стандардизирани тестови за проверка на знаењата на студентите. На овој начин, студентите при нивната подготовка на испитите, голем дел од времето трошат за да ги научат одговорите на прашањата што се содржани во тестовите, а не се фокусираат на суштината на материјата што ја изучуваат за истата што подобро да ја разберат и вистински ја научат.

Факултети.мк : Ако Ве изберат за ректор, што ќе превземете во врска со хиперпродукцијата на магистри и доктори на науки?

- Правото на образование како основно човеково право е од суштинско значење за остварување на сите други права и потреби. Само образован поединец, кој поседува потребно знаење, вештини и компетенции, способност за комуницирање, прилагодување, како и свест за постојано усовршување е способен да учествува во општествениот живот и да придонесува за економскиот, културниот и политичкиот напредок на државата во која живее и работи. Бројот на запишани студенти или таканаречени квоти на запишување, на предлог на факултетите и институтите, на сите нивоа на студирање, секоја година посебно ги одобрува МОН во согласност со Законот за високо образование. Влијанието на универзитетот, за намалување на хиперпродукцијата, е преку воспоставување високи критериуми на настава и проверка на стекнатите знаења и по потреба воведување на приемни испити за проверка на претходно стекнатите знаењата на кандидатите што сакаат да го продолжат своето образование.

Ако бидам избран за ректор на УКИМ, ќе инсистирам, квалитетот на образование на сите нивоа, додипломски, последипломски и докторски студии да се држи на ниво соодветно на името на универзитетот и европските стандарди на високо образование. Убеден сум дека само со таков пристап ќе создадат услови за намалување на хиперпродукцијата и производство на кадри со високи квалитети и компетенции, со поголема конкурентност и компатибилност на домашниот, европскиот и светскиот академски пазар. Исто така, со овие мерки ќе се создадат и предуслови за поголема препознатливост и повисок рејтинг на универзитетот во регионални и меѓународни рамки. Се надевам дека крајниот резултат од еден вака квалитетен натпревар, каков што очекувам да биде процесот за избор на ректор, ќе биде ректор кој во својата програма ќе ги интегрира најдобрите идеи кои ќе произлезат од сите програми, без разлика од кој кандидат, бизнис, студент или институција произлегле.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа