X
 02.06.2016 Образование

Писмо на една мајка: Престанете да ги трошите моите пари од даноци на таблети и компјутери

Постои тренд во училиштата ширум целиот свет со кој се поттикнува интеграцијата на технологијата во училниците за учениците на се` помала возраст. Најчесто, со овој тренд, учениците добиваат таблети или компјутери во училиштата.


Едно јавно писмо до училиштата напишано од родител во САД отвори дебата на оваа тема во земјата.

- Иако сметам дека овој тренд бил започнат поради најдобри намери, не сум импресиониран. За жал за училиштата и децата, новите светкави предмети често губат во битката со едноставноста. Технологијата не го прави вашето дете попаметно. Изгледа дека понекогаш е точно спротивното - пишува родителот во писмото.

Истражувачите неодамна покажаа со истражување дека екраните влијаат лошо на оцените и учењето кај децата. За ова има и примери. Во Романија биле доделени ваучери за компјутери во сиромашните семејства. Децата кои добиле компјутери помалку гледале телевизија потоа, но тие исто така поминувале помалку време на домашните задачи, добивале послаби оцени и имале помали образовни амбиции.

Соодветно, во едно големо глобално истражување за поврзаноста на компјутерите и резултатите на тестовите, ОЕЦД открива дека учениците кои користат компјутери за време на училишниот ден имаат послаби резултати во предметите по мајчин јазик и математика. Училиштата со повеќе технологија во училниците напредувале поспоро отколку останатите училишта.

Зошто технологијата не помага во учењето?

Мислиме дека се` што е побрзо е подобро. Но, кога станува збор за учењето, тоа не е така. Истражувањата покажуваат дека информациите кои ги читаме онлајн поретко се чуваат во меморијата отколку информациите кои ги читаме од печатени книги. Друго истражување покажува дека печатените учебници се подобри од електронските поради линковите и видеата кои може да го одвлечат вниманието на ученикот.

Иако првата цел на компјутерите во училниците е учењето, факт е дека тие се користат и за испраќање пораки и социјални мрежи. Учениците истовремено ги прават овие работи за време на предавањата и помалку внимаваат на она што се предава.

Скапото не е и подобро

Се проценува дека училиштата во САД трошат над 5 милијарди долари годишно на компјутери. Сепак, не постои силен доказ дека компјутерите им помагаат на децата во училиштата. Многу истражуваат не покажуваат ефекти, а некои покажуваат дека компјутерите може да имаат негативен ефект наместо позитивен.

Учење во природа

Училиштата во шуми и природа стануваат се` повеќе популарни во последниве години, особено поради книгата „The last child in the woods: Saving our children from nature deficit disorder“, која ги покажува позитивните ефекти на играта надвор за децата. Овие училишта засега се покажуваат како многу поуспешни од класичните. Имено, 94% од средношколците кои завршуваат во училиште кое практикува учење во природа го продолжуваат своето образование.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование