X
 02.06.2016 Живот

Запознајте го Далибор Алексоски, Македонецот кој прегледува мигранти во африкански држави

„Патуваме не за да му избегаме на животот, туку животот да не ни избега нам“. Ако оваа изјава на анонимен автор ја земеме здраво за готово, тогаш на гостиварецот Далибор Алексоски животот нема шанси да му избега. За само една година имал 86 лета со авион и посетил дури 32 земји во светот, многу од нив во Африка.

Алексоски работи како рендгенолог во Интернационална Организација за Миграција. Регионалната канцеларија е во Најроби, Кенија каде тој поминува најмногу време - најдолго три недели. Останатите денови е во Уганда, Танзанија, Етиопија, Чад, Мозамбик, Замбија, Зимбабве, местата каде организацијата има седишта. Интервјуто го правевме додека е на мисија во Чад, па оттаму ни испрати и најтазе фотографии.



Далибор завршил средно медицинско училиште во Гостивар во 2005 година. Во 2008 година се запишал на Медицинскиот факултет при универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје и се стекнал со титулата радиолошки технолог. Во моментов е запишан на постдипломски студии на МИТ факултетот во Скопје и ако се оди според планот се надева дека ќе ги заврши студиите кон крајот на јуни оваа година, па ќе се здобие со звањето магистер на здравствен менаџмент.

Факултети.мк: Дали во Македонија почна да работиш како рендгенолог/радиолошки технолог или веднаш замина во странство?

- Откако завршив со универзитетските студии и задолжителното стажирање во 2009 година, мојата работна кариера ја почнав во Македонија. Работев пет години како радиолошки технолог во две приватни ординации за радиологија во мојот роден град Гостивар, каде што стекнав многу искуство кое беше клучно за да се квалификувам и да работам во оваа меѓународна организација.



Тука би сакал да наведам дека патот до успехот не е лесен како што изгледа на прв поглед. За да стигнам до тука каде што сум сега, најпрвин волонтирав („интерншип, практикант“) 9 месеци. Откако им докажав на моите претпоставени дека вредам во тоа што го работам, добив понуда и договор за сегашното работно место.

Факултети мк: Спомена дека сега работиш во Интернационалната Организација за Миграција. Може ли да ни објасниш каква е оваа организација, со што конкретно се занимаваш?

- Интернационалната Организација за Миграција (ИОМ) е водечка организација за регулирање на миграцијата на светско ниво. Присутна е во повеќе од 150 земји во светот и оваа година прославува 65 години од основањето. ИОМ е посветена на принципот дека хумана и организирана миграција е во корист на мигрантите и на општеството. ИОМ помага на различни групи на мигранти, а едни од нив се бегалците кои биле принудени да заминат од своите домови и да се преселат најчесто во соседните држави, но и подалеку,најчестито поради војни, заради природни катастрофи или поради немање на основни услови за живот. Откако бегалците ќе бидат прифатени во бегалски кампови, како последна опција им се нуди раселување во некоја од земјите кои што традиционално примаат бегалци, како што се САД, Канада, Велика Британија, Австралија, Нов Зеланд, Шведска итн. Наша должност, поточно во радиолошкиот оддел каде што сум вработен, како дел од медицинските прегледи кои се вршат пред патување, е да ја утврдиме нивната здравствена состојба, преку извршување на сите потребни медицински, а вклучително и рендген испитувања.



Мојата одговорност од почетокот на вработувањето до денес е воспоставување на мрежа од системи за зачувување на сите дотогашни, исто така и нови рендген испитувања, која што е успешно имплементирана, и до ден денес се користи во државите како, Кенија, Уганда, Танзанија, Етиопија, Чад, Мозамбик, Замбија, Зимбабве и сл. имено кај што постојат канцеларии од оваа организација. Исто така дел од мојата работа е правење на рендген испитувања во горенаведените држави, со тоа што секоја недела патувам со цел да овозможам и направам прегледи на мигрантите кои што се стационирани низ руралните кампови.

Факултети.мк: На твојот ФБ профил пишува дека си посетил дури 32 земји во светот, а ни спомена дека за една и пол година си имал 86 летови со авион? Како ги доживуваш патувањата и главно со каква цел се?

- Патувањата се секогаш интересни, секое носи единствена авантура којашто е сама по себе различна и интересна. Се сеќавам на првиот лет, кој всушност беше и првото доаѓање во Африка. Заминувањето од дома ми изгледаше како цела вечност, за разлика од сега кога патувањето ми е дел од моето секојдневие. Беше голем предизвик за мене да се одделам од домот, мојата фамилија и мојата сопруга Билјана. Сите овие патувања се дел од мојата работа, како што напоменав предходно, мигрантите најчесто се привремено сместени во најдалечните и најруралните делови од африканските држави, поради што се најблиску до границите со соседните држави.



Факултети мк: Во моментов си во Република Чад во Централна Африка, може ли да ни кажеш за каква мисија станува збор и каква земја е Чад?

- Во овој период во Република Чад се одвива една од тие медицински мисии за кои што ги напоменав предходно. Моментално асистираме и прегледуваме група на мигранти од западниот дел на Судан (Дарфур), а исто таки и од источниот дел на Чад. Во оваа држава се организираат еднаш годишно бидејќи групата на мигранти е драстично помала за разлика од другите африкански држави. Самата држава Чад е многу сиромашна, на поголем дел од територијата се простираат пустини и поради тоа и е многу ретко населена. Популацијата на Чад изнесува 13.7 милиони жители иако по површина е точно 49 пати поголема од Македонија.

Факултети.мк: Си посетил многу земји во Африка, каков впечаток ти оставија, што те израдува, натажи...?

- Сите земји што сум ги посетил досега биле различни и уникатни. Луѓето кои што живеат во Африка се многу гостопримливи и секогаш се расположени за ново пријателство. Сите имаат различни култури и начини на живеење, што е пожелно да се проучат пред да се патува на вакви нови и непознати места. Иако на некои места немаат храна и вода, тие секогаш се подготвени да го поделат тоа што го имаат. Најинтересна работа која се случи низ овие патувања, беше на крајот од една од мисиите, кога група на мигранти од Јужен Судан, како знак за благодарност што сме дојдени за да им помогнеме, испекоа леб и ни го поделија на сите вработени. Тоа најверојатно беше најубавиот леб што сум го вкусил во животот.



Факултети мк: За многу земји во Африка слушаме и гледаме дека се соочуваат со лоши медицински услови. Може ли да ни кажеш какви се условите за работа на докторите, со што се се соочувате таму?

- Локалните медицински услови во Африка се на релативно ниско ниво, а понекогаш на некои места се случува и да недостасуваат дури и основните работи, како вода, храна или струја. Нашата организација се стреми кон подобрување на ваквите медицински услови преку донации на медицинска опрема или материјална помош за подобрување и справување со условите.

Какви се твоите планови во иднина околу работата?

- Во иднина би сакал да продолжам да работам за оваа организација, ја сакам работата која што носи нови секојдневни предизвици во различни држави, и на различни континенти.

Каде всушност живееш, каде си најмногу стациониран?

- Најчесто живеам во Најроби, Кенија бидејќи таму се наоѓа регионалната канцеларија на оваа организација за миграција каде што работам, но максимален период во кој што сум бил стациониран на тоа место е три недели.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот