X
 06.06.2016 Интервјуа

Интервју со Др. Никола Јанкуловски, кандидат за ректор на УКИМ: Да се стави крај на обидите на универзитетите да им се одземе независноста, автономијата, слободната мисла

Универзитетските професори Атанас Кочов, Ненад Новковски, Александар Димитров, Никола Јанкуловски, Коле Василевски, Елена Думова Јованоска се кандидатите за изборот на нов Ректор на УКИМ. Нов ректор законски треба да се избере до 15 јули. Факултети.мк ќе објави интервјуа со кандидатите, а сите ќе одговараат на исти прашања. Д-р Никола Јанкуловски, е професор по предметот Хирургија на Медицинскиот факултет и е актуелен декан на истиот. Тој е абдоминален хирург. Од септември 2007 до април 2009 година бил директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија. Добитник е на наградата Св. Климент Охридски“ од областа на здравството во 2013 година и наградата „11 Октомври“ во 2015 година.




Факултети мк: Кои ќе бидат приоритети ако станете ректор на УКИМ?

- УКИМ е најголем, најстар и најдробро рангиран универзитет во Република Македонија. Да се биде на чело на таков универзитет, секако е предизвик. Се разбира, за да има напредок секогаш треба да се поставуваат повисоки цели, затоа треба да настојуваме да го зачуваме тоа што е добро и да го подобриме тоа што треба да се подобри, да ја заголемиме конкурентноста на Универзитетот во европски и светски рамки. УКИМ има огромен кадровски потенцијал кој може да го направи уште подобар и уште поквалитетен. Една од посакуваните цели на сите универзитети е да се биде меѓу првите 500 на Шангајската листа. Но, тој пат не е воопшто едноставен. Професорите и соработниците на УКИМ го даваат максимумот, но без адекватна финансиска поддршка од страна на државата, тоа е тешко остварливо. Тоа го покажуваат и практиките на универзитетите во земјите од регионот (Белград и Загреб), во кои државите вложија милиони евра директно во истражување. Во науката нема импровизации. Има и многу други приоритетни прашања кои директно или индирекнто се поврзани и условени, како што е формирањето на Советот за финансирање на високото образование и конечното воспоставување правила на финансирање, враќањето на звањето асистент, обезбедувањето на истражувачки подмладок, врќањето на добрите законски решенија пред 2002 година (враќањето на финансиската автономија и изземањето на универзитетите од трезорското работење, задржувањето на правото директно на местото на пензионирани работници да се примат нови, без цела комплицирана процедура пред министерствата и др.). Во делот на науката, повторно да се воведат национални научноистражувачки проекти, кои сега постојат само на хартија и тн. и конечно, донесувањето на нов, европски Закон за високото образование, кој не треба да биде неприменлив административен акт, туку треба да произлезе од универзитетите, за што максимално ќе се залагам.

ЛИНК до програмата на Д-р Никола Јанкуловски


Факултети.мк: Високото образование последните 15 години доживува многу промени некои позитивни, некои негативни, кои се според вас најголемите грешки кои дравата но и Универзитетите ги направија во високото образование?

- Не постои некој на Универзитетот што не сака подобро, сите сме за подобар квалитет, подобро финансирање, подобри услови, и универзитетот многу добро знае што му е потребно. Универзитетот располага со експертски кадар кој за жал не е консултиран при предлагањето и носењето на некои законски решенија кои направија сериозни проблеми во целиот систем. Пред се, за квалитетно високо образование се потребни соодветни финансиски средства, кои сега се минимални. Секако, ние сме свесни за економските моменти не само во нашата држава, туку и пошироко, но сметам токму затоа треба да се биде максимално внимателен и максимално рестриктивен при отворањето на нови државни универзитети и дисперзирани студии. Тоа нема да донесе квалитет, туку само раситнување и на тоа малку што го имаме. Во времето кога во Европа се рационализира виското образование, сметам дека треба сериозно да се преиспита потребата од толкав број високообразовни институтции во Република Македонија. Втората голема грешка која е направена во високото образование, ако може да се нарече „втора“ по 16 измени на Законот, е носењето на неадекватни, неприменливи и уникатни решенија со Законот за високото образование, во континуитет од 2000 година до сега. Како член на ректорската управа на УКИМ во изминатите години остро сме реагирале за секое решение кое не водело кон подобро, но чувството е дека тој глас никогаш не добил адекватен третман. Конечно, треба да се стави крај на систематските обиди на универзитетите да им се одземе тоа што им припаѓа – независноста, автономијата, слободната мисла. Затоа, итно е потребен Закон за високо образование, донесен со непосредно вклучување на универзитетските професори и студенти, односно оние за кои што е наменет.

Факултети.мк: Еден од најголемите предизвици на нашиот образовен систем беше воведувањето на Болоња. Што ни донесе овој систем?

- Системот на Болоња повеќе од 10 години функционира на факултетот каде што сум декан. Сметам дека тое беше голем исчекор во високо образовниот процес, неопходен услов да станеме конкурентни и компетентни на глобалниот пазар на трудот. Основната придобивка на болоњскиот процес е мобилноста и препознатливоста на дипломата и компентциите на европскиот пазар на трудот. Нашата адаптација на ЕКТ системот донесе можности нашите студенти и професори да бидат дел од најдобрите европски универзитети, да разменуваат искуства, знаења, идеи. Но, покрај овие придобивки, времето покажа дека и на „Болоња“ и се потребни корекции. Со тоа сите се сложуваме. УКИМ пред две години организираше трибина, на која беа дискутирани предностите и недостатоците на болоњскиот систем. Не е ништо страшно да признаеме дека има и недостатоци. Наша грешка е што Болоња во Македонија беше сфатена премногу круто и под превезот на Болоња, се воведоа и елеменити кои немаат врска со идејата за Болоња. Затоа, тие се предмет на промени, и тоа на УКИМ се прави во континуиетет во последните неколку години, сукцесивно со носењето нови и измени на постоечките студиски програми.

Факултети.мк: Ако ве изберат за ректор што ќе превземете во врска со хиперпродукција на магистри и доктори на науки?


- Факт е дека постои зголемен број на магистри и доктори на науки во однос на периодот од пред 2-3 децении. Но, ова прашање е комплексно. Од една страна се работи за глобален тренд за продолжување на образованието поврзан со стекнување на дополнителни знаења и вештини, неопходни за компетенцијата на професионалните и стручни кадри на пазарот на трудот, а од друга страна за сфаќањето дека тие компетенции можат да се артикулираат само преку магистерски и докторски студии, што е сосема погрешно. Напротив, доживотното учење и усовршување познава многу модалитети на доедукација. Хиперпродукцијата е логичен след на сето тоа што се случува во високото образование. Како ректор би се завземал за воведување на програми за стручна доедукација, со што тие кандидати би биле одлично подготвени за вклучување во стопанството и индустријата, а од друга страна за подигнување на квалитетот на студиските програми од трет циклус кои би ја задржале пред се научната и истражувачката димензија, потоа, промени во начинот на акредитација на ментори (изземање на редовните професори од акредитација), како и воведување на нови заеднички и двојни студиски програми со еминентни европски универзитети.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа