X
 07.06.2016 Интервјуа

Интервју со Коле Василевски, кандидат за ректор на УКИМ: Нов модел на финансирање на Универзитетот

Универзитетските професори Атанас Кочов, Ненад Новковски, Александар Димитров, Никола Јанкуловски, Коле Василевски, Елена Думова Јованоска се кандидатите за изборот на нов Ректор на УКИМ. Нов ректор законски треба да се избере до 15 јули. Факултети.мк ќе објави интервјуа со кандидатите, а сите ќе одговараат на исти прашања. Ќе имате можност да ги прочитате и нивните програми за работа со кои се кандидираат за оваа функција



Професор Коле Василевски, е актеуелен проректор за финансии, инвестиции и развој на УКИМ. Професор е на Шумарскиот факултет во Скопје. На овој факултет бил и продекан и декан. Тој исто така беше проректор за наука на УКИМ. Докторирал на Шумарскиот факултет во 1996 година и е автор на повеќе научни трудови. Добитник е на наградата Гоце Делчев за 2016 година.


Факултети.мк: Кои ќе Ви бидат приоритетите ако станете ректор на УКИМ?

Како проректор во два мандата, во различни ресори, имав можност да ги согледам можностите за подобрување во сите сфери нa функционирањето на Универзитетот. Перманентното развивање на образовната и научноистражувачката дејност на Универзитетот во функција на општествениот развој и негово афирмирање во земјава и надвор од неа ќе има приоритетно место во моите заложби. Од особено значење за Универзитетот е неговата препознатливост на единствениот светски академски простор.

Ваквата интенција Универзитетот ќе ја постигне преку зајакнување на конкурентноста на пазарот на образовни услуги и во научноистражувачката и стручно-апликативната работа. Ова ќе биде реализирано преку реализирање на повеќе активности, како што се: Воведување студиски програми компатибилни со водечките светски универзитети и согласно потребите на пазарот на трудот,интензивирање на учеството во заеднички научноистражувачки проекти, натамошно интензивирање на вклучувањата на визитинг-професори на единиците на УКИМ, учество во работата и програмските активности на најрелевантните регионални академски мрежи и програми (UNICA, CEEPUS, CEI, EUA, IAU, EAIE, AUF, NET/USEE, ERA, EIICM, IUC); Функционално поврзување и искористување на потенцијалот на факултетите, научните институти и придружните членки во универзитетот преку трансфер на знаење и споделување на позитивните практики, посебно во делот на предностите на информатичко-комуникациската технологија;

Сериозно залагање за обезбедување на висококвалитетен подмладок на наставно-научниот кадар земајки ја во предвид моменталната старосна структура и недостатокот од нови вработуванја во изминатиот период. Обезбедување на посебна поддршка за учество на младите научноистражувачки кадри и студентите кои ќе бидат вклучени во научноистражувачки активности на Универзитетот и надвор од него; Залагање пред надлежните институции за обезбедување на позначителни средства од Буџетот на РМ за финансирање на научноистражувачки проекти, како и поддршка во подготовка на проекти со кои ќе се конкурира во европските фондови и други меѓународни донатори. Зголемување на поддршката и проширување на опсегот за научноистражувачката дејност од средствата за интегративните функции на Универзитетот. Приоритетен дел од вкупните промени e градба на нов модел за финансирање на Универзитетот од страна наделот на финансирањето и инвестициите.Овој нов модел на финансирање ќе се темели на финансирање на реална цена на чинење за поодделните студиски програми за секоја единица. Исто така, веднаш ќе започнат активности и преговори со надлежните институции за формирање на Советот за развој и финансирање на високото образование. Ове две активности ќе бидат клучни за поставувањето на новиот модел за развој и финансирање на високото образование во Република Македонија.Овој модел на финансирање ја обезбедува финансиската автономија на Универзитетот, која подразбира самостојно одлучување за финансиско-материјалните средства, без оглед дали тие доаѓаат од државата, од стопанството, од самофинансирање, од донатори или од интернационални извори.

Факултети.мк: Високото образование во последните петнаесеттина години доживеа многу промени, некои позитивни, некои негативни. Кои се според Вас најголемите грешки кои државата, но и Универзитетите ги направија во високото образование?

- Кадровската политика на УКИМ е комплексно прашање условено од повеќе фактори. Со оглед на фактот дека државата го финансира високото образование во Република Македонија, рестриктивната политика за вработување на млади научни кадри е основна пречка при обновување на кадарот. Стареењето на ангажираниот наставно-научен кадар краткорочно и среднорочно би можело да има негативни последици врз квалитетот на наставата, како и на научно-истражувачката работа. Веќе подолг период Универзитетот и единиците се соочуваат со потешкотии во финансиското работење кои произлегуваат од трезорскиот систем на управување со финансиските средства, во кој се влезени и сопствените приходи единиците и Универзитетот. За надминување на ваквата состојба веднаш ќе се иницираат активности и преговори со надлежните институции во насока на олеснување на потешктиите кои произлегуваат од ваквото менаџирање на сопствените приходи до целосно изземање на сметките од самофинансирачки активности од трезорскиот систем на управување со финансиите. Развојот на научноистражувачката дејност на Универзитетот во изминатиот период е ограничен од недоволната буџетска поддршка во споредба со земјите во непосредното опкружување, а особено со развиените земји во Европа и светот. Во овој период научноистражувачката работа на УКИМ базирање главно на средства кои истражувачите ги обезбедуваа преку соработка со бизнис секторот и, особено, со користење на фондовите на ЕУ и останатите меѓународни донатори.

Факултети.мк: Еден од најголемите предизвици на нашиот високо образование беше воведувањето на Болоња. Што ни донесе овој систем?

- Болоњскиот процес е реформа на европското образование со целда ги задоволи потребите на пазарот на трудот и да ja подигне мобилноста на студентите и наставниците. Сепак, на универзитетите во Р. Македонија, Болоњскиот систем на образование не е целосно имплементиран. Потребно е постојано надоградување и усоврување на истиот преку осознавање на слабостите кои се јавуваат во процесот на неговата имплементација и нивно решавање. Успешното применување на Болоњскиот систем на образование овозможи хоризонтална мобилност на студентите и професорите, можност за подигање на повисоко ниво на обрзовниот процес и компатибилност на истиот со европскиот образовен систем. Универзитетот од аспект на квалитет на наставата и од финансиски аспект е конкурентен во европски рамки, за што сведочи зголемениот број на странски студенти.

Воведувањето на нови студиски програми ќе овозможи подобра конкурентност на пазарот на трудот и препознатливост на дипломите на европскиот пазар на труд. Искуството што наставниот кадар ќе го стекне како резултат на реализираната мобилност, ќе влијае на подобрување на наставата и методите на учење, како и на воведување нови наставни планови и програми кои ќе ги следат новите трендови во науката и образованието, како и најновите техничко-технолошки достигнувања. Воспоставените контакти се очекува да отворат врати за нови партнерства со високообразовни институции од Европа и светот и за склучувањето на договори кои ќе ги зголемат можностите за воспоставување на студиски програми со заеднички или двојни дипломи. Сето тоа позитивно ќе се одрази врз рангирањето на УКИМ на листата на светски признатите универзитети. Активна улога на студентите во управувањето и во обезбедувањето квалитет.Државата треба да го поддржи овој процес, како кадровски така и финансиски.

Факултети.мк: Ако Ве изберат за ректор, што ќе превземете нешто во врска со хиперпродукцијата на магистри и доктори на наука? 

- Во современиот свет каде глобализацијата ги брише националните граници и создава единствен академски простор, процесот на учење и трансфер на знаење претставува императив за хармонизирани знаења и способности.

Важна стратегиска цел за Универзитетот во следниот мандатен период треба да биде подобрувањето на квалитетот на студиските програми од втор циклус на студии во корелација со бројот на студиски програми од прв циклус на студии и потребите на стопанството. Приоритет треба да биде преструктуирање на студиските програми, во насока на обезбедување помалубројни но посилни студиски програми, согласно потребите на стопанството и пазарот на трудот, како и нивна компатибилност со програмите кои се организираат на реномираните европски универзитети. За таа цел треба да се реализираат бројни активности како што се:

* Развој на заеднички студиски програми со цел подобрување на квалитетот и максимално искористување на сите ресурси и потенцијали на Универзитетот;

* Воведување на студиски програми на англиски јазик на прв и втор циклус студии со цел поттикнување на интересот на кандидати од странство за студирање на УКИМ и зголемување на мобилноста;

* Залагање за развивање на студиски програми со издавање двојна (double) диплома и студиски програми со заедничка (joint) диплома со водечките универзитети во светот и

* Интензивирање на билатералните, регионалните и мултилатералните форми на академска размена и соработка со образовните институции.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа