X
 08.06.2016 Образование

Македонија - место каде оние платени да дадат знаење го одземаат истото за пари

Колку евра ви требаат за да положите испит? Доколку сте во Србија, 300 евра можеби ќе бидат доволни. Во Македонија, поточно на Економскиот факултет при УКИМ, ќе ви треба нешто повеќе - 500-1.000 евра. Секако, треба да најдете посредник или посредници, кои ќе ви помогнат во реализацијата на планот. Дури потоа ќе имате преодна оцена (или повисока, во зависност од професорот и сумата). Парадоксално, оние луѓе кои се платени да ви дадат знаење, ви го одземаат истото за повеќе пари.


Антикорупциската студентска мрежа во Југоисточна Европа спроведе истражување за корупцијата во високото образование во 2013 година и уште тогаш, резултатите покажуваа дека корупцијата е присутна во високото образование во Македонија.

Така, оттаму дознаваме дека студентите во Македонија иако се свесни за присуството на корупција на универзитетите, не ја пријавуваат бидејќи сметаат дека не би промениле ништо (28%), се плашат од одмазда (21%) или не се информирани за тоа каде се пријавува (17%). 39% изјавиле дека имале директно искуство кога студентот купува книга од професорот со цел да добие поголема оценка. 

Македонија и корупцијата

Факултети.мк неодамна спроведе анонимна анкета за купувањето испити на нашите факултети. 16% од испитаниците изјавиле дека платиле за 6-ка или за повисока оцена. Студентите плаќале од 50 до 700 евра за да го положат испитот. Најголем дел од анкетираните студенти одговориле дека платиле по 500 и 200 евра за положен испит. Студентите спомнуваат и принудно купување книги од професори како друг облик на мито.

Зошто студентите се одлучиле на овој потег?

„После 6 полагања и исто толку паѓања на испит мораше да се најде некое решение за да се положи. Инаку за 4 од тие 6 полагања сум речиси 99% сигурен дека имав доволно материјал за да го поминам испитот со солидна оцена“.

„По барање на професор, со зборовите: „Ќе си даеш софричка“.

Акција Еразмус

На почетокот на неделава, во акцијата Еразмус беа поднесени кривични пријави против осум лица на возраст од 29 до 65 години, од кои шестмина се професори на Економскиот факултет во Скопје, еден е демонстратор и еден е сопственик на бифе. Од МВР изјавија дека осомничените имале шема за земање поткуп од студентите. Сопственикот на бифето го земал поткупот, а потоа го предавал на асистентот, кој го давал на професорот.

Колку е присутна корупцијата во образованието во регионот?

Корупцијата е присутна во Македонија исто како и во Србија и Балканот. Според истражување на Белградското отворено училиште, испитите на факултетите во просек чинат 300 евра, но се дава мито и за одобрување на учебници, купување диплома итн. Според друго истражување од Бирото за општествени истражувања во Србија, еден испит може да чини од 600 до 1.100 евра, а за диплома се издвојуваат и од 3.000 до 10.000 евра. Митото е присутно и во основните и средни училишта, каде родителите им плаќаат на наставниците за преодна оцена.

Корупцијата причина за слаба економија

Новинарот Дино Јакиќ од БИРН, неодамна напиша текст за корупцијата на балканот за весникот „Süddeutsche Zeitung“. Во него, тој напиша:

„Корупцијата во високото образование доведе до слаба економија во земјата. Талентираните студенти, исфрустрирани со тоа што дипломите од Балканот имаат толку мала вредност, со задоволство земаат стипендии од ЕУ. Оние кои во странство завршуваат факултет често се во искушение да останат таму. Во нивната родна земја странската диплома мора да се признае само од домашен универзитет. Дипломите исто така треба да бидат прифатени од јавниот сектор, кој и понатаму е најголемиот и најсигурен работодавец на Балканот“.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование