X
 08.06.2016 Образование

На пет осомничени професори од Економски факултет им се одземени пасошите

На петтемина од вкупно осум осомничени за корупција на Економскиот факултет на УКИМ, кои завчера беа приведени во полициска станица, Обвинителството наместо мерка притвор им одреди мерка претпазливост - одземени им се пасошите и треба да се јавуваат во судот - соопшти денеска на прес-конференција јавната обвинителка Лидија Раичевиќ која ја води преткривичната постапка во предметот „Еразмус“.


Одлуката за мерка претпазливост за петте осомничени била донесена по анализа на нивната здравствена состојба и по разгледувањето на нивните семејни и материјални околности, нивниот работен статус и дали имало можност за бегство или влијание врз сведоци.

- Овие мерки се благи и може делуваат како привилегија кон обвинитетите, но воопшто не значат тоа. Суштината на делата е многу тешка, се работи за посебни групи жртви, тоа се студенти кои во подолг период имале притисок и не можеле да ги полагаат испитите на регуларен начин. Со целокупниот професионален кредибилет ќе ја добие длабината на суштината што значи кривично дело корупција и злоупотреба на службената положба - изјави Раичевиќ.

Во предметот, кој се обработувал во 2015 и 2016 година, се осомничени осум вработени на Економскиот факултет кои биле меѓусебно организирани во коруптивни дела, шест редовни универзитетски професори, еден демонстратор и управител на бифето на факултетот. Раичевиќ рече дека имињата на сите осомничени се звучни и познати се во јавноста, но дека нема да ги елаборира доказите кои се во постапка иако, како што рече, лично има голема желба да покаже што точно се случувало.

- Доказите за овој предмет се многу цврсти и многу ми е жал што законот не ми дава можност јавно да ви ги презентирам -истакна обвинителката.

Таа го именуваше само професорот Бобек Шуклев кај кого на паркингот на УКИМ во понеделникот биле најдени обележани 1.000 евра. Сомневања за корупција кај овие лица имало и во 2014, а Јавното обвинителство се вклучило во 2015 година кога била дадена наредба за примена на посебни истражни мерки.

Таа негираше некои тврдења на универзитетски професори дека со завчерашната акција на универзитетскиот кампус бил извршен упад во автономијата на УКИМ. Таа посочи на Законот за високо образование и одредбата за неповредливост на просторот што го поседува Универзитетот, но посочи дека таа вклучува и отстапка во случаи кога се прават кривични дела.

- Полицијата и другите државни органи во ситуации кога се соочени со затекнато лице во извршување кривично дело или треба да спречат извршување кривични дела можат слободно да влезат во овој простор. Во сите останати ситуации ректорот треба да биде известен. Автономија по дефиниција не значи и анархија - рече Раичевиќ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование