X
 11.06.2016 Образование

80 стипендисти од цел свет ќе зборуваат македонски во Охрид



Од денеска до 26 јуни ќе се одрѓи 49. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура што го организира Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје Вкупно 80 стипендисти од 17 земји од светот ќе учествуваат на 49. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура кој од денеска до 26 јуни ќе се одржува во Охрид.

Семинарот ќе ги следат стипендисти од Канада, Финска, Естонија, Франција, Словенија, Србија, Хрватска, Романија, Унгарија, Руска Федерација, Чешка Република, Полска, Украина, Австрија, Романија, Азербејџан, Кина и од Германија. Меѓу нив има странски студенти од првиот циклус на студии, кои го слушаат предметот македонски јазик во рамките на студиските програми на своите универзитети. Има студенти на втор и трет циклус студии кои во своите истражувања проследуваат теми во врска со македонскиот јазик, литература и култура и научни работници и универзитетски професори кои истражувале или истражуваат проекти од областа на македонистиката. Семинарот го организира Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

УКИМ станува Универзитет по македонистика

Во рамките на годинашната Летна школа на 25 и 26 јуни ќе се одржи 43. Меѓународна научна конференција на која македонските и странските експерти ќе ги презентираат своите најнови истражувања од областа на македонистиката.

- Наставата се одвива со секојдневни активности на учесниците насочени кон изучувањето на македонскиот јазик преку лекторски курсеви поделени според степенот на познавање на јазикот - велат организиаторите.

Според проф. д-р Славица Велева, директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, годинава ќе бидат одбележани повеќе јубилеи -1.100 години од смртта на св. Климент Охридски, основоположник на Охридската книжевна школа, 70 години од објавувањето на првата граматика на современиот македонски јазик и 70 години од објавувањето на првите книги за деца на современ македонски јазик.

- Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ преку предвидените активности на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, од 11 до 26 јуни во Охрид - градот на древните цивилизации, духовната традиција и на изворот на словенската писменост, постепено прераснува во летен Универзитет по македонистика - вели Велева.

Презентации, промоции, проекции

Јубилеите ќе бидат одбележани со секојдневни тематски предавања, кои ќе ги одржуваат универзитетски професори и истакнати научни работници од УКИМ. Покрај предавањата, учесниците во попладневните термини ќе ги следат курсевите по избор кои ќе ги раководат специјалисти од соодветните подрачја, а преку нив учесниците ќе можат поконкретно и интерактивно да се запознаат со најновите истражувања што се предмет на нивниот интерес.

Во вечерните часови е предвиден термин за презентации, промоции и интерактивни настани со кои ќе се збогати научната и културната понуда за учесниците. Во рамките на овие термини ќе се промовираат најнови научни и книжевни изданија, ќе се овозможат средби со познати македонски автори, проекција на документарни филмови од областа на културата и етнологијата и слично.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование