X
 12.06.2016 Култура

Зошто на нашите деца им е досадно на училиште, немаат трпение, нервозни се и немаат вистински пријатели?

1

 

Јас сум професионален терапевт со 10 години искуство во работата со деца, родител и наставници. Пораката од насловот е сосема точна - нашите деца се се' полоши и полоши во многу аспекти. Истата приказна ја слушам од секој наставник со кого разговарам. Долго време трае пропаѓањето на социјалното, академското и емотивното функционирање на децата, како и наглиот пораст во потешкотиите при учењето како и други дијагнози.


Денешните деца доаѓаат на училиште емотивно недостапни за учење и постојат многу фактори во овој наш модерен начин на живот кој придонесува за ова. Како што знаеме, мозокот е флексибилен. Опкружувањето може да го направи мозокот посилен или послаб. Искрено верувам дека и покрај сите наши најдобри намери, мозокот на нашите деца напредува во погрешен правец. Еве зошто...

1. Технологија

Технологијата станува бесплатен сервис за чување деца. Но плаќањето ве чека позади аголот, а валутата е токму вашето дете.

Во споредба со виртуелната реалност, секојдневниот живот е досаден. Кога децата ќе пристигнат во училниците, таму ги чекаат човечки гласови и реални визуелни стимулации за разлика од графичката експлозија и специјалните ефекти кои навикнале да ги гледаат на екраните. После многу часови поминати во виртуелна реалност, обработката на информации во училницата станува се' потежок предизвик за нашите деца бидејќи нивниот мозок се навикнал на високо ниво на стимулации кои ги даваат видео игрите. Неможноста да обработат пониско ниво на стимулации какви што добиваат на училиште, прави децата да не можат да се снајдат со академските предизвици. Технологијта исто така ги исклучува емоционално нашите деца и нашите семејства. Родителската емоционална достапност е главната храна за мозокот на детето. За жал, ние постепено на децата им ги одземаме хранливите материи кои им се најважни од се'.

2. Децата добиваат се' шо ќе посакаат буквално истиот момент


„Јас сум гладен!“ - Во секундата застанувате и на детето му купувате нешто да јаде. „Јас сум жеден!“ и веднаш се купува сок. „Мене ми е досадно!“ - Нема гајле, еве го телефонот. Можноста да се одложи задоволството е еден од клучните фактори за идниот успех и чувство на среќа. Ние навистина имаме најдобри намери и сакаме нашите деца да бидат сеќени, и ги правиме среќни во истиот момент, но тие стануваат долгорочно несреќни. Одлагањето на задоволството значи можност тие да функционираат под стрес. За жал, нашите деца стануваат се' помалку способни да се справат со стресот кој на крајот станува голема пречка за нивниот успех во животот.

Неможноста да се одложи задоволството често се гледа во училниците, рестораните и продавниците за играчки во моментот кога детето ќе го слушне зборот „НЕ!“ бидејќи родителите не го научиле своето дете на ваков одговор.

3. Децата владеат со светот

„Мојот син не сака зеленчук“. „Мојата ќерка не сака да оди во кревет рано“. „Тој не појадува“. „Таа не сака играчки, но одлично работи со iPad“ - ова се работи кои постојано ги слушам од родителите. Од кога децата диктираат како родителите треба да се однесуваат? Ако ги оставите сами да одлучуваат, тие постојано ќе јадат шпагети, кроасани, ќе гледаат телевизија, ќе играат на таблетите и никогаш нема да одат да спијат. Зошто тогаш ги оставаме да прават што сакаат и притоа знаеме дека тоа не е добро за нив? Без правилна исхрана и квалитетен сон, нашите деца на училиште одат нервозни, анксиозни и не можат да внимаваат. Покрај тоа, им испраќаме погрешна порака. Тие мислат дека можат да прават што сакаат. Концептот „она што треба да го прави“ е отсутен.

4. Забава, забава и само забава

Создадовме вештачки забавен свет за нашите деца. Не постојат досадни моменти. Во моментот кога детето ќе се смири, повторно продолжуваме со забавата бидејќи во спротивно чувствуваме дека не си ја извршуваме родителската должност. Живееме во два одделни светови. Тие имаат свој забавен свет, а ние имаме наш напорен свет. Зошто децата да не ни помагаат со домашните обврски? Ова се основните монотони задачи кои го тренираат мозокот да биде функционален и тие се неопходни за детето подоцна да учи на училиште. Кога ќе одат на училиште, и започнат да учат, за нив тоа е претешко. Нивниот мозок е обучен само за бескрајна забава, а не за досадна работа.

 

3


5. Ограничени социјални интеракции

Сите ние сме премногу зафатени, такашто на своите деца им даваме дигитални уреди за и тие да бидат „зафатени“ како нас. Децата кои си играат надвор, во неструктурирани природни средини учат и социјални вештини. За жал, технологијата го замени играњето надвор. Исто така, технологијата направи и родителите да бидат помалку достапни за социјална интеракција со своите деца. Очигледно, децата станаа втор план. Уредите кои ни ги чуваат децата не се способни за развој на социјалните вештини. Сетете се дека повеќето успешни луѓе имаат развиени социјални вештини. Ова треба да биде приоритет.

Мозокот е мускул кој може да биде обучен повторно и повторно. Ако сакате вашето дете да вози велосипед, морате да го научите. Ако сакате вашето дете да биде во можност да чека, морате да го научите на трпение. Ако сакате вашето дете да научи да се дружи, мора да ги развиете социјалните вештини. Истото важи и за останатите вештини. Нема разлика.

Читајќи ги горенаведените проблеми, немојте да паднете во очај ако се препознаете себеси и вашето дете. Можете да ги промените работите и никогаш не е доцна. Вашето дете може да стане успешно на социјален, емотивен и академски план. Еве што треба да направите:

1. Ограничете ја употребата на технологија и емотивно поврзете се со детето

Изненадете ги со цвеќе, насмејте се, оставете им емотивна порака во ранецот или под перница, изненадете ги со излегување на ручек, играјте заедно, лазете заедно. Одете на семејна вечера, играјте друштвени игри, возете велосипед, прошетајте навечер.

2. Тренирајте одложување на задоволството

Нека чекаат! Во ред е да им биде досадно - ова е првиот чекор кон креативноста

- Постепено зголемувајте го времето на чекање помеѓу „сакам“ и „добивам“.

- Избегнувајте користење на технологија во автомобилите и рестораните, и наместо тоа научете ги да чекаат.

- Органичете го постојаното грицкање на грицки.

3. Не се плашете да поставите граници


Немојте да се плашите да поставите граници. На децата потребни им се ограничувањата за среќно и здраво растење.

- Направете распоред. Нека се знае кога е оброк, кога е време за спиење и време за играње

- Размислете за тоа што е добро за нив, а не што тие сакаат, односно не сакаат. Тие подоцна ќе ви заблагодарат во текот на животот. Родителството е тешка работа. Морате да бидете креативни за да ги наведете да го направат она што е добро за нив, бидејќи воглавно е спротивно на она што тие сакаат да го направат.

- Децата мораат да имаат појадок и да јадат квалитетна храна. Тие мораат да поминуваат време на отворено и да спијат доволно за на училиште да бидат сконцентрирани и способни за учење.

- Претворете ги работите кои не им се допаѓаат во емпативно стимулирачки игри.

 

2


4. Научете ги да извршуваат монотони задачи низ доба

Овде спаѓаат активности како што се диплење алишта, средување на играчки, поставување на масата за ручек, местење на креветот. И овде важи правилото да бидете креативни. Нека нивниот мозок ги поврзе овие работи со нешто позитивно.

5. Учење социјални вештини

Научете ги да го враќаат она што ќе го земат, да делат, да победуваат и да губат, да прифаќаат компримиси и да им даваат комплименти на другите, како и да користат „молам“ и „благодарам“.

Од мое искуство како професионален терапевт, децата се менуваат оној момент кога родителите ќе ја променат својата свест за родителството. Помогнете им на вашите деца да успеат во животот низ овој начин на однесување и зајакнете го нивниот разум и чувство - колку порано, толку подобро!

Автор: Викторија Прудеј
Извор: Зелена учионица
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура