X
 14.06.2016 Образование

Жарко Даниловски, истражувач во САД: Студенти, сонувајте поголемо за да стигнете подалеку

Жарко Даниловски е Македонец кој работи во САД и собира награди од целиот свет. Неодамна се запознавме со него и пишувавме за наградата која ја доби за своето истражување во областа на ракот. Жарко има само 25 години, а досега има диплома од „Jacobs“ во Германија, а сега студира на „Sackler“ во САД.


Факултети: Жарко, неодамна дознавме за тебе како добитник на награда од Министерството за одбрана на САД. Кажи ни нешто повеќе за наградата.

Жарко: Министерството за одбрана на САД секоја година одвојува дел од својот буџет на истражувачки проекти од областа на ракот. Годишно доделуваат мал број на награди, а изборот е исклучително селективен. Оваа година министертвото за одбрана на САД додели 20 награди/грантови за кои имаа аплицирано голем број на докторанти и пост-докторнати од САД. Искрено, сосема неочекувано по 8 месеци од апликацијата ми стигна емаил дека комисијата при министерството ме избрала како еден од добитниците на награда.

Наградата вклучува целосна стипендија за моите студии, ги покрива сите трошоци во лабораторија како и трошоци за присуство на научни конференции. Оваа награда претставува огромна чест и поддршка за мене и мојата работа, и ми дава огромен стимул да продолжам со успешната научно-истражувачка дејност.

Факултети: Твојата област на студии и работа е интересна. Зошто се одлучи токму за неа?

Жарко: Мојот интерес за биологијата и природните науки се роди рано, уште како ученик во основно и средно училиште во Македонија. Во средно веќе работев на неколку научно-истражувачки проекти и присуствував на бројни народни и меѓународни натпревари, вклучуваќи два кои се одржаа во САД. Ме фасцинираше прашањето како функционира природата, а фактот дека знаеме мал дел од тоа беше мојот предизвик. Сé со цел да се стекнам со повеќе знаење и вештини се запишав на Јакобс Универзитетот во Бремен, Германија на додиплоски студии по Биохемија и Клеточна Биологија.

Морам да признаам дека насоката во Германија беше одличен избор, каде професорите навистина се залагаа прво теоретски а потоа практично да ни ги презентираат најновите методи и пронајдоци во полето на биологијата. Сметам дека за време на практичната настава ја пронајдов мојата идна професија - научно-истражувачкото експериментирање. По завршувањето на додипломските студии се одлучив да продолжам на докторски студии на Њујорк Универзитетот (NYU) во Њујорк, САД.

Факултети: Моментално си во САД. Што по докторските студии?


Жарко: Во моментов ја привршувам 4тата година од докторските студии и ми преостанува уште една година пред да дипломирам. По дипломирањето планирам да продожам со научно-истражувачката дејност во една од многуте лаборатории во околината на Њујорк / Бостон. Сакам да продолжам со моето истражување како доцент прво, а сонот би бил еден ден да имам своја лабораторија и да бидам професор на еден од врвните универзитети во светот.

Факултети: На што работиш во моментов и кои се твоите планови и амбиции за иднина?

Жарко: Во моментов работам на истражување од областа на генетските мутации кај ракот. Поспецифично сакаме да дознаеме како мутации во одредени гени, кои се често мутирани во канцер, придонесуваат во формирањето и развојот на ракот. Сé со цел да откријам како мутираните гени функционираат, користам најнови методи од областа на генетиката, молекуларната и клеточната биологија.


Дополнително работам на откривање на нови методи на уништување на канцерогените клетки кои ги имаат овие мутирани гени. Се надевам дека моето истражување ќе вплоди со труд и дека ќе придонесаме за нови третмани на канцер.

Факултети: Кој би бил твојот совет за македонските студенти?

Жарко: На македонските студенти би сакал да им порачам да го следат својот сон. Сметам дека секој има сон за кој мечтае, а соновите често стануваат реалност особено доколку се има амбиција, посветеност и се вложува труд. Би ги советувал да сонуваат поголемо за да стигнат подалеку.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование