X
 17.06.2016 Наука

Млечниот пат повеќе не е видлив за една третина од населението - Како влијае тоа на нас?

„Science advances“ штотуку го објави новиот светски атлас на вештачка ноќна светлина. Тој бил создаден од група научници кои биле водени од Италијанецот Фабио Фалчи. Атласот го мери таканаречениот вештачки небесен сјај - рефлектираната светлина во атмосферата од електричните светла на земјата низ светот.


Небесниот сјај е резултат на светлосното загадување, односно преголемата електрична светлина за време на ноќта. Фалчи и колегите проценуваат дека поради овој небесен сјај, Млечниот пат повеќе не е видлив за една третина од населението. 60% од Европејците и 80% од жителите во Северна Америка повеќе не можат да го видат Млечниот пат навечер.

Меѓутоа, проблемот со светлосното загадување не е само за гледање во ѕвездите. Фалчи и колегите велат дека тоа има влијание на јавното здравје и на околината.

Што значи небесниот сјај за вас?

Луѓето, како и повеќето други животни форми на планетава имаат циркадијален ритам. Се работи за вроден циклус за спиење и будење, глад, активност, производство на хормони, телесна температура и други физиолошки процеси. Циклусот трае околу 24 часа, а светлината, особено сончевата светлина, игра голема улога.

Небесниот сјај за кој се пишува во атласот влијае на нашиот циркадијален ритам со тоа што го потиснува лачењето на хормонот мелатонин. Оваа циркадијална физиологија се развила во период од милијарди години. Луѓето живеат со електрична струја само од 19 век. Иако тоа звучи долго, тоа е само мала капка во целата кофа.

Светлината ноќе може да ја наруши физиологијата на човекот. Ова започнало да се истражува неодамна, откако започнува да се забележува зголемено присуство на проблеми со лошо спиење, здебелување, дијабетес, некои форми на рак и пореметувања во расположението.

Има и некои еколошки последици од светлосното загадување кои вклучуваат зголемување на смртноста на животните, мигрирање на птиците и морските цицачи итн.

Исклучете ги светлата

Технологијата го создала проблемот со светлосното загадување, но технологијата ни покажува и какви облици на светлина се најштетни за нашето здравје. Така, најдобра е дневната светлина наутро и послабата придушена светлина навечер. Исклучете ги светлосините екрани на таблетите и телефоните и читајте книга навечер.

Можеби е време да се промени уличното осветлување. Енергетската ефикасност е важна, но важно е и здравјето на планетата.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука