X
 29.06.2016 Образование

Дали државната матура и завршниот испит се уште еден пропаднат концепт во образованието?

Средношколците, поточно учениците од гимназија можат да одлучат дали да полагаат државна или училишна матура, додека учениците од средните стручни училишта можат да избираат да полагаат државна матура или завршен испит. Истото се однесува и за средношколците од стручните училишта со три години.

 

matura


Оние кои избрале да полагаат државна матура имаат поголема предност во запишувањето на факултет пред средношколците кои се одлучиле за училишна матура или за завршен испит.

Причината поради тоа е што учениците кои полагаат државна матура мораат да полагаат четири предмети наместо два како што полагаат оние со училишната матура. Како што и претходно изјави Министерството за образование, концептот е направен за полесна селекција на кандидатите за запишување на факултет.

И тука се поставува прашањето: Што ако нема доволно кандидати кои полагале државна матура во првиот уписен рок? Министерството вели дека тогаш право на упис имаат и оние ученици кои имаат положено училишна матура и завршен испит. Токму тука целиот концепт државна матура/завршен испит паѓа во вода. Доколку целта е да се направи селекција на подобрите кандидати за факултет, зошто тогаш да се дозволи да се запишуваат ученици кои полагале завршен испит? И што ако овие ученици подоцна во текот на животот се предомислат и сакаат да одат на факултет? Дали тука завршниот испит ќе игра некаква улога и дали ќе биде пречка доколку некој од овие ученици подоцна се одлучи да се запиши на факултет? И дали тоа би било фер кон учениците кои полагале државна матура, со оглед на фактот што тие се подготвувале пообемно од оние ученици кои избрале завршен испит? Министерството за образование за ова се'уште нема дадено објаснување, односно нејасна е границата меѓу државна матура/завршен испит и запишувањето на факултет.

Сосема друг проблем е содржината на државната матура. Секоја година средношколците се соочуваат со небулозни прашања дали од овој или оној предмет и секоја година тие се жалат како тестовите се направени за да покажат дека се неписмени и дека не знаат. И сето ова доаѓа од тестирање кое за многу средношколци претставува еден вид на испит за нивната одговорност и зрел став кон образованието.

Оваа година особено беше на мета на критики матурата по македонски јазик и литература. Имено, пред да полагаат средношколците македонски јазик, дадени им се одредени насоки според кои тие треба да се подготвуваат за есејот и за матура која ги тестира ученици на материјал од цели четири години. Меѓутоа темата на матурскиот есеј која експертите ја подготвиле беше и тоа како контроверзна. „Вината на трагичните јунаци во делата на старите литератури“ - тема која истовремено збунува и ве тера да се запрашате кој воопшто ја составил бидејќи трагичниот јунак и вината и немаат баш некоја допирна точка - барем не во делата зададени во четиригодишното гимназиско образование.

Освен за темата, учениците се пожалија и за голем дел од прашањата на кои не можеа да пронајдат одговори во нивните учебници и ред други контроверзии поради кои голем дел од одличните ученици можат да добијат лоша оценка и покрај тоа што покажале врвен успех во текот на нивното четиригодишно образование.

 



Сето ова ќе продолжи да се случува се' додека од едната страна стојат необразовани „експерти“ кои со нивното незнаење создаваат критериуми за неуспех и кои ги оценуваат учениците кои знаат многу повеќе од нив. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование