X
 08.07.2016 Образование

Лилјана Димевска, добитник на Инженерски прстен: Техничкиот кадар е од круцијално значење за Македонија

Факултети.мк во серија на интервјуа ќе ви ги претстави сите добитници на Инженерскиот прстен за 2016-та година.



1. Како студент на Архитектонски факултет, Вие сте добитник на Инженерскиот прстен, најпрестижната инженерска награда во Македонија? Што претставува оваа награда за Вас?

Наградата би ја дефинирала како ,,конечен резултат’’ стекнат во текот на петгодишен труд, напорна работа, голема амбиција и страст кон професијата, напредок и желба за успех. ,,Инженерскиот прстен’’ е доказ дека тој резултат останува забележан од страна на институциите и се наградува. За мене наградата претставува инспирација за да продолжам со истото темпо и ентузијазам понатаму. И не само за мене, туку за сите млади студенти инеженери, да бидат повеќе од просечни, да бидат амбиционзни и она што го работат, да го работат со целата своја енергија, посветеност и дефинитивнно, со љубов.

2. Како ќе ја искористите наградата во вашиот професионален живот?

- Бидејќи се работи за највисокото достигнување на еден студент во областа на инженерството, претставува голема чест и задоволство да се носи Инженерскиот прстен на рака. Одеднаш, во очите на институциите и работодавачите, сме чекор понапред,. Дефинитивно ја збогатува професионалната биографија и ги отвора вратите пошироко за посигурно и полесно да запливаме во професионалните води.

3. На кој начин ќе придонесете во развојот на македонското инженерство? Имате ли визија и зацртани цели што сакате да ги постигнете?

Живееме во многу динамично време, време на иновации и напредна технологија, во кое што техничките факултети и кадарот што произлегува од нив се од круцијално значење за нашата држава. На Македонија и требаат млади и креативни умови, чии што темели ќе бидат постарите и искусните инженери, нашите професори - учители. Сметам дека со заедничка соработка и интеракција може многу да се придонесе за развојот на македонското инженерство. Конкретно, за архитектурата како мој домен, имам визија да ја вложам целата моја креативност, енергија и посветеност во создавање на одржлива, паметна и модерна архитектура која ќе го подобри квалитетот на живеење.

4. Дали како добитници на Инженерски прстен веќе соработувате со другите колеги? Или размислувате за соработка во рамки на клубот на добитници?

- Дефинитивно, инженерите, треба да соработуваат меѓусебно, да споделуваат идеи и знаење. Во тој поглед, сум за соработка со колегите, како и соработка во клубот на добитници. Сметам дека тоа би било одлична можност за надградба на професионал план, како дополнителна активност, од аспект на соработка со колеги - инженери, запознавање со креативни и иновативни луѓе, размена на идеи и искуства, што секако ќе даде голем придонес за македонското инженерство.

5. Колку предлозите на Инженерската институција за ваше стипендирање и идно вработување, ќе Ви го олеснат патот во научните води?

Сметам дека едно од најголемите богатства на една држава се вистински амбициозни умови кои сакаат да го надградуваат своето знаење во текот на целиот живот и да даваат придонос за развојот на инженерството на таа земја. Мислам дека иницијатавата на Инженерската институција да се инвестира во надградба на нашето образование е вистинската награда за нас. Тоа дефинитивно би претставувало олеснување за да тргнеме по правилниот пат, патот на науката. Со овој гест, би имале уште поголема волја, инспирација и сигурност во оформување на нашиот професионален профил и желбата за напредок.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование