X
 19.07.2016 Образование

Интервју со Ивана Николоска, добитник на Инженерски прстен: Ќе придонесам во унапредување на животната средина

Ивана Николоска е добитник на Инженерски прстен, најпрестижната инженерска награда во земјава. Таа студира на Шумарскиот факултет, а наградата ја смета за мотивација за понатамошната работа. Повеќе за Ивана во интервјуто во продолжение.


Факултети: Како студент на Шумарски факултет, Вие сте добитник на Инженерскиот прстен, најпрестижната инженерска награда во Македонија? Што претставува оваа награда за Вас?

Ивана: Инжинерскиот прстен е значајна награда и е привилегија на најдобрите и најталентираните студенти од техничките факултети во земјава. Верувам дека многумина студенти ја посакуваат оваа награда, но само одбраните и најуспешните со највисок просек ја имаат честа да ја добијат.

Факултети: Како ќе ја искористите наградата во вашиот професионален живот?

Ивана: Наградата ја сметам за поттик во понатамошно усовршување и надградување во образованието и кариерата. Сакам да го продолжам образованието на постдипломски магистерски студии во земјава и се гледам на работна позиција која би дала значаен придонес во областа на озеленувањето и унапредувањето на животната средина.


Факултети: На кој начин ќе придонесете во развојот на македонското инженерство? Имате ли визија и зацртани цели што сакате да постигнете?

Ивана: Во блиска иднина се гледам тука, во Македонија, каде што би се насочила кон зачувување и нега на зелените површини, кои, за жал, сè помалку ги имаме. Треба да се поработи на свесноста на луѓето околу важноста на шумите и зеленилото во подобрување на целокупните животни услови. Сè додека човекот е блиску до природата, се дотогаш ќе може да ги почувствува и добива сите нејзини благодети. Колку повеќе се оддалечува, ја уништува и загадува животната средина и ги нарушува природните процеси- сето тоа се одразува врз човековото здравје, мир и благосостојба.

Факултети: Дали како добитници на Инженерски прстен веќе соработувате со другите колеги? Или размислувате ли за соработка во рамки на Клубот на добитници?

Ивана: Имав прилика да ги запознаам и останатите добитници на инженерскиот прстен, да поразговараме за лични и професионални планови во иднина и навистина би било убаво и пожелно да соработуваат инжинери од различни области за придонес кон целокупното општество.

Факултети: Колку предлозите на Инженерската институција на Македонија за ваше стипендирање и идно вработување ќе Ви го олеснат патот во научните води?

Ивана: Сметам дека примарна цел е да се даде можност за понатамошно стипендирање за доусовршување и продолжување на образованието, како и обезбедување на работа според образовниот профил, иако за овие предлози и нивна реализација ќе решаваат надлежните. Секој млад амбициозен човек би сакал да добие вработување на солидна работна позиција според струката, каде што би ги покажал своите знаења и вештини и би придонел во развој на македонското инжинерство.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование