Мартина Бошковска е студент на Технолошко-металуршкиот факултет. Таа е добитник на Инженерски прстен, што претставува најпрестижна инженерска награда во земјава. Повеќе за Мартина прочитајте во интервјуто во продолжение.
Факултети: Како студент на Технолошко-металушрки факултет, Вие сте добитник на Инженерскиот прстен, најпрестижната инженерска награда во Македонија? Што претставува оваа награда за Вас?
Мартина: Наградата Инженерски прстен претставува поттик за свое понатамошно професионално надоградување и постојано усовршување.
Факултети: Како ќе ја искористите наградата во вашиот професионален живот?
Мартина: Да се добие најпрестижната инженерска награда е навистина гордост. Oваа награда ми покажа дека со вложен труд и љубов кон она што го работиш следува успех. На истиот начин ќе продолжам и во професионалниот живот.
Факултети: На кој начин ќе придонесете во развојот на македонското инженерство? Имате ли визија и зацртани цели што сакате да постигнете?
Мартина: Како текстилен инженер, во иднина се гледам на работно место каде ќе бидам препознатлива во оваа индустрија и каде би придонела за нејзин развој и усовршување.
Факултети: Дали како добитници на Инженерски прстен веќе соработувате со другите колеги? Или размислувате ли за соработка во рамки на Клубот на добитници?
Мартина: Соработката во рамки на Клубот на добитници е од суштествено значење. Секоја индустрија,сама по себе, е поврзана со останатите на одреден начин. Затоа интердисциплинарната соработка е неопходна за успех и развој.
Факултети: Колку предлозите на Инженерската институција на Македонија за ваше стипендирање и идно вработување ќе Ви го олеснат патот во научните води?
Мартина: Доколку предлозите на ИМИ станат реалност, овие бенефити би го олеснале понатамошното образование и патот до успешна кариера и секој од нас ќе добие шанса која ја заслужува.