X
 27.07.2016 Живот

Каде живеат највисоките луѓе во светот и на кое место се наоѓа Македонија?

Мажите од Холандија и жените од Латвија се највисоките на планетата, открива најголемото истражување за висината спроведено насекаде низ светот.

 

висина


Истражувањето, предводено од научниците од Кралскиот колеџ во Лондон, со користење на податоците од повеќето земји во светот, ја следело висината кај младите мажи и жени во периодот помеѓу 1914 и 2014 година.

Помеѓу резултатите, истражувањето откри дека жените од Јужна Кореја и мажите од Иран покажаа најголемо зголемување на висината во текот на изминатите 100 години. Мажите од Иран пораснале во просек 16.5 сантиметри, а жените од Јужна Кореја 20.2 сантиметри.

Висината на мажите и жените во Велика Британија се зголеми за 11 сантиметри во изминатиот век. За споредба, висината на мажите и жените во Америка се зголеми за 6 и 5 сантиметри, а висината на мажите и жените од Кина за околу 11 и 10 сантиметри.

Исто така, истражувањето открива дека Америка падна од трета земја во светот со највисоки мажи и четврта со највисоки жени во 1914 година, на 37 и 42 место во 2014 година. Генерално, помеѓу десетте највисоки нации за 2014 година доминираат европските земји.

Истражувачите исто така откриле дека некои земји престанале да растат во текот на изминатите 30 до 40 години, и покрај првичното зголемување на почетокот на овој век. Тоа се Велика Британија, Финска и Јапонија, додека Шпанија и Италија и голем дел од земјите во Латинска Америка и Источна Азија се'уште растат во висина.

Понатаму, некои земји, особено во суб-сахарска Африка, Северна Африка и на Блискиот Исток имаат пад на просечната висина во текот на изминатите 30 до 40 години.

Колку високи растеме зависи од исхраната и факторите на животната средина, иако голема улога играат и генетските фактори на поединецот. Децата и адолесцентите кои подобро се хранети и живеат во подобри средини имаат тенденција да бидат повисоки, а врз висината влијае и исхраната на мајката за време на бременоста. Висината има доживотни последици по здравјето па дури и образованието и заработувачката. Некои истражувања покажуваат дека повисоките луѓе имаат подолг животен век, се здобиваат со подобро образование, па дури и заработуваат повеќе. Сепак, височината носи и ризици по здравјето како на пример поголем ризик од одредени видови на рак, вклучувајќи и рак на јајниците и простатата.

 

1
Висината на мажите низ светот во 1914 и 2014 година


„Истражувањето дава слика за здравјето на државите во текот на минатиот век и ја открива дека просечната висина на некои земји дури и може да се намалува, додека за други продолжува да расте. Со ова се потврдува фактот дека мора да ја подобриме исхраната кај децата и адолесцентите“, вели професорот Маџид Езати, од Училиштето за јавно здравје при Кралскиот колеџ во Лондон.

„Нашето истражување покажува дека земјите со англиско говорно подрачје, особено Америка, се позади другите земји со високи приходи во Европа и Азија. Заедно со слабите резултати на овие земји во однос на дебелината, ова ја нагласува потребата за поефективни политики кон здравата исхрана во текот на животот“, додава тој.

 

2
Висината на жените низ светот во 1914 и 2014 година


Што се однесува до Македонија, жените во 1914 година се наоѓале на 148-то место, додека во 2014 година резултатите покажуваат подобрување и тие се искачиле на 86-то место. Мажите пак, не доживеале толкав напредок, па oд 39-то место во 1914 година, се најдоа на 24-то место во 2014 година.

Истражувачкиот тим, во кој биле вклучени речиси 800 научници и бил во соработка со Светската здравствена организација, користеле податоци од широк спектар на извори, вклучувајќи и податоци од воена регрутација, анкети за здравјето и исхраната на населението и епидемиолошки истражувања. Тие ги искористиле овие избори за да генерираат информации а висината кај 18 годишните во 1914 година (кои биле родени во 1896) и 18 годишните во 2014 година (кои биле родени во 1996).

Меѓу наодите тимот откри дека:

- Мажите од Холандија се највисоки на планетата со просечна висина 182.5 сантиметри. Жените од Латвија се највисоки со просечна висина од 170 сантиметри.

- Топ четирите земји со највисоко население кај мажите се Холандија, Белгија, Естонија и Чешка.

- Мажите од Источен Тимор се најниски во светот во 2014 година, со просечна висина од 160 сантиметри, а најниските жени живеат во Гватемала со просечна висина од 149 сантиметри.

- Разликаа помеѓу земјите со највисока и најниска популација во светот за 2014 година е 23 сантиметри за мажите, и 20 сантиметри за жените.

- Висинската разлика помеѓу мажите и жените во просек остана непроменета во текот на 100 години - околу 11 сантиметри во 1914 година и 12 сантиметри во 2014 година.

- Просечната висина на мажите и жените е намалена за околу 5 сантиметри во последните 40 години во некои земји во суб-сахарска Африка како Сиера Леоне, Уганда и Руанда.

- Мажите од Австралија во 2014 година биле единствените не-европски државјани во првите 25 највисоки нации во светот.

- Најниските мажи во 1914 година биле во Лаос, кадешто просечната висина за еден маж била 153 сантиметри, слично колку едно добро хрането 12 годишно момче денес. Во 1914 година најниските жени живееле во Гватемала, кадешто просечната висина била 140 сантиметри, слична висина на добро нахрането 10 годишно девојче денес.

Земјите во кои мажите се највисоки за 2014 година (во заградата се наоѓа рангот од 1914 година)

1. Холандија (12)

2. Белгија (33)

3. Естонија (4)

4. Латвија (13)

5. Данска (9)

6. Босна и Херцеговина (19)

7. Хрватска (22)

8. Србија (30)

9. Исланд (6)

10. Чешка Република (24)

Земјите во кои жените се највисоки за 2014 година (во заградата се наоѓа рангот од 1914 година)

1. Латвија (28)

2. Холандија (38)

3. Естонија (16)

4. Чешка (69)

5. Србија (93)

6. Словачка (26)

7. Данска (11)

8. Литванија (41)

9. Белорусија (42)

10. Украина (43)

 


Целосното истражување можете да го погледнете ТУКА.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот