X
 11.08.2016 Живот

Родителството е единствената титула која никој не може да ни ја одземе

дете

 

„Родителството е единствената титула во животот која никој не може да ни ја земе“. Оваа реченица ми ја кажа еден универзитетски професор. Мојата приказна започнува во прилично „раните“ години.


На 22 години останав бремена, студирав медицина, и се'уште се трудам да го завршам патот кој го започнав. Самиот поим родителство според мене е тесно поврзан со одрекувањето. Овие одрекувања не ми паѓаат тешко бидејќи мислам дека сега мојот живот го живеам за подобра иднина на моите деца. Се' што правиме и создаваме, секој труд и секоја мака, секое вложување во себеси е всушност наше големо влијание врз децата и семејството бидејќи ние им ги отвораме вратите кон иднината.

Не е секогаш лесно да се биде родител. Целиот живот е под „обврски“ но оние убавите и значајните. Бидејќи, утре кога нешто ќе создадеме и направиме, со гордост можеме да застанеме пред светот и без ниту еден кажан збор, ќе знаеме дека нашето одрекување создало нешто на кое ние сме горди. Кога реков дека не е лесно да се биде родител, не мислев на непроспиените ноќи, не мислев на никнувањето на забите, гребнатинките, вирусите. Постои и друга, потешка страна на родителството.

Моето дете за време на пораѓањето беше повредено. Од една болница отидовме во друга која беше 350 километри оддалечена од нашиот дом. Сето тоа на прв поглед беше тешко. Како сама ќе се справувам со детето. Како сама далеку од сите. Тогаш сфатив дека не е важно. Единствената цел ми беше да го излечам моето дете и да се соочам со грешката на докторите. Да ја прифатам волјата на Бог и судбината и да се помирам со тоа дека можеби така требало да биде и сум благодарна што може да биде подобро.

Од тој момент, никогаш во животот не размислувам дека може да биде полошо, бидејќи тоа што ми се случи за мене беше најлошо. Во текот на таа година помината во болница, емоциите секојдневно се менуваат. Би рекла на секој час. Прво бев задоволна со резултатите кои ги постигнавме, а потоа станував тажна што моето бебе го направи првиот чекор на болница, првото запче му се појави на болница, првиот изговорен збор беше на болница. Се растажував кога низ прозорецот ќе видев среќно и здраво семејство кое поминува време во паркот, а ние од друга страна бевме разделени и далеку од домот и најмилите. Тоа се само некои работи кои беа тешки. А ги има доста, верувајте. Гледајќи ги младите мајки како се „нервираат“ што не можат да излезат, јас само си помислував дека го немав тој „луксуз“. И кога имав можност за слободно време, јас повторно го користев за да бидам со детето. Времето поминуваше, а резултатите беа се' подобри. Задоволна сум од својот труд и од поддршката на моето семејство, па јас и мојот сопруг се одлучивме за уште еден нов член на семејството. И покрај работите што ни се случија сфативме дека нема причина за грижа и откажување од проширување на семејството бидејќи ние како родители со својата љубов, грижа, труд, вложување и одрекување создаваме нешто совршено. Да, совршено. Сите луѓе кои мислат дека не постои нешто совршено се лажат. Ние создаваме совршено. Децата се нешто совршено. Но нема да застанеме тука. Се' додека можеме и имаме услови, ќе го надополнуваме нашиот совршен живот.

Единствен совет кој можам да им го кажам на родителите е дека тие се среќни луѓе кои имаат здравје и љубов и дека никогаш не треба да се откажуваат и да гледаат кога е „совршено“ време за деца. Секое време е нивно и тие постојано треба да се сакани.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот