X
 12.08.2016 Образование

Интервју со Игор Петровски: Студиите на ФИНКИ ме однесоа на ETH Zurich

Игор Петровски е студент кој во јуни дипломира на факултетот ФИНКИ како најдобар студент на генерацијата, со просек 10.00. Оваа есен Игор го продолжува своето образование на магистерски студии на универзитетот ETH Zurich, еден од најдобрите технички универзитети во светот.

 

 student

 

Факултети.мк: Дипломиравте како најдобар студент на генерацијата со просек 10.00 и веднаш продолжувате на магистерски студии. Кои се вашите искуства како студент на ФИНКИ?


Игор: На ФИНКИ дојдов со солидно предзнаење од програмирање, слабо предзнаење од математиката и со многу ентузијазам. Уште тогаш ми беше јасно дека за да се биде добар информатички инженер потребно е солидно познавање од математика. Во прва година се посветив на пополнувањето на празнините во оваа област, како и проширувањето на знаењата за основите на програмирањето.

Во втора година, се посветив на изучувањето на алгоритмите и на натпреварите за алгоритамско програмирање. На почеток не се издвојував од другите натпреварувачи, но после една година напорна работа успеав да победам на финалниот натпревар на CodeFu 2014 (натпревар отворен за сите македонски студенти). Еден месец подоцна се пласирав со мојот тим на ACM регионалниот натпревар во Романија, кадешто го претставувавме УКИМ.

Следната година решив стекнатото знаење да го применам во правење на практични проекти. Имав многу мало познавање за тоа како се гради еден реален проект од почеток до крај. Претходните проекти што ги работев или беа дел од некој поголем проект или беа проекти кои не бараа целосно довршување во поглед на крајните корисници. Јас и  уште тројца колеги ја направивме апликацијата „Go - Nearby Events and Places“. Апликацијата, која иако не го постигна успехот што го посакувавме, ни покажа дека сме способни една идеја, од еден обичен разговор на кафе, да ја преточиме во вистински продукт.

Како апсолвент се посветив на аплицирањето на магистерски студии, како и на изготвувањето на мојата дипломска работа.

Повеќето од студентите пред дипломирање донесуваат одлука дали веднаш да се впуштат во индустријата или да продолжат со усовршувањето на постдипломски студии. Јас се одлучив за магистерски студии, како следен чекор во моето образование. На тој начин, мислам дека ќе ми се отворат повеќе можности за напредок во понатамошната кариера.

Факултети.мк: Добивте стипендија за магистерски студии на ETH Zurich, универзитет меѓу првите 10 технички универзитети во светот. Како се стигнува таму?


Игор: За аплицирање ETH Zurich потребен е детален опис на слушаните предмети, за да видат дека материјалот што се обработувал на додипломските студии соодветствува со материјалот што ќе се обработува на постдипломските студии. Дополнително, потребни се и препораки од професорите.
Да бидам искрен, не очекував дека ќе бидам примен поради тоа што конкуренцијата е голема, а филтерот многу тесен. Сепак, добив позитивен одговор, а со тоа и потврда дека успесите постигнати на ФИНКИ се вреднуваат и на најдобрите странски универзитети. Просекот, како и проектите што ги направив во склоп на предметите што ги слушав, мислам дека беа главен фактор за тоа што бев примен.

Дополнително, натпреварите во алгоритми на кои учествував ми ги зголемија шансите за добивање на стипендија на овој универзитет.

Факултети.мк: Дали се чувствувате подготвен да се соочите со предизвиците на студиите кои ви претстојат?

Игор:
Во последната години од моето студирање моите интереси ги насочив кон областа машинско учење, која е дел од областа вештачка интелигенција. Сметам  дека магистерските студии ќе ми помогнат во усовршувањето во оваа област и ќе ми дадат можност за учество во некои интересни проекти.

Свесен сум дека магистерските студии ќе бидат многу напорни, но сепак мислам дека знаењето што го стекнав овие 4 години ќе ми даде солидна основа за справување со понатамошните предизвици.

Би сакал да напоменам дека успесите постигнати на ФИНКИ се вреднуваат. Затоа, ги охрабрувам сите студенти на овој факултет што се двоумат дали да аплицираат на врвните светски универзитети за понатамошно усовршување, да го направат тоа.

Факултети.мк: Не е прв пат да ве интервјуираме. Минатиот повод беше апликацијата „Go”, во меѓувреме имавте и други успеси. Се чини дека сакате да се пробате и успеете со практични проекти?

Игор:
На ФИНКИ, особено во трета и четврта година, има многу предмети што ви даваат слобода да правите практични проекти. Всушност, така и произлезе апликацијата „Go - Nearby Events and Places", минатата година. Во текот на следниов месец ќе ја издадам и Андроид апликацијата "Мој Весник" што беше презентирана во мојата дипломската работа. Апликацијата претставува персонализиран читач на вести, што на корисникот му овозможува читање на содржини од македонските портали според неговите преференци. Сè што треба да направи корисникот е да ги избере темите за кои сака да се информира и македонските веб страници од кои сака да ги добива тие информации. Потоа, нашата апликација му ги доставува посакуваните содржини.

Факултети.мк: Каде ја гледате својата професионална кариера и колку искуството на ФИНКИ има удел во тоа?


Игор: По завршувањето на магистерските студии, би сакал да основам своја компанија која ќе се занимава со производство на софтвер. Сметам дека на ова поле има простор за уште многу иновации и напредок, особено поради тоа што софтверот се испреплетува со уште многу други области, како што се медицината, транспортот, итн.

Искуството што го добив на ФИНКИ и остварените познанства ми се од големо значење. Покрај стекнатото техничко знаење, запознав и многу квалитетни студенти со кои соработував и взаемно си помагавме. Сигурен сум дека соработката и дружењето ќе продолжат и понатаму, иако сега ни се разделуваат патиштата. 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование