Денес со волонтерската дружина од четири души (претходно не се знаевме - одговорија на повикот што го пратив на фејсбук), од две подорумски простории на една куќа вадевме кал - тешка, сеприсутна, смрдлива и измешана во сооднос во кој мислам дека убедливо доминираа фекалиите, до толку што при истурање на материјата во кофите се слушаше она непогрешно „шлуп“. Во дворот на дедото префрливме, реално, еден или два тона од оваа грозна материја. Ова е помалку битно од една друга работа.
Во Стајковци на сретсело беа присутни воени полицајци и војници дојдени во оние тешки оклопни возила. Зошто арчот за гориво не знам, кога можеле со камиони, ама ајде. Овие луѓе, може со сигурност да се каже, се одлични за регулирање сообраќај. На главните две раскрсници имаше по 20 души кои пропуштаа или не пропуштаа возила според тоа колку е вешт во нагодување возачот.
Во меѓувреме, најефективното чистење во селото го обавуваат работници од јавните претпријатија (забележав луѓе со капчиња на МЕПСО, локални водоводни подружници, разни општини, итн. од градови низ земјава), самите жители на Стајковци, и млади урбани и рурални деца и девојки кои со лопати на рамената бараа каде можат да помогнат.
За жал, штом почне да се стемнува, волонтерите си одат а жителите на погодените места остануваат сами со смрдеата и купиштата ѓубре. Хуманитарните интервенции не траат половина ден бидејќи потребите на луѓето не траат само половина ден. Што прават тие сега - не би можеле да знаеме. Најверојатно се мислат уште колку денови ќе мизеруваат додека да се расчисти оној пандемониум. Во добро организирани околности, таму ќе беа донесени подвижни рефлектори и ќе можеше да се работи.
Ако се продолжи со исто темпо, не правиме ништо. Потребно е да се делува ептен, ептен брзо. Волонтерите не можат самите да го решат проблемот. Сега е потребна ДОБРО КООРДИНИРАНА тешка механизација. На сечие големо разочарување, координацијата е во суфицит во овие наши простори. Македонија има криза на лидерство. Да не беше така, војниците и воената полиција ќе беа далеку поагилни и решителни во каузата на нивното присуство. Затоа што лидерството доаѓа од горе - најгоре, којзнае што им се врти во главата на платениците. Знаеме дека кога моралот е низок, војниците дезертираат.
Во Македонија моралот е на ниво со фекалиите во подрумските простории во Стајковци и Сингелич/Хасанбегово. Јас сум многу позитивен човек и ваква мисла не ми поминува низ глава, но гледам тоа што гледам. Платениците не сакаат да се бербатат затоа што над нив нема човек со доволно силен кредибилитет и интегритет што може да им дава наредби кои тие верно ќе ги исполнуваат. Тоа што нема кој да го испланира теренот и човековите ресурси на располагање е втората трагедија после самата поплава. Оваа дупка што зјае во капацитетите на државата може да се пополни само доколку во овој миг се испилат вистински лидери меѓу луѓето.
За да се скрати агонијата потребен е мултиинституционален, сестран обид кој вклучува волонтери, приватни компании, јавни претпријатија, војска, полиција и хуманитарни организации. Една од одликите на успешното лидерство е способноста човек да комуницира успешно - односно, да знае да ги распознае потребите од можностите и истовремено да раководи со капацитетите под притисок на времето.
Ако не се постави на маса една голема карта од погодената област, и ако не се пратат на терен луѓе што со GPS координати ќе ставаат „шпенагли“ во разни бои - според нивото на потребите на домот, и ако не се комуницира назад во штабот каде се потребни колку волонтери со каков алат, и на кои точки е потребна механизација, и кои точки имаат највисоко ниво на итност, и на кое место некој има отворена рана или му се врти - ќе биде интересно колку долго ќе трае сево ова.
Патем, помошта е ПОЛИТИЗИРАНА. Партиите организираат свои екипи. Тоа е еден дел од причината за хаосот.
Мислам дека е добар момент да се започне јавен виртуелен часовник кој ќе го одбројува поминатото време додека не се врати во некакво прифатливо ниво на нормалност секоја куќа и семејство што било погодено од поплавата.
Сега сме сеуште во првата фаза на хуманитарниот обид, а требаше да бидеме во втората - санирање на штетите, по што може да следува третата - носење нов мебел, паркет, кревети, апарати за домаќинство, Многу луѓе ќе си почекаат.
Мојата донација во памет во вредност од два денари што луѓето на клучни позиции никогаш нема да ја прочитаат и земат предвид.