X
 18.08.2016 Образование

Интервју со продеканот за настава на ФИНКИ, доц. д-р. Ивица Димитровски: ФИНКИ дава гаранција за квалитетни студии

Во пресрет на уписите разговаравме со продеканот за настава на ФИНКИ доц. д-р. Ивица Димитровски.



Почитуван продекан за настава доц. д-р Ивица Димитровски, во тек се уписите на ФИНКИ и тука гледаме голема раздвиженост и заинтересираност меѓу идни студенти. Кои се вашите очекувања од уписите денес?

Сите матуранти кои своето образование сакаат да го насочат кон информатичките науки и компјутерското инженерство веќе немаат дилема, ФИНКИ е нивниот вистински избор. ФИНКИ годинава е на располагање на нови 990 бруцоши кои може да се запишат во учебната 2016/2017 година. Од нив, 700 бруцоши ќе се запишат во државна квота, односно 290 во квота со ко-финансирање. Нашите очекувања во однос на уписите се дека повторно најдобрите матуранти во вообичаено голем број ќе го изберат ФИНКИ за да го продолжат своето образование.





За идните студенти годинава нудиме 6 студиски програми: компјутерски науки и инженерство – КНИ, мрежни технологии – МТ, примена на е-технологии – ЕТ, компјутерска едукација – КЕ, информатика и компјутерско инженерство – ИКИ и академски студии по информатика – АСИ. Нудиме и дополнителна студиска програма за компјутерски науки и инженерство која е целосно на англиски јазик и е атрактивна како за нашите матуранти така и за студенти од странство. Студиските програми се со голем број на изборни предмети преку кои студентите може самостојно да го дефинираат својот профил согласно нивните желби, потребите на пазарот на трудот и трендовите во информатичките технологии. Се ова надополнето со богатата практична работа која им се нуди на студентите преку работа на реални проекти во рамките на факултетот со професорите и асистентите, како и со многубројните компании со кои ФИНКИ има склучено договори за соработка е гаранција за квалитетни студии.

На студентите и дипломците на ФИНКИ им се отвораат многу можности за квалитетно и брзо вработување, можности за сопствен бизнис во Македонија и во светски рамки, продолжување на студиите на реномирани универзитети и институции насекаде низ светот. ФИНКИ не застанува, напорно и континуирано работи на подобрување на студиските програми и вклучување на новини и иновации во целокупните работни процеси на факултетот со цел да остане во чекор со брзиот раст на информатичките технологии и компјутерското инженерство како и потребите на студентите.

Освен со уписите деновиве сте преокупирани и со организација на летна школа во Охрид од областа на машинско учење и вештачка интелигенција. Дали може да ни кажете детали за овој настан?

Освен обврските поврзани со наставата, професорите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство активно се вклучени и во научно-истражувачка работа на голем број национални, билатерални и меѓународни проекти. Освен професори во проектите се вклучени и студенти од прв, втор и трет циклус на студии.

Изминативе 2,5 години сум национален координатор на проектот МАЕСТРА - Учење од масивни, нецелосно означени и структурирани податоци кој е дел од FET - Future and Emerging Technology програмата на европската комисија. Проектот е во вкупна вредност од 1,75 милиони евра. Главен координатор на проектот е Институтот Јожеф Стефан од Љубљана, Словенија. Во проектот освен ФИНКИ се вклучени и институтот Руѓер Бошковиќ, Загреб, Хрватска; INESC TEC, Порто, Португалија и Universita degli Studi di Bari 'Aldo Moro', Бари, Италија. Важно е да напоменам дека проектот МАЕСТРА беше највисоко оценет проект од Европската комисија од вкупно 318 предлог проекти од кои само за 8 беа доделени средства за финансирање. FET проектите се посебна категорија на ЕУ проекти со очекувања да креираат нови научни и технолошки откритија. Следејќи ја таа насока, во рамки на проектот развиваме нови алгоритми за машинско учење кои може да се применат во различни области од молекуларна биологија, сензорски и паметни енергетски мрежи, мултимедија и социјални мрежи.



Во периодот од 4 до 8 септември, 2016 година во Универзитетскиот конгресен центар во Охрид ќе се одржи летна школа под наслов: Mining Big and Complex Data - http://maestra-project.eu/school/. Летната школа е предвидена во проектот МАЕСТРА со цел да се зголеми видливоста на истражувањата и резултатите кои произлегуваат од истиот. На летната школа има 24 поканети предавачи, а ќе земат учество околу 70 истражувачи од различни универзитети, институти и истражувачки центри од Европа и пошироко. Летната школа ќе придонесе за афирмација на ФИНКИ меѓу научните кругови во Европа и пошироко.

Со кои други предизвици се соочувате во периодот кој следи?

Интензивно работиме на организација на научната конференција ECML/PKDD (European Conference on Machine Learning and Principles and Practice of Knowledge Discovery) која ќе се одржи во периодот од 19 до 23 Септември, 2017 година. Станува збор за најголемата европска конференција за машинско учење на која ФИНКИ ќе биде официјален домаќин. Конференцијата ќе се одржи во хотелот Александар Палас во Скопје. На конференцијата очекуваме околу 500 учесници од сите земји од светот. Конференцијата ќе претставува убава можност за афирмација на ФИНКИ, а со тоа и на Македонија во светски рамки. Како што претходно споменав станува збор за водечката Европска конференција за машинско учење и рударење на податоци со голема традиција која досега се одржала 27 пати во различни земји од Европа. Ни претставува исклучителна чест и задоволство што 28-та конференција ќе се одржи во Македонија и токму ФИНКИ ќе биде официјален домаќин на истата.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование