X
 28.08.2016 Живот

"I HAVE A DREAM" - годишнина од легендарниот говор што ја обликувал современа Америка

На денешен ден во 1963 година, еден од најгласните поборници за правата на црнците во Америка и воопшто, Мартин Лутер Кинг, го одржа својот легендарен говор, “I have a dream”, повикувајќи на човечка рамноправност меѓу расите.


Мартин Лутер Кинг за малку ќе ја пропуштел приликата да влезе во историјата, кога на 28 август во Вашингтон, пред бројната публика, почнал да се мачи со текстот што имал многу верзии и на кого работеле неколку луѓе и кога собраната толпа не реагирала на неговите зборови, сè додека неговата соработничка и госпел пејачка, Махали Џексон, не му довикнала: “Зборувај ни за својот сон, Мартине!”

Во тој момент, Мартин длабоко воздивнал и почнал да зборува за своите идеали, изнесувајќи мисли што ќе останат врежани во историјата на човештвото:

“Сонувам дека моите четири деца еден ден ќе живеат во нација која ќе ги вреднува не според бојата на нивната кожа, туку според нивниот карактер...” За својот Сон, Мартин Лутер ќе зборува шест минути, а слоганот “I have a dream” ќе го спомни осум пати.

Говорот што започна неветувачки, во 1999 година беше прогласен за најдобар говор во американската историја.

Целокупниот говор траеше 17 минути, а покрај славното “Сонувам...”, Мартин Лутер Кинг повика и на крај на расизмот во Америка по ненасилен пат и побара еднакви права за сите луѓе. Во говорот се повика на највисоките уредувачки акти, американскиот устав, Декларацијата за независност, Прокламацијата за еманципација со која пред 100 години се укинало ропството, го цитираше Линколн и неговиот славен говор кај Гетсбург, а се осврна и на Библијата. Говорот беше пренесуван на трите национални телевизии, а го следеше и претседателот Кенеди во Белата куќа. Во живо, од местото на одржувањето, настанот го посведочија 250.000 луѓе.

Организаторите на “Маршот на Вашингтон” повеќе се осврнаа на организацијата и логистиката, на намерата да помине во најдобар ред, така што говорот го ставија во втор план, поради што Кинг пред себе немал конечна верзија, туку 12 скици и не бил подготвен што точно ќе зборува на еден од најголемите собири за човекови права во американската историја.

По одржувањето на собирот, се огласија и печатените медиуми. Њујорк Тајмс напиша дека ќе помине долго време додека се заборави мелодичниот и меланхоличен говор на свештеникот Лутер Кинг кој се исповедал за својот Сон пред недогледно мноштво луѓе. Вашингтон Пост забележа дека се работи за говор што се издигнал над вештините на говорништвото, а Лос Анџелес Тајмс ја признаа ненадминливата елоквенција на врвниот оратор. Претседателот Кенеди, пак, изјавил: “Проклето е добар”. Неговата администрација полагала огромна надеж во Маршот, зашто од неговата успешност значела заложбата за еднаквост и граѓански права на Кенедиевата власт.

Пентагон распоредил 19 илјади војници да го чуваат редот и мирот, но собирот бил вистински триумф во организирањето мирни протести. Ниеден учесник не бил приведен ни за најмал прекршок. Година дена подоцна, Кенеди успеал да обезбеди мнозинство за Законот за граѓански права и Законот за право на глас.

Мартин Лутер Кинг доби Нобелова награда за мир и стана најмладиот добитник на ова признание, на возраст од 35 години. Се одрекол од паричниот надомест на наградата во корист на движењето за граѓански права. По 4 години, во Мемфис, беше убиен од расистот Џејмс Ерл Реј. За жал, неговиот Сон сè уште не е во целост остварен. Според анкетите на институтот Pew, само 49% од Американците сметаат дека луѓето не треба да се вреднуваат според бојата на кожата, туку според нивниот карактер.

“Го чекам денот кога луѓето од целиот свет ќе си подадат раце, црнци со белци, евреи со христијани, протестанти со католици, хиндуси со муслимани и кога сите заедно ќе запеат: Конечно слободни, фала му на севишниот, конечно сме слободни!”    
 

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот