X
 01.09.2016 Образование

Научници од цел свет ќе расправаат за миграции, дијаспора, тероризам во Скопје



Основна цел на конференцијата е да посочи на различните теоретски дискурси за поларизацијата на светот, заканите по мирот и безбедноста, прашањата за глобалниот диверзитет, социо-економската нееднаквост, културните промени

Околу 90 научници од 70 земји од светот меѓу кои Русија, САД, Јапонија, Нов Зеланд, Обединетите Арапски Емирати, Западна и Источна Европа, Балканот и од нашата земја ќе учествуваат на четвртата годишна Меѓународна научна конференција „Дислокации и културни конфликти: миграции, дијаспора, тероризам, граници (МДТГ)“ 2016 која утрово, во 9.30 часот ќе почне во хотелот „Буши ресорт и спа“ во Скопје. Собирот чќе трае до сабота, а го организира Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС).

На свеченото отворање денеска пред присутните ќе се обрати претседателката на ЦККС, Лорета Георгиевска-Јаковлева и потпретседателот, Мишел Павловски. Воведничар-предавач ќе биде Џовани Ерколани, професор на Универзитетот Мурсиа во Шпанија, кој ќе има свое излагање. Основна цел на конференцијата е да посочи на различните теоретски дискурси за поларизацијата на светот, заканите по мирот и безбедноста, прашањата за глобалниот диверзитет, социо-економската нееднаквост, културните промени.

- Конференцијата се стреми да ги обедини истражувачите од економските, правните, политичките науки, историчарите, антрополозите, социолозите и социјалните психолози, истражувачите кои се занимаваат со културолошките студии, науката за литературата, уметноста и медиумите, како и практичари од други дисциплини, со цел да истражи како миграциите влијаат на верувањата, обичаите, секојдневните практики, институциите, политиките и законите и обратно, и како сите овие фактори каузално влијаат врз искуството и однесувањето на имигрантите и граѓаните на земјата-домаќин, на етничките малцинства и на мнозинствата - велат од ЦККС .

Во изминатите три години се одржаа конференциите насловени: „Култура и меморија“, „Медиуми: теорија и практика“ и „Идентитет и култура“. Од нив произлегоа голем број научни трудови, а дел од нив беа издадени во Списанието „Култура/Цултуре“ кое досега реализираше 12 броеви. Конференцијата и годинава во оф програмата на странските учесници ќе им ги понуди природните и културните убавини на Матка и Охрид.
Подготвил: В.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование