X
 06.09.2016 Образование

Науката е скапа категорија, тешко дека ќе се најдеме на Шангајската листа

Ниту еден универзитет од нашата земја не се најде на листата на 500 најдобри според најновото Шангајско рангирање. Ова не е случај со земјите од Балканот, па во првите 500 се пласираа Универзитетот во Белград( 261), Универзитетот во Љубљана(464) и Универзитетот во Загреб(491).



Најголем напредок има Белградскиот универзитет, кој практично скокна за сто места, за разлика од лани и сега е меѓу најдобрите 300 универзитети во светот. Белград за првпат на листата најдобри 500 се најде во 2012 година. Зошто ниту еден наш Универзитет не успева да се пробие на ова рангирање, каде сме во однос на меѓународната афирмација и како може да го постигнеме тоа.  Универзитетските професори кои ги контактиравме  велат дека пред се потебни многу повеќе финансиски средства и вложување во науката, но и поголема амбициозност кога е во прашање научноистражувачката работа која носи многу поени при рангирањето. Најважно од сè е сепак нашите Универзитети и државата да сакаат да се најдат на оваа листа, односно да си постават таква цел и да се стремат кон неа. Професорот Владимир Петрушевски од Природно математичкиот факултет од Скопје за Факултети мк. вели:

- За тоа говорев на онаа „дебата“ во Собранието (05 јануари 2015). Белград доби неколку стотини милиони евра, само за својот државен универзитет, за да биде во кондиција и да оди во чекор со светот. Еве како може: парите од Скопје 2014 да ги дадевме на УКИМ, уште од 2010 кога проектот почна. До сега ќе бевме на Шангајската листа, во првите 500 - вели Петрушевски.

Професор од Штипски универзитет вели дека за напредување на Шангајската листа прво мора да се добијат повеќе пари од државата, потоа да се поттикнат пред сè младите истражувачи, но и да се подмладат Универзитетите со квалитетен млад кадар.
- Важно е и да се подигнат стандардите за квалитет на додипломски, магистерски или докторски студии. Исто така и да ги задржиме нашите најдобри докторанди тука, а не да креваат просек на странски факултети. Да почнеме со наука и квалитет да ги биеме битките за меѓународен пласман, а не само да гледаме како да добиеме повеќе студенти. Многу голема улога игра процентот на финансиски средства, но и мора наставниот кадар да има попрогресивен пристап кон работата - вели тој.

Професорката Лилјана Гавриловска од Факултетот за електротехника и компјутерски науки (ФЕИТ) од Скопје објаснува дека Шангајската листа го отсликува академското ниво и реноме на одреден Универзитет во согласност со утврдени критериуми за проценка на публикациските квалитети изразени преку цитираност, академскиот состав иразен преку број на нобеловци и препознатливи индивидуи и слични критериуми.

- Присуството на оваа листа, особено на повисоките места одразува стратешка фокусираност за постигнување на овие квалитативни критериуми. Тоа подразбира пред сè препознавање на ова како цел и разработка на стратегија и спроведување на соодветни активности за придвижување на ранг листата.  Нас не нема, бидејќи и не сме го поставиле и потенцирале како примарна цел на нашата листа на приоритети;  затоа што не сме ги рагледале  престижните критериуми за да се насочиме кон нивно постигнување. Кривицата е во Универзитетот, но и во овозможување на услови за остварување на овие критериуми. Тоа подразбира создавање на матерјална основа за истажување, публикации и присуство на реномирани конференции кои ќе ја зголемат цитираноста. Несомнено е важна поддршката на научниот и креативен подмладок, а тоа се пред сè
 докторантите кои ние сесрдно ги испраќаме во странство каде што го подигаат рејтингот на други униврзитети. Категоријата која што најмногу продуцира релевантни истражувања кај нас не е поддржана нити мотивирана да опстане. Науката е скапа категорија, и доколку сакаме да биде успешна, мораме да овозможиме да се развива. За возврат, академската елита, доколку ја створиме и одржуваме, може како моќна локомотива да го повлече развојот и општествениот просперите на една држава - вели Гавриловска.
Подготвил: М.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование