X
 07.09.2016 Култура

Нов мурал на ЗЕРО во МКЦ и концерт на култната The Membranes

Култната група The Membranes се оформени кон крајот на седумдесеттите години на минатиот век во Блекпул, а со својата музика и неверојатно енергичните настапи во живо го отворија патот за бендови како Big Black, Sonic Youth



Култниот англиски пост панк-ноиз бенд The Membranes вечерва во 21 часот ќе одржи концерт во Младинскиот културен центар во Скопје во рамките на нивната балканска турнеја. Воедно, тие се специјални гости во МКЦ, во рамките на промовирањето на новиот мурал на нашата култна уметничка група ЗЕРО, која пред три децении го изработи првиот мурал во тогашниот „Дом на млади 25 мај“.

- ЗЕРО се повторно обединети. Александар Станкоски, Беди Ибрахим, Златко Трајковски, Синиша Цветковски, Зоран Јаневски, Роберт Михајловски, Горанчо Ѓорѓиевски, Стефан Шашков и Владо Манчевски - Марсо, со духовен и творечки благослов на Перица Георгиев - Пепси и Миодраг Десовски – Мишко, кои повеќе години не се во Македонија. Новиот мурал е со грандиозни димензии, 7,8 х 7.6 метри или вкупно 60 квадратни метри површина, од надворешниот ѕид на киното Фросина при Младинскиот културен центар - велат од МКЦ.

Реставриран и стариот мурал

Уметниците почнаа да го работат муралот на 2 Август, на Свети Илија, а официјалната промоција е вечерва, во рамките на одбележувањето на 25-годишнината од независна Македонија. Додека го работеа новото дело, ликовната група ЗЕРО истовремено го реставрира и веќе постоечкиот култен мурал во холот на МКЦ, создаден во средината на 80-тите.
Групата „0“-Зеро, во 80-тите години на 20 век претставуваше парадигма за вонинституционално генерациско дејствување на македонската ликовна сцена. Нивниот ироничнокритички уметнички став го означи методолошкиот и интерпретативен пресврт со раскинувањето на стереотипите на „големите модернистички наративи“.

- Преку интертекстуалноста, интермедијалноста, пародијата или субверзијата на историско-идеолошките дискурси со различните стилски пристапи, групата стана препознатлив знак за македонската постмодерна. По долгогодишната апстиненција и одржувањето на нивната ретроспектива (2010), таа повторно се реконституира со својот цинично-ироничен необарокен проект „Досие-шлепер“ - велат од МКЦ.
Во рамките на одбележувањето во киното Фросина во 21 часот ќе бидат проектирани два филма на Ацо Станкоски - Akt и Zero recycled – Sri charshy (2012).

Албум по 26 години

Култната група The Membranes се оформени кон крајот на седумдесеттите години на минатиот век во Блекпул, а со својата музика и неверојатно енергичните настапи во живо го отворија патот за бендови како Big Black, Sonic Youth. Тие се првиот бенд што потпишал договор со славната издавачка куќа Creation records (My Bloody Valentine, Jesus and Mary Chain).

- Легендарниот радиоводител John Peel редовно пуштал песни од The Membranes во своите емисии, а во 1984 нивна песна се наоѓа на 6-то место на неговата топ 50 листа. По шест студиски албуми и повеќе стотици концерти бендот решава да земе пауза, која трае/ше „само“ 19 години. Нивната манијакална енергија на бината и нивната музичка имагинација влијае на целата андерграунд сцена во осумдесеттите, за што лидерот на бендот и пејач, а подоцна и новинар, John Robb пишува во своите книги. Во 2009 година The Membranes повторно се активираат по долгата пауза. Минатата есен бендот по 26 години го објави и новиот албум.
Веќе цела година бендот е на константна турнеја и настапуваат на големи фестивали - велат од МКЦ.

Како локална поддршка на концертот на The Membranes ќе настапи најпознатиот скопски акустичен арт-терорист на денешницата, апокалиптичниот експериментатор, Волтер Мани Ал Хаким. Специјални гости на настанот се СИЗ, бенд што ќе ги придружува The Membranes.
Подготвил: В.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура