X
 09.09.2016 Култура

Која е разликата помеѓу неизлегувањето на избори и поништувањето на ливчето?

Да се излезе или не на избори за да се оствари со устав загарантираното право, најверојатно е прашање со кое се соочува дел од електоратот при секои избори. Честопати заради стравувањето дека ќе им пропадне гласот или заради револт, или нешто трето, граѓаните носат одлука воопшто да не излезат на избори. Или ако воопшто излезат – да го поништат гласачкото ливче.

Во пресрет на предвремените парламентарни избори во Р. Хрватска, одговорот на ваквите изборни дилеми го дава Вишеслав Раос, виш асистент на Факултетот за политички науки и експерт за изборни системи.


Која е разликата меѓу излегувањето на избори и поништувањето на гласачкото ливче, и неизлегувањето на истите?

Неизлегувањето на изборите може да имплицира и незаинтересираност на граѓаните, како и оттуѓеност од која било политичка опција. Излегувањето на избирачките места и поништувањето на ливчето е активен чин на искажување незадоволство со политичката понуда. Значи, се работи за акт на простест, за разлика од изборната апстиненција која може да има разни причини.


Која од овие две опции е “попаметен избор”?

Не може да се зборува во категории повеќе или помалку паметни опции, но факт е дека со апстиненцијата, граѓаните на своевиден начин се самоисклучуваат од политичкиот процес, а посредно и се пасивизираат како членови на одредена политичка заедница. Со поништувањето на гласачкото ливче, тие сè уште се гласачи, но ја избираат опцијата која поништува, односно ги одбива постоечките понудени опции и на тој начин учествуваат во политичкиот процес со оглед на тоа што нивниот глас иако не влијае на исходот од изборите, влијае на перцепцијата на изборите, во смисла на општа доверба во политичките опции кои се натпреваруваат на изборите.


Што се случува со неважечките ливчиња?

Не се случува ништо. Тие не влијаат на изборниот резултат, но влијаат на перцепцијата, односно ја намалуваат легитимацијата (секако не и легалитетот и легитимитетот) која победникот на изборите ќе се обиде да ја извлече од изборниот резултат, при донесување на политички одлуки во пост-изборниот период.


Што се случува со гласовите за опциите кои не го преминуваат изборниот праг?

Исто така, ништо не се случува. Изборниот праг има за цел да се спречи преголема фрагментација на парламентот, која негативно влијае врз функционалноста во работата на парламентот. Истиот овозможува одржување на стабилни парламентарни мнозинства. Битно е да се знае дека изборниот праг служи како квалификација, значи, ако некоја листа не го премине изборниот праг, воопшто не може да учествува во распределбата на мандатите. Дури во втората фаза доаѓа до пресметување на гласовите во мандати и се спроведува со т.н. Донтов метод. Овој метод има значајни диспропорциски ефекти кои им овозможуваат на поголемите партии (не нужно само на првопласираната листа, туку особено на второпласираната) полесно да освојат мандати, отколку листите кои само “за влакно” не го преминале законскиот изборен праг. Исто така, треба да се знае дека распределбата на мандати зависи од комбинацијата од ефектот на законскиот изборен праг и големината на изборната единица.  


Избори
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура