X
 09.09.2016 Образование

"Копи-пејст" семинарските - врв на едно длабоко погрешно разбирање за тоа што е студирањето

Пишувањето на семинарски е задолжително во македонското високо образование. Понекогаш не можете да положите испит ако не сте сработиле семинарска работа, но главно таа носи повеќе поени и повисока оценка по предметот.  Таа треба да е лично дело, да го покаже ставот и размислувањето на одредена тема, капацитетот за пишување на студентот, познавање на градивото што го учи.


Но дали, во праксата е така? Повеќето универзитетски професори кои ги контактиравме велат дека секојдневно се среќаваат со плагијаторство кога се во прашање семинарските работи. Некои од нив веќе не ги ни вреднуваат за крајната оценка, бидејќи, препишувањето во овој вид на трудови е  отидено дотаму, што веќе се изгубила смислата на постоењето на истите.

Студентите се слабо подготвени за академско пишување

Професор Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип (УГД) вели дека плагијаторството е едно од важните прашања и предизвици за кои веќе предолго се премолчува или недоволно гласно се говори во академската заедница. Според него, последиците се најтешки за факултетите бидејќи се  рушат професионалните и моралните принципи.





- Плагијаторството е интелектуална нечесност. Неетичко однесување. Постојано се слуша за оваа тема која веќе предолго не само што е лоша слика за високото образование туку и за целото образование воопшто. Ќе се обидам да објаснам зошто. Има  студенти кои плаќаат за услуга за пишување на семинарски или дипломски трудови, некои други преземаат цели делови од книги или други трудови и ги објавуваат како свои, некои се користат со готови семинарски превземени од разни интернет страници и тн. Има секакви ситуации. Но генерално, сметам дека најголемиот проблем или клучните причини се во слабата подготвеност на студентите за академско пишување и за смислата на интелектуалната чесност - вели Барбареев.

Тој смета дека на овој проблем треба да му се пристапи од повеќе страни, да се изгради ефикасен систем за проверка на трудовите на секој факултет кои се одговорни за интегритетот на универзитетот, треба и многу да се работи на индивидуалната и колективна одговорност.

- Исто така уште поважно е како учениците  да ги развиваат академските вештини за пишување и творење уште од основно и средно образование. Состојбите се сериозни со овие теми. Моето искуство со плагијати е со семинарските трудови на студентите. Тука среќавам најчесто ситуации во кои или неколку студенти имаат исти семинарски трудови или семинарскиот труд е купен од некои кои тоа го работат. Како постапувам? Обично ги повикувам студентите со идентични семинарски трудови да ги презентираат еден по друг и да објаснат како е можна ваква идентична коинциденција. Потоа разговараме за плагијаторството. Се обидувам да укажам на ваквите појави и да се преземат мерки. Сè повеќе избегнувам да им давам семинарски трудови како главни активности токму од причини што студентите немаат академски вештини за пишување. Обично како група работат на проектна задача во која секој има одредена улога. Така имам поголемо влијание во тоа кој колку работел - вели Барбареев.

Плагијаторството стана пракса која не се осудува


Професорката Каролина Ристова Астеруд од Правниот факултет од Скопје, вели дека со семинарските и домашните трудови на студентите во редовната додипломска и последипломска настава има сериозен и голем проблем бидејќи студентите „без пардон“ се обидуваат да добијат „поени за активност“ со плагијати, со купени трудови, со копи-пејст од Википедија или друг извор.




- Порано кога таквите поени беа задолжителни, дел од оценката ( на Правен факултет) беше масовно тоа, се случуваше и ист труд да го добијам од повеќе студенти, буквално ист, сменето името, многу често дури и без да се обидат да ги сменат родот и заменките за „авторот“, „авторката“ (на пример, потпишано машко, а во трудот кога се зборува за ставот сопствен, е во женски род) и сл. Трагичното е и дека и сега, кога тие поени не се задолжителни, туку доброволни, лошата пракса продолжува. На пример, јас на доборволна основа им нудам на студентите ако сакаат на дадена тема да напишат домашно, и дека тоа ќе им носи екстра поени кај мене во оценувањето. Домашната е максимум до три страници, тоа е условот, им објаснувам како треба да изгледа, и секогаш инсистирам да гледаат тоа да го искористат како шанса да видат како се истражува, како се пишува, да ја стекнуваат вештината и секако, да научат за себе нешто плус. Им укажувам дека ич да не се обидуваат за да прават плагијати, да купуваат трудови, да прават копи-пејст, оти не само што нема да добијат поени, туку и нема да се постигне целта, имено да ја вежбаат вештината, и да научат повеќе. Им нагласувам, дека не очекувам оригиналност, секако дека треба да видат што има по книги, интернет, за дадена тема, но нивното и нивниот труд треба да биде , како го прикажале тоа, како го систематизирале, коментирале, особено ова за студентите прва година на студии/бруцоши. Но, и покрај сите мои укажувања, има такви обиди. Уште од прва година, прв семестар на студии. Сето тоа укажува колку плагијатот веќе станал небаре прифатлива и дозволива пракса, пракса која не се осудува, ниту казнува - вели Ристова Астеруд.

Таа објаснува дека се чини дека никој не разбира колку се далекусешни последиците, колку се штетни, за понатамошното професионално градење кај студентите.

- Лично сум поборник тоа построго да се санкционира. На крајот ќе укажам, дека таквата плагијат-пермисивност оди рака в рака со несанкционирањето или благото санкционирање на преписи на испит, металитет „како да се положи без знање“ (на пример, на студентски блогови ќе видите како се бара совети од другите што да не се учи, а не што да се учи, и како се перцепираат професорите што бараат знаење, итн), масовното копирање учебници и сл, како јаките студенти треба во оваа смисла да им асистираат на тие што не учат (во други универзитети ниту белешки од часови им даваш на тие што не доаѓаат на предавања, не пак друго, да им дозволиш да препишуваат). За сето ова треба сеопфатен пристап, плагијатите се само врв на едно длабоко погрешно разбирање на тоа што е студирањето. Иронично, колку повеќе студирањето станува попристапно, без филтри, сè полесно (некогаш мислам стануваме вечерна школа, некаков курс, а не универзитетско ниво на тежина на учење), ваквите проблеми стануваат потешки и помасовни. Страдаат навистина јаките и талентираните, страдаат посветените професори (пред сè
, масовна демотивираност), со катастрофални идни последици за државата и општеството кои мислам дека се толку јасни да не мора посебно овде да ги елаборирам - завршува Астеруд.

Инаку,согласно Законот за научно-истражувачка дејност, софтверот plagijati.mk е задолжителен за сите магистерски, специјалистички и семинарски трудови кои мора да бидат внесени од страна на менторот, односно професорот. Со ова се формира централна база на податоци на овие трудови која може потоа да се користи за откривање на плагијати. Овој систем е алатка која им помага на менторите од базата на магистерски, специјалистички и семинарски трудови полесно и побрзо ги најдат документите од кои е превземен некој текст, односно се појавува плагијаторство. Откако ќе се изгенерира извештајот од страна на софтверот, менторот треба да го разгледа тој извештај и да одлучи дали тој труд е плагијат или не.

- Плагијати е алатка која помага во откривање на плагијаторство од огромна база на трудови а не може со 100% да каже дека некој документ е плагијат или не. Тоа е одлука на менторите. Сепак, студентите не можат да предадат исти или слични трудови на оние веќе објавени или презентирани од претходните генерации, затоа што оваа алатка многу брзо ги открива. Секоја високообразовна институација си има правилник според кој точно се дефинирани критериуми за изработка на трудот и во него е дефинирано како се преземаат цитатите и на кој начин се наведува изворот на преземениот цитат, за да, во спротивно, не се смета како појава на плагијаторство - велат од Министерството за образование и наука.

Пред неколку месеци софтверот имаше 20.474 документи од кои 5.503 семинарски. 100 отсто повторување имало во 222 документи, 90 проценти во 31 документ. Од МОН објаснуваат дека повторување од 100 отсто, значи дека и името и презимето на студентот е исто, што упатува на тоа дека се прикачени по неколку пати исти документи, веројатно поради недоразбирање, а не постои начин документот да се избрише.

- Затоа менторот и професорот е тој што ќе провери дали станува збор за плагијат или не и како ќе го санкцонира студентот - велат од МОН.

Актуелна состојба во софтверот :


Подготвил: М.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование