X
 12.09.2016 Култура

Федон Папамихаел, добитникот на Златна камера 300: "Браќа Манаки е уникатен фестивал!"

ИФФК „Браќа Манаки“ на денешната прес конференција пред јавноста ги претстави овогодишните членови на жирито составено од светски истакнати кинематографери и филмски критичари.

 

manaki


Директорот Благоја Куновски ги претстави четворицата кинематографери: Федон Папамихаел, Клер Пијман, Ѓокан Тиријаки и Владимир Самоиловска и филмската критичарка Алин Ташчијан.

Членовите на жирито велат дека се почестени од можноста да соработуваат меѓусебно на ваков уникатен фестивал кој е на светско ниво и кој акцентот го става на кинематограферите.

„Очигледно ова е уникатен фестивал со богата историја, кој донел елитни гости од светската кинематограферска сцена, а воедно и еден од двата фестивали во светот кои што им се посветени на кинематограферите. Ние како кинематографери ретко добиваме шанса да се собереме и да дискутираме за нашата работа и да разменуваме искуства за иднината на филмот“, изјави Федон Папамихаел.

Папамихаел посочи и дека со вклучувањето на што повеќе студенти од филмската уметност преку фестивалот, новите генерации ќе имаат можност да научат од најголемите кинематографери во светот и на тој начин да ги зачуваат и традиционалните начини на снимање.

Филмската критичарка од Турција и претседателка на меѓународната асоцијација на филмски критичари „ФИПРЕСЦИ“, Алин Ташчијан, вели дека сликата е првото нешто што го забележува на филмот.

„Никој подобро од кинематограферите не знае што се случувало зад сцената при снимањето и тоа со еден поглед кон филмот. Со оглед на тоа што се наоѓаме во важен момент за историјата на филмот, во еден премин, заради брзиот развој на технологијата на снимање, која, од ден на ден се менува, од исклучителна важност е кинематограферите да им го пренесуваат своето знаење на помладите генерации со цел да се изградат нивните вкусови за вредноста на филмот“, рече Ташчијан.

Сите членови се согласија дека во пристапот на оценување на филмовите и доделување на наградите, главен акцент ќе се стави на кинематограферите бидејќи фестивалот е посветен токму на нивната улога во снимањето на филмот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура