X
 14.09.2016 Живот

Жижек: На бегалците треба да им се помогне, но не треба да се романтизираат

Quartz ја претставува новата книга на Славој Жижек - Refugees, Terror and other Troubles with the Neighbors, што ќе биде објавена во САД идниот месец.

Бегалци

Во книгата, Жижек ги нарекува бегалците „цената што човекот ја плаќа за глобалната економија“ и вели дека левицата има опасна тенденција да создава мит за честа на бегалците заради страдањето што го преживуваат.

Филозофот, осврнувајќи се на бегалската криза во Европа го идентификува она на што тој гледа како на непријатни аспекти: контрастите меѓу вредностите на Запад и оние на илјадниците луѓе кои пристигнуваат во Европа од Африка и Блискиот Исток, заканата од тероризам од страна на мигрантите и неизбежната тензија генерирана од конкуренцијата за работни места и ресурси.

Левицата, вели Жижек, се обидува да го игнорира проблемот. Мојата книга едноставно е голем, очајнички повик да не се молчи.

„Никогаш не ми се допаѓал тој хуманитарен пристап дека ако навистина се разговара со нив човек ќе открие дека сите ние сме исти. Не, не сме - имаме суштински разлики и вистинската солидарност е наспроти сите тие разлики“, објаснува филозофот и додава дека во разбирањето и прифаќањето на тие разлики лежи клучот за вистинско прифаќање.

Тоа е причината зашто тој за бегалците вели “соседи“. Во христијанството, објаснува Жижек, соседот не е некој близок, не е некој како нас, соседот е токму некој кој мислите дека е близок и потоа тој прави нешто неочекувано и си велите себе си „О Боже, не го познавам овој човек воопшто“. Затоа, заклучува филозофот, мотото „Сакај го соседот како себе си“ не е толку просто како што изгледа.

Друг проблем, пишува Жижек во својата книга, е опасноста од тенденцијата на митологизирање на бегалците како посебно благородни личности заради нивните страдања.

„Не ми се допаѓа таа романтична лажна идеја дека страдањето те прави благородна личност. Напротив, таа те доведува до тоа да направиш сè за само да преживееш“, смета Жижек и додава дека тоа не значи дека Европа би требало да биде помалку посветена на грижата за очајните луѓе кои бараат засолниште, туку да биде пореална во однос на напорите што се потребни за да го направи тоа.
Подготвил: А.Д.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот