X
 20.09.2016 Образование

Проф. д-р Орхидеја Шурбановска: "Ќотекот" нема да го промени однесувањето на детето


Многу фактори влијаат на агресивното однесување на детето. Денешните родители се најчесто окупирани со работни или други обврски кои прават да се развива попустлив или незаинтересиран родителски однос кон детето. Значи, не се поставуваат јасни граници на однесувањето на детето, не се разговара и или се прогледува низ прсти на таквото однесување или се применува „ќотек“ кој не го менува однесувањето на детето, туку напротив може да биде имитиран начин кој детето го применува во решавање на проблемите со врсниците – вели

Проф. д-р Орхидеја Шурбановска од Институтот за психологија од Филозофскиот факултет од Скопје. Со неа разговаравме за многу чувствителни теми кои ги мачат денешните родители, за тоа кој родителски стил е најдобар за детето, како да се справиме со нервозата и агресијата кај децата и зошто таа се јавува кај многубројни дечиња.

Факултети.мк: Денеска на Интернет може да се прочитаат многубројни тесктови за родителството, анализи за тоа дали треба да се биде попустлив или строг родител и сл, што може да доведе до конфузија околу восптувањето на децата. Има ли некоја успешна формула за правилно воспитување на децата?
- Иако постојат многу теории и книги за родителството сепак не може да се каже дека има една генерална формула за правилно воспитување. Секако дека се поставува прашањето зошто е тоа така? Родителството, односно родителското однесување кон детето како стил на воспитување е различно и својствено само за самиот родител, односно тоа е поврзано со личноста на родителот, темпераментот на детето, бројноста на членовите во семејството, образованието, културата, религијата и тн. Исто така родителскиот стил може да се разликува и помеѓу родителите на едно дете (мајката и таткото) така што се формира уникатен однос во секое семејство. Така за да се формира еден кохезивен пристап во родителството, најважно е родителите да научат да соработуваат и да ги комбинираат различните елементи од нивниот оригинален стил. Од друга страна родителството е интерактивна ситуација. И децата исто така имаат стилови на однесување, односно темперамент кој претставува реагирање на родителското однесување, по кој се разликуваат. На пример, децата од исто семејство може да имаат различен темперамент, и родителите што имаат неколку деца може да ги препознаат разликите во темпераментот и да реагираат различно на секое дете. Така, родителот веројатно ќе се однесува различно кон импулсивно и хиперактивно дете и кон срамежливо или плашливо дете. Тие најверојатно ќе го ограничуваат импулсивното однесување на хиперактивното дете, а ќе го поттикнуваат асертивното однесување кај срамежливото дете.

Факултети.мк: Кој модел на воспитување создава здраво и успешно поколение?
- Според теориите за психиосоцијалниот развој на детето, посебно се важни два вида на родителско однесување: родителска топлина и родителска контрола. Топлината што родителите има ја даваат на децата се однесува на поддршката, грижата, љубовта и охрабрувањето. Овој родителски однос кон детето резултира со чувство на удобност во присуство на родителите и ја вклучува свесноста на детето дека е прифатено како личност. Вториот вид на родителски однос е контролата од родителите. Овој воспитен стил е опишан со управување, дисциплина, сила, казна и депривација. Особини на оваа димензија се поставување високи барања и контрола, присила по пат на казнување, заканување и исполнување на родителските барања.

Пред да одговорам на прашањето за најдобар родителски стил, ќе ги објаснам четирите генерални стила како начин на однесување на родителите. Авторитарен родител (премногу силен,строг) се карактеризира со високи барања, од една страна, а нечувствителност за детските потреби, од друга. Тие родители поставуваат високи барања, кои не се проследени со образложение. Во односот со децата ја користат силата и авторитетот. Лутењето и незадоволството се чести во родителското однесување кон детето. Попустлив родител (премногу мек), кој се карактеризира со ниски барања и висока чувствителност за потребите на детето. Тие родители се емоционално топли и чувствителни кон детето, но во нивниот однос не се јасно дефинирани правилата и ограничувањата, односно контролата. Се нарекува уште и слободен чувар, индулгентен родител, недирективен (без директиви) или благ родител. Занемарувачки родител (несовесен). Овој стил на родителство не е ниту наметнувачки ниту чувствителен на потребите на детето. Занемарувачките родители не само што не се грижат и не го ограничуваат своето дете туку и не му покажуваат емоционалност и топлина. Овој стил на родителство исто така се нарекува неинволвиран, бесчувствителен, отфрлувачки, рамнодушен. Авторитативен родител (правилен). Овој родителски стил се карактеризира со модерирани наметнувања (барања) и модерирани одговори на потребите на детето, односно резултира со реални барања следени со образложувања, при што јасно се дефинирани правилата и нормите на однесување. Авторитативниот родител е цврст но не е ригиден, подготвен да направи исклучок доколку ситуацијата налага. Овој стил исто така е наречен асертивен, демократичен или балансиран. Презаштитничкиот родителски стил се однесува на родители кои ги прифаќаат своите деца, односно се емоционално топли, покажуваат љубов и внимание, даваат поддршка, но исто така покажуваат голема контрола врз детето на тој начин што премногу му се мешаат во тоа што го прави, му влијаат во насочувањето и изборите, предизвикуваат чувство на вина и тн. Последица на овој родителски стил е дете кое е послушно, субмисивно, учтиво, зависно, некреативно.

Секој од овие стилови развива различни особини кај детето. Секако дека најдобар начин на однесување на родителите е авторитативниот родител кој развива кај детето самодоверба, независност, креативност, минимална самоагресија и може да прифати улога на возрано лице.

Факултети.мк: Многу родители се плашат ако се премногу попустливи дека ќе имаат разгалени деца. Кои деца стануваат разгалени?
- Разгалени деца прават оние родители кои обично се добри негуватели, го прифаќаат детето и имаат висока чувствителност за потребите и желбите на детето. Овој стил на родителство не поставува барања од детето да го регулира своето однесување и да се однесува соодветно на ситуацијата. Размазеното дете или таканареченото „расипано слатко“ обично има попустливи родители. Овие деца се повеќе импулсивни, а како адолесценти може да имаат недолично однесување. Овие деца никогаш не научуваат како да го контролираат своето однесување и секогаш го следат својот пат. Но во некои случаи тие се емоционално сигурни, независни и се подготвени да учат и да го прифатат поразот. Тие брзо созреваат и се способни да го живеат животот без помош од некој друг. Децата на тие родители се слични со децата на авторитарните родители (импулсивни и незрели).

Факултети.мк: Дали родителот треба да му биде и другар на сопственото дете, или мора да има граници и да не се дозволи премногу опуштено родителство?
- Одговорот е и едното и другото. Родителот може да биде другар со своето дете, но до одредени граници. Имено, врсничкото другарство, особено во периодот на адолесценцијата, е поинакво од родителското другарство во насока на тоа што со другарите е на исто рамниште и односот е хоризонтален , тие си разменуваат искуства, размислувања, тајни, додека односот со родитлот е „нерамноправен“ и сепак родителот треба да биде оној кој ги поставува границите, кој е авторитетен и на тој начин создава сигурност кај детето.

Факултети.мк: Како родителите треба да реагираат кога детето тера инает, не е послушно, вреска и легнува на земја, си го загрозува животот, без оглед на тоа дали сцената се случува дома или надвор?
- Мислам дека веднаш може да се види (од претходно кажаното) каков стил на воспитување има родител кој го дозволува таквото однесување на детето. Односно, попустливиот родител верувајќи дека на детето му е дозволено да ги изразува своите чувства слободно, не му предлага решение и не му нуди можност да му помогне да го реши проблемот. Тој родител создава разгалени деца затоа што не поставил граници на однесување, а секако дека на таквото недолично однесување треба да следи некој вид казна, но сакам да нагласам, дека таа треба да биде соодветна на однесувањето на детето, но никако да не биде физичка казна. Агресијата на родителите доколку е честа таа ќе стане модел на однесување на детето, па така и тоа ќе применува агресија при решавање на проблемите.

Факултети.мк: Традиционално наспроти модерно родителство. Кои навики се добри од едниот или другиот начин на воспитување и што преовладува денеска?
- Дефинитивно преовладува модерно родителство. Денешните млади родители се повеќе пријатели со своите деца, помалку им наметнуваат некои општествени норми на однесување, односно врсничкиот притисок е поголем отколку родителскиот. Тоа донекаде е добро затоа што развиваат кај децата и младината самодоверба, независност, асертивност, за разлика од традиционалното родителство каде тие општествени и семејни норми и правила се понагласени, а родителите се повеќе авторитарни (строги).

Факултети.мк: Изреката „Ќотекот е од рајот излезен“на овие простори е често оправдување за оваа мерка при воспитување на децата. Какви последици остава тоа врз најмалите и дали проблемите може да се решат со физичка казна?
- И погоре наведов дека физичката казна треба да е последната казна која родителот ја применува. Токму заради тоа што таа може да се научи и децата да ја применуваат во односот со другарчињата. Границите што родителот треба да ги постави треба да се случат најпрво преку моделот на однесувањето на самиот родител, а потоа со разговор во насока на разрешување на проблемот и почитување на личноста на детето.

Факултети.мк: Како нервозата, несигурноста на родителите се пренесува и манифестира кај децата?

- Секако дека и родителите се луѓе со свои проблеми и обврски, особено денеска кога работата е стресна а тоа се пренесува и во домот. Доколку тој не може да ги оддели тие работи и во домот да биде родител, тогаш децата тоа го забележуваат и на свесно или несвесно ниво реагираат исто така со анксиозност и нервоза, значи се создава една целосна невротична семејна атмосфера.

Факултети.мк: Расте агресијата кај децата, доволно е да го погледнете нивното однесување во парк, детско игралиште, градинка или училиште. Зошто агресијата кај децата стана масовна појава?
- Веќе спомнав дека многу фактори влијаат на агресивното однесување на детето. Денешните родители се најчесто окупирани со работни или други обврски кои прават да се развива попустлив или незаинтересиран родителски однос кон детето. Значи, не се поставуваат јасни граници на однесувањето на детето, не се разговара и или се прогледува низ прсти на таквото однеесување или се применува „ќотек“ кој не го менува однесувањето на детето, туку напротив може да биде имитиран начин кој детето го применува во решавање на проблемите со врсниците. (подготвил М.Ф)
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование