X
 22.09.2016

ОН во борба против најголемата закана за медицината - супербактериите и нивната отпорност на антибиотици


193 држави-членки на Обединетите нации ја потпишаа декларацијата за борба против супербактериите и нивната отпорност на антибиотиците.


Сите 193 држави-членки на ОН ја потпишаа декларацијата според која се обврзуваат на борба против најголемата закана за модерната медицина. Декларацијата е дел од закажаниот работен состанок на тема: отпорноста на супербактериите на антибиотиците.

„Иронично е што толку малечко нешто предизвикува толку голема опасност. Но, се работи за глобална закана по здравјето на луѓето, за што е потребна глобална реакција“, изјави Џефри Леижун, професор и предводник на програмата за храна и добиток на државниот универзитет во Охајо.

Декларацијата која се однесува на борбата против супербактериите ги користи насоките кои се слични на оние што се користеле при справувањето со климатските промени. Во рок од две години, работните групи и агенциите при ОН, ќе му ги предадат информациите во врска со супербактериите на генералниот секретар на ОН

Се проценува дека седумстотини илјади луѓе годишно умираат од инфекции и бактерии што се отпорни на лекови, иако бројката на починати би можела да биде и поголема, ако се има предвид дека постои службен надзор кој ја следи смртноста. Според истражувањата на Ројтерс, постојат и проблеми во следењето на стапката на смртност во земјите каде што постои одреден вид службен надзор, како на пример Америка, каде се наведува дека смртта на десетина илјади луѓе не се должи на супербактериите.

Пред неколку децении, научниците предупредиле за опасноста од отпорност на антибиотиците, кога фармацевтските компании започнале индустриски да произведуваат лекови. Пронаоѓачот на пеницилинот, Александер Флеминг, ја предупредил стручната јавност во врска со овој проблем уште во 1945 година, кога ја добил Нобеловата награда. „Постои опасност личноста да земе премалку лекови и да ги изложи бактериите на недоволна количина од лекот, поради што тие стануваат отпорни“, рекол Флеминг.

Предупредувања пристигнуваат и од медицинските стручни лица, каква што е Сели Дејвис, министерката за здравство на Велика Британија. Во својата изјава, таа го навела следново: „Потребно е владите, фармацевтската индустрија, професионалните лекари и секторот за земјоделски работи да се придржуваат до своите обврски и одговорности со цел да се спаси модерната медицина.“

Потписниците на декларацијата се обврзале да поттикнат иновации во развојот на антибиотиците, притоа зголемувајќи ја јавната свест за опасноста и развивајќи го надзорот и системот за регулација, кој би се користел во продажбата на антибактериски лекови за луѓето и животните.


Супербактерии
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk