X
 04.10.2016 Култура

Маја Чанаќевиќ, директорка на филхармонијата: Младата публика треба да ја создадеме заедно со градинките, школите, факултетите

Освен тоа што имаме попусти за сите концерти за учениците и за студентите, секогаш одвојуваме и гратис-билети кои се доделуваат по пат на наградна игра.

Десетта година по ред таа ја раководи единствената институција од таков вид кај нас, Македонската филхармонија. Маја Чанаќевиќ, обоистка по вокација, е енергична жена, менаџерка која од година в година, го унапредува симфонискиот оркестар, ја збогатува класичната музичка култура, договарајќи гостувања на едни од најголемите светски музички имиња. На 6 октомври ќе ја почне својата 73, која ќе биде значајна по многу гостувања, но најмногу, по тоа што филхармоничарите, конечно ќе влезат во свој сопствен дом, во нивна сала.



Факултети.мк Почнувате со светска ѕвезда, виолинистката Мидори. Тоа е одлична најава за претстојната сезона. Што друго нѐ очекува?

- Верувам дека ќе имаме уште една блескава и атрактивна сезона во која главен акцент ќе ставиме на големи музички ѕвезди од светската сцена, како и голем број премиерни композиции кои ќе ги изведе нашиот оркестар воден од врвни диригенти. Започнуваме со една од најдобрите светски виолинистки, Мидори Ѓото која ќе го изведе концертот за виолина и оркестар од Е.Корнголд, еден од првите композитори што почнале да пишуваат музика за Холивуд. Истата вечер, под диригентската палка на маестро Табаков, оркестарот ќе го изведе монументалното дело од Рихард Штраус „Животот на херојот“, по што е насловен и самиот концерт. Во текот на сезоната публиката ќе има можност да ужива во прекрасното музицирање на пијанистите Лукас Вондрачек, Џорџ Ли (победникот на натпреварот „Чајковски“), Оли Мустонен, како и нашиот Дино Имери, познатиот виолинист Нинг Фенг, како и нашите Ѓорѓи Димчевски и Сихана Бадивуку, виолончелистот Иштван Вардаи, хорнистот Штефан Дор и др. Продолжуваме и со циклусот „Алхемија“ каде ќе настапат атрактивните Ксенија Сидорова и Ејми Диксон, потоа џез-легендата Душко Гојковиќ со својот квинтет, концертот „Видеоигра“ итн.
Она што секогаш го нагласувам е дека концертите на Македонска филхармонија се уникатни и неповторливи, бидејќи ние немаме репризи, постои само еден концерт, една премиера и едно и единствено доживување и уживање. Ако ги погледнете програмите на врвните светски оркестри ќе забележите голем број имиња кои ги гледате и на сцената на Македонската филхармонија. Навистина се обидуваме да го презентираме најдоброто од светската музичка сцена.

Факултети.мк:
Најавивте дека кон крајот на јануари би требало да биде отворена новата сала. Нестрпливи ли сте конечно да влезете во салата што музичарите од Филхармонијата ја заслужуваат овие 70 и кусур години?

-Се гледа крајот на градежните работи во новиот објект и конечно можеме да бидеме среќни дека на почетокот на следната година ќе се вселиме во нашиот долгоочекуван дом. Филхармоничарите поминаа тешки и мачни 70 години селејќи се од еден во друг објект со несоодветни услови за работа и концертирање. Конечно, следната година и нас „сонце ќе нѐ огрее“ и со вселувањето во новата концертна сала ќе почне еден нов живот за нашата институција, нова ера во македонската музичка култура. Иако можеби ќе звучи изветвено, но морам да го нагласам придонесот и заложбите на Министерството за култура овој објект да се изгради по навистина највисоки стандарди, и конечно, Македонската филхармонија да си го добие заслужениот простор, но и сите љубители на музиката да го добијат заслуженото и вистинско уживање во музичката уметност. Оваа концертна сала нема да биде само уште „еден“ објект од многуте, туку ќе биде единствениот и најубав објект каде ќе се слави музичката уметност и ќе се восприема со ширум отворени сетила.



Факултети.мк:
Последните години организирате концерти со филмска музика, со попопуларна музика за да се привлече повеќе публика. Еден од тие концерти е „Види музика, слушни слика, добиј книга“. Тоа донесе помлада публика, задоволни ли сте?

-Ми се чини дека токму „Види музика...“ беше тој тригер кој нѐ претстави пред пошироката јавност, секако дека и сите оние концерти кои ние ги нарекуваме „популарни“ придонесоа за тоа, но сепак, треба уште многу да се работи на привлекување на младата публика. Всушност, тоа треба да се третира стратешки, заедно со градинките, училиштата и факултетите. Ние правиме колку можеме, и направивме многу досега, но потребна е поголема поддршка од образовните институции, бидејќи сепак, наша примарна задача е изведба на симфониски концерти, а тие се достапни за сите. Класичната музика е безвременска, таа нема ограничување на возраст, таа е подеднакво атрактивна и за најмладите, но и за највозрасните. Единствениот музички жанр кој никогаш не излезе од мода е токму таа, класичната музика.
Што се однесува пак до бројноста на публиката, на оние концерти кои се нестандардни симфониски, бројноста е огромна. Сѐ уште со радост си спомнуваме на „реки“ од луѓе кои се течеа кон градскиот парк на изминатото издание на „Види музика...“, веројатно за прв пат во историјата на музичката култура во Македонија, улиците околу паркот и Владата беа затворени поради ваков настан. Обично, за жал, ги затвораат поради протести или штрајкови. Значи, можело и поради музички настан. Да направиме повеќе улици да се затворени токму поради музика.

Факултети.мк:
Имаат ли студентите и учениците попусти за концертите на Филхармонијата?

-Да, учениците и студентите се наша драга и очекувана публика. Секогаш сме се обраќале со големо внимание кон оваа група млади луѓе сметајќи ги за најважни. Тие се, всушност, иднината на нашата земја. Освен тоа што имаме попусти за сите концерти, секогаш одвојуваме и гратис билети кои се доделуваат по пат на наградна игра. Морам да кажам дека Македонската филхармонија е отворена и со задоволство соработува со многу волонтери кои освен тоа што навистина придонесуваат со својата работа, имаат можност да уживаат во сите наши концерти.

Факултети.мк: Детската публика е многу важна, а и реагира одлично на тематските концерти. Ќе имате ли и годинава детски концерти?

-Концертите за деца се неизоставен дел од нашата концертна сезона, всушност тие се и најважните и најубавите. Детските насмевки, аплаузи и задоволни лица се можеби едно од најпосакуваните нешта кон кои тежнее Македонската филхармонија. Веќе имаме добар тим кој навистина со многу големо внимание ги подготвува овие концерти, а во новата сала ќе ја прошириме оваа активност и со работилници, концерти за различна возраст, за деца со различен афинитет кон различен вид на музика итн. Се обидуваме колку што можеме позитивно да влијаеме на децата првенствено да се запознаат со инструментите во оркестарот, но и со некои композиции од опусот на класичната музика. Од она искуство што досега го имаме, можеме да бидеме задоволни од сознанието дека многу дечиња се запишаа во музичко училиште да изучуваат некои од инструментите со кои се сретнаа на нашите концерти и ја засакаа класичната музика. Посреќни не можеме да бидеме!

Факултети.мк: Вие сте една од ретките културни институции, кои особено внимавате на точното почнување на концертите. Речиси секогаш вратите се затворени во 20.05 часот. Сметате ли дека и другите театри треба да бидат поригорозни во однос на оваа лоша навика на публиката?

-Точното започнување на концерт/претстава е почит кон публиката, но и кон уметниците. Во овие услови во кои моментално работиме, во Домот на АРМ, се обидуваме концертите да ги започнеме со минимално задоцнување, а веќе во новата сала ќе ги започнуваме во 00, без никакво доцнење. Кога уметниците се подготуваат за концерт, тие не се подготвуваат само со својата физичка присутност, туку подготовката започнува многу порано и таа е многу покомплексна. Навистина е многу непријатно да се излезе на сцена и да се чека публиката да влезе во салата за да почне концертот. На тој начин се разводнува и атмосферата, но и емотивниот набој кој се создава пред самиот почеток на концертот. Од друга страна, дел од публиката е веќе на своето место и исто така е непријатно да седи во исчекување на уметниците и да ги чека останатите луѓе кои доцнат. За таа цел, во сите светски сали, оперски куќи и театри, вратите се затвораат точно на време, а потоа дозволено е влегување на оние што доцнат само на паузата. Никакво деранжирање, ниту на уметниците, ниту пак на публиката не е дозволено за време на концерт/претстава и јас апсолутно се согласувам со тој начин на комуникација со публиката. За среќа, сепак, публиката што доаѓа на нашите концерти си го знае редот, и скоро и воопшто да немаме доцнење, ниту пак ѕвонење на мобилни телефони. Како и во сѐ друго, така и при посета на концерт мора да постои кодекс на однесување и истиот да се почитува.



Факултети.мк Ќе нѐ има ли на странски сцени?

-Не е лесно огромен изведувачки апарат како што е оркестарот да тргне на турнеја или на гостување. Тоа чини многу пари, а парите во културата насекаде се кратат. Но, направивме голем број на гостувања и тоа на навистина престижни концертни сцени. Како директор на оваа институција не прифаќам гостувања каде било, колку да се отиде некаде. Секое гостување и претставување на Македонија треба да биде на највисоко ниво. Македонската филхармонија е сериозен и одличен оркестар, така мора и да биде третиран и дома и надвор. До крајот на годинава би требало да го реализираме гостувањето во Австрија, а в година имаме неколку покани, но ќе видиме што од тоа ќе се реалзира.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура