X
 04.10.2016 Образование

Училиште дома - Бугаринот Петер Порумбачанов со сопругата дома си ги учат четирите деца

Домашното образование е легално во некои земји. Оние со најмногу ученици кои се образуваат дома наместо во училишта се Австралија, Канада, Нов Зеланд, Велика Британија, Мексико, Чиле и САД. Некои земји имаат регулирано домашно образование како продолжување на системот на задолжителното образование, а некои како Шведска и Германија целосно го забрануваат. И кај нас не е дозволено децата да учат дома, наместо во школо.



Во Бугарија од годинава законски е овозможено домашно образование, но само по истата програма како стандардното образование. Со Петер Порумбачанов, Бугарин кој со сопругата дома си ги школуваат сите четири деца разговаравме за предизвиците и препреките со кои се соочуваат секојдневно како и предностите на домашното образование. Тој е и претседател на Бугарската асоцијација за домашно образование. Вели дека за десеттина години во соседна Бугарија ќе има неколку илјади ученици кои ќе учат дома.

Факултети.мк: Кажете ни кои се предностите на домашното образование?
- Едно од најважните предности на домашното образование е индивидуалниот пристап во учењето. Секое дете е цела вселена и предизвик е да ги откриеме неговите таленти за да ги развиеме и стимулираме. Во конвенционалното образование тоа е тешко, бидејќи таму има утврдена програма која треба неизбежно да се следи. Покрај тоа, кога во една училна се собрани 20-30 деца тешко е, па дури и невозможно, да се обрне индивидуално внимание на секое дете. Семејството е доста флексибилна институција за разлика од гломазната државна машина, затоа лесно може да го смени правецот во образованието, почитувајќи ги темпото со кое детето го усвојува наставниот материјал. Кажано поедноставно, домашното образование е систем, во чиј центар стои детето и неговите потреби, а не државната образовна политика. Друга важна предност е слободниот образовен режим. Нема училишни ѕвона ниту наставни кабинети во кои се одржуваат различни часови. Нашиот наставен кабинет е целиот свет. Можеме да учиме секогаш и секаде, без разлика каде се наоѓаме. На крајот, учиме цел живот и главната цел е имено оваа - да ги воспитаме децата за љубов кон учењето.

Факултети мк: Кога решивте вашите деца да ги школувате дома, што беше пресудно за ова решение?

- Природната средина за децата е домот, семејството. Децата се раѓаат во семејства, а не во Министерството за образование и наука. Не познавам мало дете кое е одвоено од семејството без солзи. Зошто треба да му предизвикуваме на едно мало дете траума, да го вадиме од неговата природна средина - семејството? Доаѓа време кога децата сами го напуштаат домот, но тоа не треба да се случува, додека децата се 2-3 годишни, мислам дека е сурово да ги оставаме децата во градини на таа возраст, кога треба да се со родителите. Сиситемот на државното образование е неповратно застоен и заостанат во споредба со сето она што го носи времето во кое живееме. Денес информациите се лесно достапни и можеме да се обучиме сите и да најдеме корисни материјали на пристапна цена. Да не зборуваме дека со цената на една интернет такса имаме пристап до илјадници томови литература.



Пред 25 години тоа беше невозможно, но денес е лесно. Формата на државните училишта е едноставно застарена - таа е како парна локомотива во векот на млазниот мотор. Разгледувајќи ги сите овие факти, заедно со сопругата решивме дека ќе ги едуцираме децата дома. Ниедно од децата не ни одело во училиште. Погледнувајќи ги овие 20 години наназад убедени сме дека тоа беше правилна одлука.


Факултети мк: Имате четири деца кои дома ги образувате со вашата сопруга. Како изгледа еден ваш работен ден?
- Секој родител кој одлучил да преземе целосна одговорност за образованието на своите деца е должен да ги преуреди приоритете во животот. Да се биде родител не е привремено вработување, туку мисија и одговорност, која е поврзана со голем број жртви од страна на мајката и таткото. Прашањето што си го поставивме со мојата сопруга пред 15 години беше: Што е важно за нас, нашиот личен комодите или успешното образование на нашите деца? Одговорот беше лесен: Децата се многу поважни од нас! Затоа ја одвративме секоја идеја за кариера и се посветивме на своите деца. Одлуката ни беше јас да сум активно работникот, како маж и татко, за да се обезбедат финансии, а сопругата да е мајка и домаќинка со полно работно време. Обично јас излегувам наутро, околу 9 часот и одам на работа, а мојата сопруга им ги дели на децата задачите за денот. Најголемиот син, Георги, веќе заврши средно образование и сега му претстои апликација за Универзитет. Помалите деца Никола, Павле и Ралица имаат секојдневни наставни активности кои ги исполнуваат со големажелба, бидејќи им се сервираат интересно и природно.

Една од предностите на тоа да учиш во домот, е што секогаш може да го забавите темпото на одреден предмет и да го забрзате по друг, за да се усогласиш со темпото со кое детето го усвојува материјалот. Домашното образование е слободно образование - лесно е да решиме дека денес сите ќе одиме на излет или во некој друг град, за да ги разгледаме музеите и историските знаменитости - тоа не може да се случи во конвенционалното образование, таму нема слобода.

Факултети.мк: Каква програма имате за работа, како ги правите наставните планови и програми за учење?
- Сами ги бираме програмите за обука. Карактеристика на домашното образование е токму тоа, дека е 100 проценти под контрола на родителите. Постојат важни предмети кои се задолжителни, како Библијата, математика, бугарски јазик, англиски јазик, литература, физика, хемија, биологија и историја. Користиме претежно материјали на англиски јазик, бидејќи се многу поразновидни и поквалитетни. Користиме многу енциклопедии, литературни дела и доста често Интернет.



Сакам да истакнам нешто многу важно: академското знаење не се главна цел во домашното образование. Она што е важно за нас е да воспитаме деца со љубов кон учењето, да изградиме кај нив одобрен христијански карактер, да им помогнеме да се здобијат со вештини со пазарна вредност и да ги научиме да мислат логично и самостојно.

Факултети.мк: Дали им ставате и оценки по предметите, дали поттикнувате и компетитивни вештини?
- Се разбира, надворешното оценување е важно за нас. Глупаво е да мислиме дека ние, како родители сме последната инстанца и дека секогаш сме во право. Ние исто така сме луѓе и е нормално да правиме грешки. Затоа за нас е важно да правиме надворешни тестови со кои го мериме напредокот во учењето на децата. Користиме секаков тип тестови на приватни организации. На пример SAT, CAT, IELTS и други тестови. Покрај тоа, децата учествуваат и во разни натпревари, во кои мерат своите знаења и вештини.

Факултети.мк: Дали учите и во групи со други деца, за да се развива и социјализацијата?
- Да, децата вежбаат активно и одат на натпревари по карате, имаат и победи и порази, сето тоа го воспитува кај нив натпреварувачкиот дух, гради дисциплина и им помага да се справат со различни предизвици. Покрај тоа, децата свират пијано и гитара, цртаат, играат со други деца фудбалот. Практично, децата ни се сосема нормално социјализирани, имаат многу пријатели со кои постојано се гледаат и си играат.

Факултети.мк: Домашното образование се озакони во Бугарија, нешто за што се боревте долго време како претседател на Асоцијацијата за домашно образование во Бугарија...
- Оваа година стапи во сила нов закон за образованието, во кој се дава можност децата да учат во своите домови. Во новиот закон е предвидена е самостојна форма на обука која им овозможува децата да учат во своите домови, но по државната образовна програма. Принципиелно тоа е добро и е чекор во вистинската насока, но нашата Асоцијација има многу реазлична визија за образованието, имено, дека образованието е пазарен производ кој не треба да биде воден од државата, бидејќи тоа е одземање на пазарната иницијатива и ограничување правата на граѓаните. Вистината е дека државата гледа на образованието како алатка за моделирање на личноста, тоа е социјален инженеринг, својствено за тоталитарните држави. Слободата во образованието е се уште далеку, но ние веруваме дека таа е можна и се бориме за неа. Важно е да се разбере дека семејството е постара институција од државата и целосно право е на семејството е да го избере начинот на кој ќе се образуваат своите деца. Децата не се државна сопственост!

Факултети мк: Имаат ли вашите деца кои се образуваат дома некакви проблеми во бугарското општество?
- Немаме никакви проблеми со општеството во Бугарија, напротив, изградивме добар јавен имиџ и луѓето во Бугарија не поддржуваат. Општеството на учениците кои се школуваат дома во Бугарија постојано расте, стануваме се повеќе и посилни. Убеден сум дека за 10 години во Бугарија ќе има неколку илјади домашни ученици. Ова е иднината на образованието.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование