X
 06.10.2016 Култура

За филм за бегалците, средношколци од Гевгелија добија награда во Њујорк

Интернационалниот видеофестивал „Плурал +“ го награди филмот „Граници“ на шестмина средношколци во конкуренција на 400 филма од цел свет


Филмот „Граници“ (Borders), што го снимија шестмина средношколци од Младинскиот клуб „Јоска“ при УЦ „Јосиф Јосифовски – Свештарот“ од Гевгелија освои две меѓународни награди на Интернационалниот видеофестивал „Плурал +“ во Њујорк. Станува збор за наградите „Плурал + Балкан“, како и награда на меѓународната мрежа „Скалабрини“. Филмот во конкуренција на 400 филма, влегол во 30 најдобри, во категоријата на младинци од 13 до 17 години. Фестивалот е поддржан од Алијанската на цивилизациите на Обединетите Нации и од Меѓународната организација за миграции.

-„Граници“ настана по иницијатива на учениците. Со краток извадок од филмот учествуваме на средношколскиот натпревар МАССУМ. Влеговме во финале, но освоивме само четврто место. Истиот филм само продолжен, но со иста идеја, го пративме на фестивалот во Њујорк. Наградата ќе биде доделена на претставници на македонската амбасада на ООН во Њујорк, а наша екипа, поради неможноста финансиски да се покријат трошоците за престој, не може да присуствува – вели Аврамов.

Филмот „Borders“ за потребите на фестивалот е работен на англиски јазик и обработува тема од бегалската криза и ситуацијата на децата во услови на мигрирање, објаснува професорот.

-Гевгелија лани беше обременета со проблеми и наплив од бегалци, како во периферијата, така и во градот. Постојано бевме сведоци на немили настани, а во такви ситуации не беа поштедени и децата-бегалци. Како екипа која го работеше филмот, постојано бевме со мислата дека децата не се виновни за состојбите што ги создаваат возрасните, па сакајќи да покажеме барем дел од она што се случува со нив, направивме неколку едноставни снимки и ги претворивме во филм. Не сакавме да бараме нешто посебно, туку нешто секојдневно – тоа што е пред нашите очи – објаснува професорот Аврамов, кој исто така и го монтираше филмот.




На филмот работеа: Филип Аблаков, Матеј Аврамов, Стефан Шапкарев, Сретен Илиев и Лазе Раманчев.Целата изработка ја направивме во училиштето.

Екипата на филмот го добила правото наредната година да учествува на меѓународниот проект „Danube Peace Boat 2017“ и на „Peace Literacy project“ и „Danube Waves Art Academy“.

PLURAL + е заедничка иницијатива помеѓу Алијансата на цивилизациите на Обединетите Нации и Меѓународната организација за миграции, со мрежа од над 50 партнерски организации кои ги поддржуваат напорите на креативните млади луѓе и дистрибуцијата на нивните видеа од целиот свет. Фестивалот се одржува од 2009 година и досега учествувале околу 1.300 учесници од 90 земји. Победничките видеа се прикажани во голем број на фестивали, кина и емитувани на познатите телевизиски канали.

Креативните видеа што ги изработуваат младите од цел свет обработуваат тешки прашања како што се: трговијата со луѓе, социјална маргинализација и расизам.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура