X
 10.10.2016 Настани

Помалку од две недели до почетокот на Самитот на Македонија2025

На 20 и 21 октомври во Скопје ќе започне Самитот на Македонија2025 кој по петти пат привлекува извонредни професионалци, експерти, претприемачи и инвеститори од повеќе од 20 земји во светот.  Организаторот го потврдува финализирањето на панелите и ги поканува на учество луѓето и компаниите кои се заинтересирани за ново знаење и напредок.



На Самитот ќе има 11 панел дискусии, 40 говорници, еден главен говор што ќе го одржи заменик Претседателот на истражувачкиот центар на ИБМ, Гурудут Банавар, формални и неформални собири. По минатогодишниот одличен впечаток што настанот го остави на повеќе од 300 посетители, организаторот Македонија2025 верува дека успехот ќе биде повторен земајќи во предвид дека настанот предизвикува сè повеќе интерес и кај регионалните компании.

Најактуелните теми што го привлекуваат вниманието на светската експертска и деловна јавност, и кои се вклопени во речиси сите настани од овој вид во главните градови низ светот, ќе бидат обработени и на Самитот во Скопје. На панел дискусиите ќе се зборува за поттикнување економски развој, употребата на обновливи извори на енергија, програмата на Европската Вселенска Агенција, примерот на Израел во поглед на економскиот развој, регионална и европска економска интеграција, иновации што ја редефинираат здравствената нега и давањето на услуги во оваа област, иднината на превозот, Македонија како развоен центар за паметни технологии, улогата на жените во развојот на лидерство и одржлива иднина, најновите технологии и нивната улога во промената на светот и многу повеќе.

На Самитот ќе зборуваат поранешниот Премиер на Грузија Ника Гилаури кој е познат како реформатор што поттикна значителен економски развој во неговата земја; Гиди Марк кој е извршен Директор на програмата за сплотување на еврејската дијаспора со Израел; потоа раководителот на одделот за меѓународна финансиска политика на Европската централна банка, Ливио Страка; Андреј Бабаче, директор на лондонската инвестициска куќа Мид Еуропа Партнерс; Рикардо Монти, претседател на Италијанската трговска асоцијација; Министерот за економски развој и технологија на Словенија, Здравко Почивалшек и многу други експерти од балканот, Европа и светот.

Од организаторот Македонија2025 потврдуваат дека сè уште можат да се регистрираат компании и поединци и да ги уживаат сите бенефити на самитот, настаните од официјалната програма, пешачкиот подвиг на Водно, натпреварот на млади претприемачи и едногодишни стартапи и многу повеќе. За подетални информации, целосна листа на говорници и регистрација за настанот, заинтересираните можат да се обратат на страната на Македонија2025.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Настани