X
 14.10.2016 Образование

Лоран Бајрами: Студентот од Скопје кој со шатор и ранец на грбот ги откриваше убавините на древна Персија

Младиот 20-годишен студент од Скопје без да познава никого, без сопатници, резервирано сместување и без еден куп пари во џебот летово се упати на тринеделно патување низ Иран.

Летото и завршувањето на испитната сесија се идеално време за многу студенти да патуваат во некоја странска земја, да се релаксираат на нови места и да запознаат нови култури. И додека повеќето студенти се упатуваат кон Барселона, Берлин, Амстердам или кон некои други популарни туристички дестинации користејќи ги студентските попусти што ги нудат европските земји, 20-годишниот скопјанец Лоран Бајрами избра сосема поинакво место за својата летна авантура – Иран.



Без да познава никого во оваа далечна земја, без сопатници, резервирано сместување и без еден куп пари во џебот, но со голема желба да ја запознае оваа култура, Лоран, којшто студира филмска и ТВ режија во Турција, се упатил на тринеделно патување низ древната Персија. - Немав некои посебни подготовки пред да тргнам на пат, освен изгледаните неколку документарци, прочитана една и пол книга и советите што ги добив од еден пријател кој минатата година отиде во Иран на сличен начин како и јас. Веќе подолго време сум фасциниран од персиската култура и нивната естетика на живеење и морав да ја запознаам и видам во живо. Тоа беше мојата мотивација за ова патување – раскажува Лоран.

Билет од 2.000 денари за релација од 2.400 километри

Неговото патешествие се одвивало со автобус од Скопје до Истанбул, од каде што го сменил автобусот со ирански, којшто го однел до Тебриз, главниот град на провинцијата Источен Азербејџан во Иран. Станува збор за град каде што генерално населението зборува турски и кој му бил појдовна станица за иранската авантура, во која полека од град во град стигнал до срцето на Персија, урнатините на Персеполис и градините на Шираз. Од Истанбул до Тебриз патувал околу 30 часа, кои му поминале брзо и лесно во удобниот автобус со 16 седишта. Билетот од Истанбул до Тебриз го чинел само 35 долари (2.000 денари), што е прилично евтино имајќи предвид дека станува збор за релација од 2.400 километри.

- Кога пристигнав во Тебриз веќе беше 20 часот и сѐ што имав со мене беше ранецот со вреќата за спиење, шатор и име на еден хотел каде би можел да се сместам. Луѓето беа гостопримливи и од голема помош. Доста ми помогна и тоа што зборувам турски, па како-така се разбиравме. На прв поглед градот ме освои со интересната архитектура, куќи од тули во беж боја, а неверојатен беше огромниот, најпознат пазар за теписи кој за жал не успеав да го посетам бидејќи за викенд (кај нив тоа е четврток и петок) беше затворен – раскажува Лоран.



Имајќи предвид дека Иран е исламска држава со шаријатско право, Лоран вели дека на улица не може да се видат жени со откриени делови на телото, освен лицето. Сепак, некои жени марамите ги носат и како моден додаток, па може да се сретнат во различни бои и дезени. За мажите важи правилото дека мораат само да ги покријат нозете.

- Тоа е мал проблем во лето во Иран, ама гледајќи ги покриените жени наоколу тоа баш и не е некоја голема причина да се жалиш - со насмевка вели Лоран.

За време на неговиот прстој во Иран, младиот скопјанец најчесто спиел во шатор. Иранците ја задржале номадската традиција кога налето од пустинските предели се селеле во планините поради пониските температури, а во зима обратно – од планините се враќале во пустините. Таа номадска традиција во денешно време се гледа во парковите во поголемите градови каде што цели семејства патувајќи од еден во друг град на одмор бесплатно поставуваат шатори.



- Дел од овие навики се должат на традицијата, а дел се резултат на финансиските тешкотии со кои се соочуваат Иранците. Овие паркови ја имаат сета потребна инфраструктура, освен тушеви и се сосема безбедни. Јас дури го оставав шаторот со торбата внатре кога одев на дневни прошетки и сѐ беше на свое место кога се враќав иако ова не би им го препорачал на туристите. Кампувањето покрај државни институции исто така не е препорачливо, може да ве сметаат за шпион. Јас во два наврати не знаејќи за ова се сместив покрај државни институции, но за среќа ништо лошо не се случи – вели Лоран.

Дуалистичка храна: топло-ладно, слатко-солено

Почнувајќи од Тебриз и околината, Лоран во следните недели ги посетил и Солтаније, Техеран, Кашан, Абјане, Исфахан, Јазд и Шираз. Најголем впечаток му оставиле куполата во Солтаније која е инспирација за прочуената купола на катедралата Санта Мариа дел Фиоре во Фиренца и секако Исфахан, престолнината од златната ера на Персија од 16 век со преубави палати, џамии, плоштади, пазари и ерменски цркви.

Впечатоците за Техеран, главниот град на Иран, се дека е огромен град кој најубаво ќе го запознаете преку некој локален жител кој ќе ви ги покаже сите прекрасни места и скриени локали. Билетите за културните локалитети за странците биле 6-7 пати поскапи отколку за Иранците. Со оглед на неговата идна професија, Лоран со задоволство го посетил и Музејот на кинематографијата кој е сместен во прекрасна палата, за кој едноставно вели дека е воодушевувачки. Не може да ја заборави една локална кафеана со црвени светла и превкусна храна.

- За храната во Иран не можам ни да говорам бидејќи таа мора да се вкуси за да се доживее. Само ќе напоменам дека во кулинарството Иранците се водат по дуалистичката филозофија на зороастријанизмот што значи две противречни сили: топло-ладно, слатко-солено – вели Лоран. Впечатокот за населението во оваа далечна земја е дека се многу фини, особено кон странци, што не е случај меѓу локалците кои меѓусебно не си веруваат. Според Лоран, тоа веројатно е последица на конзервативниот и строг режим со морална полиција со кој секојдневно се соочуваат. - Јас имав одлично искуство со тамошните луѓе. Во неколку наврати бев и гостин во нивните домови запознавајќи ги луѓето на улица и знам дека не сум единствен со вакво искуство. Кратко време патував низ земјата со еден многу интерес Грк кој со велосипед патуваше до Кина и во многу наврати имаше гостопримливи понуди од луѓето во Иран. Тој ова го објаснуваше велејќи : “ Јас сум вонземјанин за нив. Колку често гледаат Грк на велосипед со развеани знамиња на сите земји кои попатно ги посетил“ – раскажува Лоран.



По враќањето, младиот скопјанец пресметал дека тринеделниот престој во Иран го чинел околу 300 евра вклучително со превозот, што воопшто не е скапо. Лоран напоменува дека патувањето можело да го чини и помалку доколку бил пофлексибилен со превозот, односно ако патувал автостоп. - Автостоп и couchsurfing се одличен начин да се патува и во овие краишта од светот. За време на моето патување запознав еден пар од Полска кој беше решен да стигне до Индија на овој начин – ја завршува својата интересна приказна Лоран.

Тој на сите млади луѓе желни за авантура им препорачува да ја изберат својата дестинација од соништата, да направат добар план и без премногу пари може да ја посетат.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование