X
 18.10.2016 Економија

Доходовен бизнис: Специјализирани фирми се борат со авиокомпаниите да ги обештетат патниците за доцнење на летовите

Најголем дел од овие специјализирани компании работат само на случаи кои се однесуваат на летови од и кон земји кои се членки на ЕУ. Сепак, има и такви што застапуваат патници кои летале од аеродроми во ЕУ кон воздушни пристаништа во земји кои не се членки на ЕУ.



Авиокомпанијата неоправдано ви го одложила летот повеќе од 3 часа, па сте го пропуштиле врзаниот лет, одморот ви се скрати за еден ден, не сте стигнале на закажаниот состанок, завршила свадбата на која требаше да присуствувате? За сѐ ова имате право да барате отштета, но не мора сами да се натегате со авиокомпанијата. Во европските земји се повеќе се отвораат специјализирани компании кои во ваше име ќе се борат со авиокомпаниите за да ви исплатат отштета без оштетените патници да мрднат со прст. Се разбира, за одреден процент.

Најголем дел од овие специјализирани компании работат само на случаи кои се однесуваат на летови од и кон земји кои се членки на ЕУ. Сепак, има и такви кои работат на случаи поврзани со одложувања на заминувања или пристигнувања само во Англија, како и мал дел компании кои застапуваат патници кои летале од аеродроми во ЕУ кон воздушни пристаништа во земји кои не се членки на ЕУ, но не и обратно.

Овие специјализирани компании ги застапуваат патниците во случаи кога летовите се одложени, целосно откажани или пренасочени, кога авиокомпанијата од одредена причина одбила да го превезе патникот или пак кога летот бил пребукиран и немало место за сите што купиле билети. Интересно е што овие компании се нафаќаат на случаи стари и до шест години, односно тоа е периодот во кој според европските регулативи, патниците имаат право да бараат отштета. Според овие регулативи, отштетата може да изнесува од 125 до 600 евра по патник, во зависност од далечината на летот и времетраењето на доцнењето.

Ваквите компании функционираат на тој начин што оштетениот патник им испраќа податоци за авиокомпанијата, бројот на лет и видот на проблемот со кој се соочиле. Понатаму компанијата ја презема работата во свои раце и преку адвокатски тим ја води целата постапка на жалба до авиокомпанијата. Повеќето вакви компании им наплаќаат на патниците само ако го добијат спорот. Во спротивно, не им наплаќаат ништо.

Речиси сите вакви компании на своите интернет страници ги информираат патниците за нивните права при летање со авиокомпании. Им укажуваат дека ако доцнењето или откажувањето на летот не се должи на временски услови, туку е поради некој пропуст на авиокомпанијата или, на пример, штрајк, патниците дополнително може и треба да бараат отштета. И покрај постоењето на европските регулативи со кои се штитат правата на патниците, особено во земјите од ЕУ, сепак авиокомпаниите најчесто наоѓаат начин да не им ги исплатат правдајќи се дека доцнењето или откажувањето било поради „виша сила“ или како аргумент го користат моментот дека барањето за отштета е застарено. Затоа овие компании кои посредуваат во споровите нагласуваат дека тие барања важат и по шест години од проблематичниот лет.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија